Македонија
Месечен извештај на ТМ за борба со криминалот и корупцијата

Случаите со разрешениот директор на државниот пазарен инспекторат, патот кон НАТО и ЕУ низ призмата на буџетот за 2010, мистеријата околу велешката Топилница, како и партизираното
Случаите со разрешениот директор на државниот пазарен инспекторат, патот кон НАТО и ЕУ низ призмата на буџетот за 2010, мистеријата околу велешката Топилница, како и партизираното донесување на законите влегоа во декемврискиот извештај на невладината Транспарентност во врска со состојбата со корупцијата и криминалот во Македонија.
Според Транспарентност Македонија(ТМ), разрешувањето на Сашо Аќимовски од позицијата директор на државниот пазарен инспекторат е партиска директива во која се вмешани високи функционери на власта.
Тие ги повторија гласините во јавноста дека станува збор за монтиран случај во кој сопственик на ноќен клуб близок до власта му се одмаздува на директорот кој не покажал ефикасност во затворање на конкурентски објекти.
За ТМ, во целиот случај сомнителна е и изјавата на премиерот Никола Груевски кој рече дека Аќимовски е сменет поради политичка и морална одговорност, а не поради сомнеж за корупција и криминал во оваа висока државна институција.
Тие исто така запрашаа дали власта преку одделните инспекторати врши организиран притисок и зема рекет од македонските бизнисмени. Во врска со ова, од ТМ потсетија на случајот со кочанските угостители кои протестираа бидејќи постојано биле жртви на рекет.
Со анализа на буџетот за 2010 јасно се гледа дека владата не планира да ги интензивира, туку да ги намали активностите што водат кон интеграција во ЕУ, велат од Транспарентност Македонија.
Од таму обвинија дека владините ресори одговорни за интеграцијата во ЕУ, оваа година ќе добијат помалку буџетски средства во споредба со 2009 година и дека на тој начин Владата полека се откажува од НАТО, ставајќи го членството во алијансата во втор план.
За транспарентност сомнителен е и случајот со велешката Топилница бидејќи никој не знае кој е сопственик и дали планира да ја рестартира фабриката. ТМ упати повик до општина Велес и министерството за животна средина да ги информира граѓаните за тоа кој стои зад Топилницата.
Партизираното донесување на законите е уште една од забелешките на која укажаа од Транспарентност Македонија. Тие потсетија на обидите за притисоци врз Уставниот суд од страна на власта откако оваа судска инстанца поништи неколку законски иницијативи иницирани токму од Владата.
13:49:48Од ТМ запрашаа и дали некој во 2009 година ја видел Државната комисија за спречување корупција или дали барем слушнал нешто за неа./крај/вм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.