Македонија
Милошоски – Извештајот на ЕК ќе биде реален

„Се надеваме дека во извештајот на Европската комисија ќе биде реално вреднуван напредокот и постигнувањата на Република Македонија“
„Се надеваме дека во извештајот на Европската комисија ќе биде реално вреднуван напредокот и постигнувањата на Република Македонија“.
Ова синоќа во Истанбул го изјави шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски, кој исто така изрази надеж дека извештајот ќе содржи препорака за почеток на преговори.
„Во деновите што доаѓаат Република Македонија го очекува извештајот за напредокот на ЕК, којшто се надеваме ќе биде во тонот на нашите постигнувања и дека ќе резултира со одлука на Советот на ЕУ за почеток на преговори за членство“, нагласи министерот за надворешни работи во обраќањето на неформалниот состанок на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Милошоски притоа изрази надеж дека македонските соседи членки на Европската Унија, Грција и Бугарија, ќе го препознаат својот интерес и оти ќе настојуваат да добиеме позитивна одлука од Советот.
„Ја поздравуваме новата клима за преговори на Хрватска и овој пример покажува колкав може да биде придонесот на дијалогот. Искрено се надеваме дека Турција ќе направи исто така пресврт во преговорите со ЕУ“, рекол Милошоски додавајќи дека Македонија е подготвена да го пренесе своето искуство во делот на евроинтеграциските процеси на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија.
По состанокот, што заврши во петокот навечер, Милошоски имал неформални средби со колегите од Албанија и од Србија, Илир Мета и Вук Јеремиќ.
Вчера и покрај најавите на медиумите во Грција, Милошоски не се сретна со новиот грчки премиер Јоргос Папандреу на маргините на состанокот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Истанбул./крај/фо/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ ги соопшти имињата за градоначалници и во Тетово и Желино, за Гостивар ќе чека предлог од Таравари, а за Струга од Села

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, свика редовна седница на Централното претседателство на партијата, на која беа разгледани актуелните политички случувања во земјата и подготовките за претстојните локални избори.
Централното претседателство едногласно го именува Фатон Ахмети, генерален секретар на ДУИ, за шеф на Централниот изборен штаб.
Исто така, со целосен консензус беа потврдени кандидатите кои ќе се натпреваруваат за градоначалници и носители на советнички листи во повеќе општини:
Во Општина Тетово, кандидат ќе биде Бајрам Реџепи, потпретседател на ДУИ.
Во Општина Желино, кандидат ќе биде Гемир Сулејмани, претседател на општинската организација на ДУИ.
Во Општина Гостивар, носител на советничката листа ќе биде Валдет Џафери, претседател на огранокот на ДУИ. Во Општина Струга, носител на советничката листа ќе биде Фатон Пололжани, претседател на огранокот на ДУИ.
Во наредните денови, по завршување на внатрепартиските и коалициските консултации, ќе бидат потврдени дополнителни кандидати за останатите општини.
Од Алијансата за Албанците, преку Зијадин Села, се очекуваат предлози за кандидати за градоначалници во општините Струга, Харачина и Дебар, а од Арбен Таравари – за Гостивар, Врапчиште, Теарце и Сарај.
Од ДУИ велат дека остануваат посветени на фер, инклузивен и програмски силен изборен процес, а граѓаните се повикуваат како на референдум да ја потврдат следната победа на локалните избори.
Македонија
Бујар Османи ја објави кандидатурата за градоначалник на Чаир: „Не се работи за функција“

Бујар Османи од Демократската унија за интеграција (ДУИ) денес официјално ја објави својата кандидатура за градоначалник на општина Чаир. Одлуката, како што истакна, е резултат на долг период на консултации и сериозно преиспитување, донесена заеднички со луѓето што му се најблиску.
„Не се работи за функција. Они кои ме знаат, добро знаат дека сѐ што правам, во секој предизвик, влегувам искрено, влегувам целосно без никакви задршки. Се работи за одговорност кон сопствениот дом, затоа што граѓаните на Чаир не заслужуваат да живеат во супстандардни и небезбедни услови, не заслужуваат да бидат игнорирани и омаловажувани.“, порача Османи.
Тој истакна дека влегува во оваа трка со посветеност, посочувајќи дека сака иднината на децата во Чаир да биде подобра, а нивното секојдневие побезбедно и поквалитетно.
„На Чаир му се потребни промени вистински, длабоки и човечки промени. Знам дека тие промени не се лесни, и затоа долго размислував пред да ја донесам оваа одлука. Јас не бегам од тешки мисии, напротив, верувам дека со чесна намера, секојдневна работа и професионален пристап, можеме да го промениме Чаир. Да го вратиме достоинството и да отвориме нова страница, со врата што никогаш нема да биде затворена за граѓаните“, рече Османи.
На крајот од своето обраќање, им се заблагодари на сите кои му ја изразиле поддршката во изминатиот период.
Македонија
Сиљановска-Давкова го прими министерот за економија на Азербејџан, Џабаров

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со Микаил Џабаров, министер за економија на Азербејџан, на којашто беше потврдена спремноста за продлабочување на соработката во областа на економијата, но и во други сфери, како инфраструктурата и туризмот.
За соговорниците, потпишувањето Декларација за стратешко партнерство и пријателство, е неопходен чекор кон склучувањето договор за стратешка соработка во областа на енергетиката.
На средбата, министерот Џабаров ја информираше претседателката за подготвеноста на Азербејџан да потпише со нас договор за долгорочно снабдување со гас, со којшто азербејџанската национална нафтена компанија SOCAR ќе го зајакне присуството во регионот и уште еднаш ќе го потврди угледот како сигурен и доверлив снабдувач со енергетски ресурси на европскиот пазар.
За претседателката, оваа иницијатива гарантира сигурна енергетска транзиција кон Зелената агенда. Таа очекува приклучување кон ТАП (Трансјадрански гасовод), како потенцијално решение за справување со глобалната енергетска криза.
Со оглед на брзиот инфраструктурен развој на Азербејџан, претседателката изрази став дека азербејџанското искуство и експертиза може да ни помогнат за поефикасна реализација на тековните и идни инфраструктурни проекти.
Министерот Џабаров изрази подготвеност за помош на овој план, укажувајќи на позитивното искуство со неколку земји од регионот.
Соговорниците се согласија околу потребата од визна либерализација како важен и неопходен чекор за меѓусебно зближување.
Обајцата укажаа на потребата од иницирање партнерски проекти во сферата на туризмот.