Македонија
Врховниот суд поништил пресуда со која бранител треба да ги врати парите
Врховниот суд поништил пресуда со која бранител од конфликтот во 2001 година треба да ги врати парите, што со предходна судска пресуда му беа исплатени како одштета.Ова во неделата на прес конференција во Скопје го објави претседателот на здружението „Достоинство“, Стојанче Ангелов.
Врховниот суд поништил пресуда со која бранител од конфликтот во 2001 година треба да ги врати парите, што со предходна судска пресуда му беа исплатени како одштета.
Ова во неделата на прес конференција во Скопје го објави претседателот на здружението „Достоинство“, Стојанче Ангелов.
Тој на новинарите им ја покажа пресудата на Врховниот суд, по жалба на бранител од Прилеп, со која се поништува одлуката на пониските судски инстанци, според која бранителот треба да и ги врати парите на државата, што ги добил на име на одштета.
„Врховниот суд донесе одлука со која ја укина пресудата на Апелациониот суд во Битола и предметот го врати на второстепениот суд на повторно судење, рече Ангелов.
Притоа Врховниот суд констатирал дека второстепениот суд сторил суштествена повредена на членот 205 од законот за парнична постапка.
Врховниот суд упатил насока при повторената постапка да се има в предвид членот 205 од Законот за облигациони односи, односно дека не може да се бара враќање на неосновано платен износ на име надоместен на штета поради повреда на телото, нарушување на здравјето или смрт, доколку наплатата е извршена на совесен прибавувач.
Истовремено Врховниот суд побарал судот да има в предвид дека парите тужениот ги примил во извршна постапка врз основа на правосилна извршна пресуда.
Тоа значи дека Врховниот суд смета дека воените инвалиди и семејствата на загинатите не требале да земат оштета, но кога веќе ја земале оштетата, тие во согласност член 205 не треба да ја враќаат, бидејќи ја земале како надомест на штета, поради повреда на телото или смрт, рече Ангелов
Тој појасни дека втората причина поради која Врховниот суд смета дека бранителите не треба да ги вратата парите е дека тие биле совесни прибавувачи, бидејќи парите ги земале врз основа на правосилна судска пресуда.
„Забуна на целата ситуација претставува што Врховниот суд пред пет месеци ја донел оваа одлука. Поставуваме прашање што чекала Владата, кога знаела цело време дека има ваква пресуда“, изјави Ангелов.
Тој запраша дали владата тактизирала и се обидувала болката и страдањето на бранителите да ги употреби за истовремено да ги обештети ветераните на ОНА и изнесе претпоставка дека се работи за притисок на албанскиот коалициски партнери.
„Бидејќи Врховниот суд и ја заврши работата на владата ние сепак бараме владата да ги повлече преостанатите тужби како знак на добра воља и да се обештетат преостанатите бранители, кои не се обештетени“, рече Ангелов.
Тој додаде дека бранителите бараат од владата ги ослободи од плаќање на партиципација за здравствени услуги, можноста да се пензионираат пет години порано и предност при вработувањето./крај/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ против работниците
„Пратениците на тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ застана против работниците, одбија зголемување на минималната плата на 600 евра и не гласаа за Законот на СДСМ. Се потврди она што го говори СДСМ цело време. За ВМРО-ОКГ/ЗНАМ важни се само криминалните тендери и луксузирањето а работниците и граѓаните се неважни“, соопшти СДСМ.
„Има пари за нивните 161 тендер за една фирма, за 51 тендер за друга, има пари за 74 тендери за трета, има пари за 1,2 милиони евра за фирмата блиска до ЗНАМ преку Пошта.
Нема пари за работниците, има само за луксузирање и криминални тендери.
Владата на Мицкоски постојано се задолжува, пари обезбедуваат врз грбот на народот ама за криминални тендери а не сакаат да обезбедат пари за плати за работниците.
Одбивањето на законот е директен удар врз животниот стандард на граѓаните и на над 200 илјади работници. Во услови кога синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, кога храната, струјата и основните трошоци растат од месец во месец, ВМРО-ОКГ ги изневери работниците.
СДСМ понуди реално и одржливо решение – со ребаланс на Буџетот и пренамена на пари од луксузи, како мебел, коли, авион, да се обезбедат пари за 600 евра плата, како што заслужуваат работниците.
СДСМ нема да се откаже. Ќе продолжиме да се бориме за поголеми плати, за работниците, за граѓаните“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај во официјална посета на Македонија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре, 27 февруари 2026 година, петок, ќе биде домаќинка на претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, кој ќе престојува во официјална посета на земјава.
Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Македонија
„Зошто Тренчевска и СДС го штитат Артан Груби и дали поранешните функционери на СДС се исплашени од неговите искази“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Соработката и партнерството на СДС со екс вицепремиерот Артан Груби излезе на површина. СДС со години молчеа и го толерираа милионскиот криминал на Груби се со цел да останат ден повеќе на власт и да не им се растури коалицијата со ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Милионски криминали и злоупотреби се случувале во Државна лотарија под покровителство на СДС и ДУИ. По апсењето на Артан Груби, СДС се во целосна конфузија и нервоза пoради стравот од сведочењето на Груби и евентуалните искази што би можело да допрат и до поранешни високи функционери на СДС.
Изјавата на потпретседателката на СДС, Јованка Тренчевска, дека одлуките на Владата биле колективни и дека доколку се утврди вина „сите треба да одговараат“, отвора сериозни прашања. Дали ова претставува индиректно признавање на одговорност? Дали станува збор за обид за релативизирање на индивидуалната вина?
Дали СДС застанува во одбрана на Артан Груби и дали раководството на партијата е подготвено да понесе колективна одговорност за одлуките донесени во време на нивното владеење?
Јавноста има право да знае. Дали СДС го брани Груби во врска со наводите за штета од над 8 милиони евра врз државниот буџет?
Дали поранешните функционери се подготвени да застанат пред органите на прогонот и да ја докажат својата невиност?
Зошто по отворањето на случајот се менуваат ставовите и реториката?
Очекуваме надлежните институции да постапуваат професионално, транспарентно и без селективност. Одговорност мора да има, без разлика на функција, партиска припадност или политичко влијание.
Граѓаните заслужуваат правда, отчетност и целосна транспарентност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

