Македонија
Пахор: Ќе и бидам адвокат на Македонија за влез во ЕУ и НАТО
Нема промена на позитивниот став на Словенија за влез на Македонија во НАТО и ЕУ, изјави словенечкиот премиер Борут Пахор по средбата со македонскиот колега Груевски, додавајќи дека Словенија и натаму ќе и дава силна поддршка на Македонија.
Нема промена на позитивниот став на Словенија за влез на Македонија во НАТО и ЕУ, изјави словенечкиот премиер Борут Пахор по средбата со македонскиот колега Груевски, додавајќи дека Словенија и натаму ќе и дава силна поддршка на Македонија и ќе се обиде да и помогне што поскоро да добие датум за преговори за влез во Европската Унија и НАТО. Според Пахор, членството не е само во нејзин интерес на Македонија, туку ги засега и Словенија и ЕУ, но важно е прашањето со името меѓу Скопје и Атина да биде затворено поскоро. „Основната причина поради која сум во Македонија е да ги отстранам сомнежите на македонската, словенечката но и грчката јавност дека Словенија го смени позитивниот став за вклучувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО“, рече словенечкиот премиер Пахор. Премиерот Груевски се заблагодари за поддршката и особено го поздрави гестот на Словенија која кон крајот на ноември минатата година пред Советот на министри предложи визната либерализација за Македонија да стартува од 19 декември 2009 година. „Со Љубљана имаме соработка на многу полиња, во коишто, понекогаш по наше барање, некогаш по барање на ЕУ Словенија и помага на Македонија“ изјави премиерот Груевски. Освен за спорот за името на Македонија со Грција , двајцата премиери разговараа за продолжување на економската и политичка соработка. Словенија е деветта држава по вредноста на инвестициите во Македонија и според Пахор соработка во иднина ќе се интензивира. /крај/ит
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

