Македонија
Македонија го одбележува светскиот ден на жртвите во сообраќајот
Светскиот ден на сеќавање на жртвите на сообраќајните несреќи за прв пат се одбележува во Македонија, во недела во Скопје на плоштадот Македонија
Светскиот ден на сеќавање на жртвите на сообраќајните несреќи за прв пат се одбележува во Македонија, во недела во Скопје на плоштадот Македонија.
Во одбележувањето, покрај Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, со свои програми се вклучени Министерствата за внатрешни работи и за здравство, Институтот за јавно здравје, Светската здравствена организација, Центарот за управување со кризи, Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Црвениот крст на Македонија и Авто-мото сојузот на Македонија.
Во Македонија во текот на 2008 година се случиле 4.408 сообраќајни несреќи со потешки последици. Во нив загинале 162 лица, а повредени биле 6.724 луѓе. Материјалната штета предизвикана со овие сообраќајни несреќи изнесува над 132 милиони денари.
Годишно 1,3 милиони луѓе во светот гинат во сообраќајни несреќи, додека над 50 милиони се повредени. Светскиот ден на сеќавање на жртвите на сообраќајните незгоди е прогласен од страна на Генералното Собрание на Обединетите нации./крај/со/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мартин Гоџо го фати крстот во Охрид
Мартин Гоџо од Варош го фати светиот крстот што денеска, на празникот Богојавление Водици, беше положен во осветените води на Охридското Езеро.
На церемонијата присуствуваше и заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој му честита на Мартин и се фотографираше со него.
„Би сакал да го честитам големиот христијански празник, Богојавление – Водици, за Охрид најголем празник. Драго ми е што имаме еден прекрасен ден, мислам дека имаше преку 20.000 луѓе кои се појавија на градското пристаниште, многу туристи, многу странци, што мислам дека многу значи за развој на градот и на туризмот и мислам дека ова што го прави општината предводена од градоначалникот Пецаков и со поддршка од Владата, ќе продолжи да дава резултати и во периодот кој што е пред нас. Да честитам на оној кој што го фати крстот, да посакам добро здравје, среќа, да го пратат во текот на годината и за убави работи да се гледаме“, рече Николоски.
Македонија
Мицкоски со владина делегација на Светскиот економски форум во Давос
Премиерот, Христијан Мицкоски, придружуван од висока владина делегација, од утре ќе учествува на 56 годишен состанок на Светскиот економски форум (WEF) во Давос, Швајцарија.
Овогодишниот форум, кој се одржува под мотото „Во духот на дијалог“, обединува над 65 шефови на држави и влади, со цел изнаоѓање решенија за најгорливите глобални предизвици.
Премиерот Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со претставници на водечки светски корпорации и финансиски институции, презентирајќи ги поволностите за инвестирање во македонската економија, со посебен фокус на енергетиката и технологијата.
На панел дискусиите поврзани со одржливиот развој, во кои ќе учествува македонската делегација ќе ги презентира стратешките планови за енергетска трансформација и инфраструктурно поврзување на регионот.
За време на самитот, премиерот Мицкоски е предвидено да учествува на затворени сесии за лидери, како и на јавни дебати фокусирани на вештачката интелигенција, енергетиката и новите патишта за економски раст во Европа.
Владината делегација во Давос ќе оствари средби и со високи државни претставници и претставници на меѓународните организации, со цел забрзување на реформските процеси и обезбедување поддршка за клучните национални проекти.
Македонија
(Видео) Роберт Шоповски го фати богојавленскиот крст во Елшани
Жителите на Елшани и годинава традиционално во раните утрински часови го одбележаа големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Во 5 часот започна утринската богослужба во селото, на која присуствуваа повеќе стотини жители. По осветувањето на леб и вода, на сред село, во изворските води беше извршен чинот на фрлање на светиот крст.
Среќниот фаќач на богојавленскиот крст годинава беше Роберт Шоповски.
Како спомен на настанот, Шоповски доби пригодни подароци од страна на месната заедница и црквата „Свети пророк Илија“.
Одбележувањето на Богојавление во Елшани продолжи со народен собир и оро на сред село, каде старите и новите кумови послужуваа топла ракија и бонбони. Празнувањата продолжија и во текот на денот со традиционални светојонски трпези кај старите кумови, проследени со песна и игра.

