Македонија
Наумовски-Македонија не прифаќа ултиматуми и уцени

Македонија не прифаќа ултиматуми и уцени, а македонскиот народ никогаш нема да се согласи на сопствено обезличување.
Македонија не прифаќа ултиматуми и уцени, а македонскиот народ никогаш нема да се согласи на сопствено обезличување. Ова во среда на прес конференција во Владата го изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања Васко Наумовски, коментирајќи ја одлуката за Брисел за одложување на датумот за старт на пристапните преговори. „Нашиот став е и ставот што го дели Европската комисија дека сите отворени прашања треба да се решаваат во насока на остварување на заедничкиот европски интерес, а не со уцени и ултиматуми. Апсурдно е од една држава да се бара да се промени нејзиниот идентитет со цел да влезе во ЕУ, која во суштина е заедница на различни идентитети и токму тука лежи нејзиното најголемо богатство“, истакна Наумовски. Тој потенцираше дека на средбата на Советот на министри стана јасно дека Македонија има повеќе пријатели во ЕУ отколку што многумина мислеа. „Ние ќе продолжиме со нашата битка заедно со граѓаните за да обезбедиме напредок и европска перспектива за нашата држава. Битка за европска Македонија која ќе ги чува вистинските европски вредности. Македонските граѓани ќе го добијат она што го заслужуваат живеење според европските стандарди и европска иднина на нивната држава“, рече Наумовски. Тој истакна дека Владата по препораката од ЕК, продолжува со зацртаните планови за рефомските процеси, пред се за да се создаде посилно и поконкурентно македонско општество и да се овозможат директни придобивки за македонските граѓани. /крај/бд/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје во недела

СВР Скопје известува дека на 11.05.2025 (недела) со почеток во 08.30 до 10.30 часот поради одржување на улична трка на 10 км, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Трката ќе започне со стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, а натпреварувачите ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански Одреди“, десно (во десниот коловоз кон н.Ѓорче Петров) до мост Влајко каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“ каде што вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација-Фонтана на бул.„Илинден“.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
Македонија
ЕСМ: Пустошот што го остави СДСМ во РЕК Битола не е можно да се надмине преку ноќ

Наместо да преземе одговорност за затекнатите лоши состојби во РЕК Битола и да се огради од нивните кадри кои во моментов се или во притвор или во бегство, СДСМ се дрзнува да критикува за состојби директно создадени од нив. Предизвиците во производството на електрична енергија, особено во РЕК „Битола“, се токму благодарение на погрешните и нечесни политики што ги водеше СДСМ во ЕСМ и во најголемиот рударско-енергетски комбинат, реагира ЕСМ на обвинувањата на СДСМ.
Од таму велат дека актуелното раководство затекнало состојба на хаос, празни депонии на јаглен, уништени рудници во кои се работело надвор од рударските проекти, запоставена рударска механизација, несоодветно одржувани капацитети и нереализирани редовни ремонти.
„Таму, вработените, за време на грејната сезона, па и во моментов, деноноќно функционираат во состојба на готовност за да се справат со сите предизвици и несоодветно одржуваната техничко-технолошка опрема“, се вели во реакцијата.
Од ЕСМ велат дека СДСМ функционира врз основа на шпекулации и фабрикувани полувистини.
„Да потсетиме, и пред пет месеци, среде грејна сезона, тврдеа дека РЕК Битола само што не колабирал. Сепак, фактите ја демантираат опозицијата. И покрај сите затекнати проблеми, во првиот квартал годинава ТЕ Битола произведе 11,6% повеќе електрична енергија во споредба со истиот период лани кога кадрите на СДСМ управувале со комбинатот. За истиот компаративен период, трошоците за ископ на јаглен се намалени за 60 проценти, додека производната цена на РЕК Битола е намалена за 33 евра за произведен мегаватчас. Да потсетиме, според „успешното“ менаџирање на СДСМ, во првото тромесечие лани цената на производството од РЕК Битола изнесуваше 126,66 евра, додека за истиот период изнесува 96 евра. Во однос на ремонтните активности, тие почнаа минатиот месец и се одвиваат во согласност со планот“, пишува во реакцијата.
Во енергетиката, додаваат од ЕСМ, особено во капацитети како РЕК Битола, не постојат инстант решенија и санација на состојбите преку ноќ. „Она што СДСМ го уништи за седум години, е невозможно да се санира во краток рок. Напротив, со посветен пристап и макотрпна работа, се преземаат системски мерки за целосна стабилизација на работните процеси. Впрочем, и резултатите го потврдуваат тоа“, велат од ЕСМ.
Македонија
Се воведува „One Stop“ систем на преминот Табановце – Прешево

Министрите за внатрешни работи на Македонија и Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ, денеска во Белград потпишаа договор за воспоставување на заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Табановце – Прешево кој треба да овозможи имплементација на „One Stop“ систем со цел побрз транспорт на луѓе, повеќе трговија, туризам и пријателство меѓу двете држави.
„На мое огромно задоволство го потпишавме договорот врз основа на кој нашите две држави ќе имаат заедничка контрола на граничниот премин Табановце-Прешево со што ќе овозможиме побрз трансфер и проток како на стоки и услуги, така и на луѓе на нашата граница. Со имплементација на системот очекуваме за двојно да се забрза трансферот на луѓе, а по потпишување и ратификација на договорот ќе можеме да започнеме со тест фазата од аспект на техничко решение и се надеваме дека пред почетокот на летната сезона ќе можеме и официјално да го ставиме во функција и да го забрзаме протокот на луѓе.“, потенцираше министерот Тошковски.
Тошковски нагласи дека продолжува и понатаму одличната соработка со српската полиција во борба против сите видови криминал и во текот на оваа летна сезона ќе продолжи проектот за размена на полициски службеници на Србија во Охрид и македонски полициски службеници на настани коишто ќе се одржуваат во Србија.
Дачиќ потенцираше дека целта на овој договор е можност уште повеќе да им се помогне на граѓаните полесно да ги преминуваат граничните премини и со тоа да се олесни протокот на луѓе и материјални добра.
„Денес го потпишавме договорот меѓу двете влади за воспоставување на заеднички контроли за меѓународен патен сообраќај Прешево-Табановце каде воспоставуваме нов процес на работа кој има за цел поедноставување на комплетната процедура на граничните проверки така што полициските службеници на земјата домаќин ќе бидат овластени покрај влезната гранична контрола на својата земја ќе ја извршат и излезната гранична контрола на соседната земја. Така го воспоставуваме „One Stop“ системот со едно место на контрола.“, нагласи министерот Дачиќ.
„One Stop“ системот неодамна беше имплементиран со Косово на граничниот премин Блаце-Елез Хан, ќе следува имплементација и со Република Албанија, така што Македонија ќе го има имплементирано овој систем со сите земји-соседи кои не се дел од Европската Унија.