Македонија
Потребна е почеста дебата меѓу новинарите и пратениците
Потребна е почеста дебата меѓу новинарите и пратениците за подобрување на врската меѓу Собранието и медиумите.
Потребна е почеста дебата меѓу новинарите и пратениците за подобрување на врската меѓу Собранието и медиумите.Ова е главниот заклучок од тркалезната маса „Создавање подобра врска меѓу Собранието на РМ и медиумите преку отвореност и пристап до информации“ што денеска се одржа во Скопје.Петнаесетина новинари од печатените и електронските медиуми од Македонија со претставници на партиите на власта и опозицијата во македонскиот парламент, дискутираа за меѓусебната релација и интересот на јавноста за побрзо и поефикасно информирање за работата на законодавниот дом.Општиот впечаток е дека Собранието е една од најотворените државни институции за јавноста, особено во изминатите неколку години, но постојат и одредени меѓусебни забелешки.Новинарите што учествуваа на тркалезната маса посочија дека не можат секогаш да добијат изјава или став од поголемиот дел од пратениците по одредено прашање.Претставниците на парламентарните политички партии укажаа дека новинарите се оние што го креираат јавното мислење и јавноста следејќи ги извештаите во медиумите добива впечаток и создава мислење за работата на пратениците и на Парламентот и дека уредувачката политика на медиумите игра голема улога во тоа како информацијата ќе биде пласирана пред јавноста.Пратениците посочија дека медиумите речиси воопшто не ја следат дипломатската активност на парламентот.Организаторите на трибината, Вестминстер фондацијата и Високата школа за новинарство изминатиот период направија истражување на релација парламент – медиуми при што е дојдено до заклучок дека главни закани за парламентарното известување се постојната сопственичка структура на медиумите, влијанието на сопствениците и компаниите врз уредувачката политика, тоа што владата се јавува како значаен огласувач во тв секторот, како и тоа што дел од редакциите не обрнуваат доволно внимание на парламентарното известување.Истражувањето покажува дека иако е формално отворено за медиумите собранието не им обезбедува доволно услови и ресурси за работа на новинарите и бавно одговара на нивните професионални барања.Според друго истражување, речиси 50 насто од испитаниците во Македонија одговориле дека не се запознаени со работата на Собранието, а над 50 проценти сметаат дека информациите кои што ги добиваат преку медиумите им се доволни за да бидат во тек со најважните законски промени.Ова истражување покажа дека поголем процент од македонската јавност на собранискиот канал ги следи пленарните седници, а речиси воопшто не е запознаена со работата на собраниските комисии./крај/амп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.
Македонија
Сиљановска -Давкова: Мајчиниот јазик е чувар на семејната и национална традиција
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, што традиционално го организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во своето обраќање, претседателката нагласи дека мајчиниот јазик не е само инструмент за комуникација, туку и чувар на семејната и национална традиција, на духовното богатство и култура на еден народ. Таа посочи дека образованието на мајчин јазик има клучна улога во интелектуалниот и емоционалниот развој на поединецот, а почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност.
Говорејќи дека јазикот е темел на идентитетот, чувар на колективната меморија во којашто се запишани искуствата на минатите генерации и стремежите на оние кои доаѓаат по нас, Сиљановска-Давкова истакна дека овој ден не е само повод за одбележување на важниoт јубилеј, туку и потсетник за одговорноста што ја носиме кон јазикот како културно наследство и моќно мировно оружје.
Таа потсети на заедничката обврска да го развиваме и унапредуваме македонскиот јазик не само во образованието и науката, туку и во културата, политиката, медиумите и економијата, создавајќи услови за негов развој во чекор со современиот дигитален свет.
Според неа, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ имаше и има особено важна улога во промоцијата и заштитата на стандардниот македонски јазик.
За претседателката јазичната разноликост, како карактеристика на нашата држава, е вредно јазично богатство. Почитувањето и негувањето на јазиците, според неа, ја јакнее културата на дијалог и толеранција и помага во градењето општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.
Свечениот настан посветен на мајчиниот јазик, обедини претставници на академската заедница, државните институции и собра на едно место академици, професори и ученици, политичари, љубители на јазикот.
Посебна тежина и убавина на настанот му дадоа учениците од средните и основните училишта, кои рецитираа стихови од познати поети на своите мајчини јазици.
Македонија
Уапсени седум возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои тројца за возење без возачка дозвола, двајца за управување возило под дејство на алкохол и тројца со забрана за управување возило од Б категорија.
По еден возач во Скопје и Битола управувале возило без возачка дозвола, од кои возачот во Скопје е малолетник. По еден возач во Куманово, Велес и Неготино за управување возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Додека, по еден возач во Македонска Каменица и Струга управувале возило под дејство на алкохол. Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

