Македонија
Маврово работи, Шапка изненадена од снегот – Кожув затворен
На скијачкиот центар Заре Лазаревски се отворени сите три жичарници и 11 ски лифтови. На Попова Шапка се изненадени од снегот и центарот делумно функционира додека Кожуф е недостапен поради проблеми со пристапниот пат.
Бедна е зимската понуда од ски центрите во Македонија. Од неколкуте ски центри во Македонија, функционира само Маврово, и некои помали центри како Осогово, чии два ски лифта работеле предходниот викенд. Крушево исто така работи но снегот не е доволен за скијање под жичарата.
На скијачкиот центар Заре Лазаревски се отворени сите три жичарници и 11 ски лифтови, а после интензивните снежни врнежи што почнаа да паѓаат во вторник наутро патеките забрзано се подготвуваат. Таму во моментов има 40 сантиметри снег.
“Потребно е еден ден новопаднатиот снег да се обработи и да ферментира по што ќе биде подготвен за скијање. Машините за обработка на снегот работат со полн капацитет за да ги подготват терените во пресрет на двата неработни дена кога очекуваме и наплив на гости”, рече Иван Симески од скијачкиот центар Заре Лазаревски на Маврово.
Дневната карта со неограничен пристап до терените и ски лифтовите таму чини 1.300 денари за возрасни и 900 за деца.
Од планинарскиот дом на Шара Ски пак велат дека и тие забрзано го обработуваат снегот и се подготвуваат за прием на гостите што ќе дојдат за време на празниците.
„Сите терени и ски лифтови се отворени и подготвени за скијање. Снегот кој од утринава интензивно паѓа уште од 6 часот се обработува со ратраци. Пристапот до зимскиот центар е комплетно прооден“ – рече Ивица Наумовски од планинарскиот дом Шара Ски.
Но, наспроти ваквите информации гостите на Попова Шапка се жалат дека често добиваат погрешни информации за подготвеноста на терените. Во моментов работат само ски лифтовите Тетекс и Аеродром.
Во моментов на Шапка има 70 сантиметри снег , а екипи на Македонија пат го расчистуваат приодот до скијачкиот центар. Дневната карта таму ќе чини 800 денари, а полудневната 600 денари.
На скијачкиот центар Кожув сеуште е неизвесно дали оваа сезона ќе има скијање. Во известувањето од веб сајтот Ски-Кожув се вели дека поради свлечишта на земјиштето на техничкиот пат, кој во предходните две години се користеше за пристап до скијачкиот центар е ризичен и тешко прооден. Тоа за Макфакс го потврди и Љубинко Петров од Ски Кожуф.
Ски лифтовите и патеките се затворени, а бројот на гостите е сведен на минимум./крај/вм
Фото: Попова Шапка за време на Новогодишните Празници/Анита Палческа за Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

