Македонија
Државата не е пред банкрот
Средствата за исплата на пензиите се веќе префрлени, со што сите пензионери ќе можат во текот на денот да си ги подигнат парите, додека исплатата на социјалната помош беше комплетирана во понеделник.
Средствата за исплата на пензиите се веќе префрлени, со што сите пензионери ќе можат во текот на денот да си ги подигнат парите, додека исплатата на социјалната помош беше комплетирана во понеделник.
Ова беше соопштено во вторник на заедничката прес-конференција на министерството за финансии и на министерството за труд и социјална политика, на која беа демантирани гласините дека државата се наоѓа пред банкрот.
„На првиот работен ден од месецот исплативме средства во износ од 94 милиони денари (1,55 милиони евра), за социјална помош за лицата што користат туѓа нега, а веќе денеска се исплаќаат пензиите изјави министерот за финансии Зоран Ставрески..
Мораме да ги разочараме сите оние кои излегоа на насловните страни со некои други дезинформации. Пензиите се исплаќаат денеска и во текот на денот ќе бидат пренесени на трансакционите сметки на пензионерите“, додаде Ставрески.
Тој рече дека нема да биде малициозен и да излезе со оценка дека некоја фирма е пред банкрот, ако се уште не ги исплатила платите, како што одредени медиуми вчера констатираа за државата.
„Буџетот се наоѓа во добра кондиција. Имајќи ги предвид сите услови и општата криза во светот во 2009 година, успешно и навремено се исплаќаше целата социјална помош пензиите и платите“, изјави министерот за финансии Зоран Ставрески.
Тој додаде дека во минатата година пензиите редовно се исплаќале, за разлика од пред три-четири години, кога пензиите се исплаќаа меѓу 15-от и 20-от ден во месецот.
Ставрески информираше дека буџетските приходи во декември биле исклучително добри, односно најдобри за целата измината година.
Наплатата на буџетските приходи во декември била 99,6 отсто во однос на планот, а во споредба со истиот месец од 2008 година, приходите биле поголеми за близу 28 отсто, информираше Ставрески.
Буџетскиот дефицит во Македонија во 2009 година бил 2,77 отсто од БДП, покажуваат прелиминарните резултати, што претставува втор најнизок буџетски дефицит во Европа.
„Сето тоа создава добра подлога за почетокот на 2010 година, за да можеме со фискална стабилност да влеземе во годината и редовно да ги исплаќаме сите потреби што се подмируваат од буџетот“, изјави Ставрески.
Тој изрази уверување дека и платите на јавната администрација ќе бидат исплатувани до десетиот ден во месецот. /крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

