Македонија
Протест против проектот „Скопје 2014“
Повеќе од илјада граѓани го поддржаа протестот против проектот на владата и општина Центар – „Скопје 2014“, што денеска се одржа на плоштадот Македонија во организација на НВО „Плоштад Слобода“.
Повеќе од илјада граѓани го поддржаа протестот против проектот на владата и општина Центар – „Скопје 2014“, што денеска се одржа на плоштадот Македонија во организација на НВО „Плоштад Слобода“. На протестот беше забележливо големото присуство на полицијата, а присутни беа и повеќемина јавни личности, политичари и интелектуалци кои не се согласуваат со започнатиот проект за „новото“ Скопје.„Денешниот протест има за цел да покаже колку луѓе се против намерата на владата и на градоначалникот на Општина Центар да го уништи скопскиот плоштад и централното скопско јадро. Ние сме презадоволни од посетеноста бидејќи успеавме за само два дена да собереме над илјада луѓе на плоштадот кои ја поддржуваат оваа иницијатива“, изјави Никола Наумовски од „Плоштад Слобода“- организаторите на протестот. Според него, власта нема пари за реализација на овој проект.Артан Груби, претседателот на граѓанското движење „Разбуди се“, не се согласува со проектот „Скопје 2014“ бидејќи, според него, проектот ги руши меѓуетничките и меѓуверските односи помеѓу двете најголеми заедници во Македонија и дека „сценариото на владата наликува на филмот 2012 и сака да го уништи Скопје“.На протестот беа поделени и спрејови од страна на организаторите, за присутните да можат слободно да го изразат својот револт на, според нив, „илегално поставените“ лимови на плоштадот, и набргу потоа беа преполни со графити како „Жена парк, без жени“, „Исус бил демократ“, „Скопјаништа бре!“ итн.Ивана Драгшиќ, од „Плоштад Слобода“ изјави дека визијата за Скопје во 2014 е неприфатлива и тие ќе се борат против неа. „Се зборува за стотици милиони евра во период кога Македонија има 300 илјади невработени и во Македонија децата сè уште низ некои училишта во земјата учат во земјанки. Има многу поважни работи кои треба да се средат и ако сакаме да го зачуваме заедништвото не треба да промовираме проекти кои што предизвикуваат верска и етничка нетрпеливост. Оваа идеја е мачоистичка и ги вклучува само мажите, бидејќи во ниедна од скулптурите не е претставена жена или пак Албанец, Турчин или било кој друг претставник на било каква општествена група во нашето општество“, вели Драгшиќ.НВО „Плоштад Слобода“ најави и други акции и иницијативи со кои ќе се бори за да не се реализира проектот „Скопје 2014“. /крај/ко
Фото:Филип Поповски/Макфакс
Повеќе фотографии тука>>
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Предизборна политичка манипулација – Владата на ДПМНЕ ги скрати парите откако истера кампања
„Во екот на локалните избори, владата на Христијан Мицкоски одобри средства на општините, а дел од нив беа и од унгарскиот кредит, за капитални проекти од областа на културата. Со овие проекти градоначалниците на ДПМНЕ си воеда предизбопрна кампања помпезно најавувајќи „обезбедени пари“ и „загарантирани“ проекти, само уште народот да им даде глас. Само неколку месеци подоцна, на еден ден пред Нова година, истата таа Влада со потпис на премиерот ги скрати речиси сите средства. Со ова власта на ДПМНЕ ја разоткри својата вистинска намера која не е реализација на проекти во културата туку предизборна политичка манипулација“, велат од партијата Левица.
„Со кратењето, од првично планираните 135,5 милиони денари за 13 проекти низ општините, Владата остави само 14,8 милиони денари за три селективно избрани проекти, додека останатите меѓу кои мултикултурниот центар во Аеродром, заштита на скопска чаршија, Исарот во Штип, конзервација и реставрација на фрескоживопис на црквата во Мокрино и низа други останаа со нула денари и со предизборните фалби и фотографии на градоначалниците на ДПМНЕ. Ова е јасен доказ дека културата била злоупотребена како предизборен маркетинг наместо да биде третирана како јавен интерес.
Дека Владата на Мицкоски воопшто нема намера да инвестира во општините, за проекти од културата, дополнително говори и фактот што наместо да се обезбедат средства за 2026 и 2027 година, Владата со одлука ги пролонгира во 2028 година, што практично значи ставање на проектите во фиока и нивно тивко умирање.
Левица укажува дека ова е само уште еден пример за класична изборна измама. Прво се ветуваат и одобруваат средства за политички поени, а по изборите парите се кратат, а граѓаните повторно остануваат излажани. Бараме од Владата да одговори зошто ги укинува средствата за најавените проекти и кој ќе понесе политичка одговорност за ова грубо манипулирање со очекувањата на граѓаните?“, се вели во соопштението на партијата Левица.
Македонија
„Со Мицкоски Македонија е во ранг со Сомалија, САД ја запре обработката на визи“, велат од СДСМ
„Македонија е опфатена во одлуката на САД за суспендирање на обработката на визи заедно со уште 75 земји, меѓу кои Сомалија, Сирија, Гана, Руанда, Бутан, Нигерија, Иран, Русија…“, велат од СДСМ.
„Минатата година САД ги зголеми царините кон Македонија, сега од 21 јануари САД ќе биде суспендира и обработка на визи за македонските државјани.
Толку е периметарот на Мицкоски, ја доведе Македонија во ранг со Сомалија“, соопшти СДСМ.
Македонија
Фактот што Македонија е ставена на иста листа со Судан и Сомалија е длабоко поразителен и алармантен сигнал, смета Македонски концепт
Губењето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави претставува сериозна и потенцијално смртоносна закана за безбедноста, стабилноста и иднината на Република Македонија и македонскиот народ. За мала држава во чувствителен геополитички регион, ваквото нарушување на односите со клучниот стратешки сојузник значи институционална изолација, економска несигурност и директно слабеење на националната безбедност, велат од Македонски концепт.
Според нив, фактот што Македонија е ставена на иста листа со држави како Судан и Сомалија е длабоко поразителен и алармантен сигнал.
„Тоа не е случајност, туку последица на долгогодишна толеранција, па дури и институционална пасивност кон два опасни феномени: растечкиот верски радикализам на македонска територија и широко распространетото прокомунистичко и антизападно однесување и наратив во јавниот простор“, велат од Македонски концепт.
Од таму велат дека овие појави се директно спротивни на вредностите на НАТО, на западната цивилизација и на принципите врз кои се темели стратешкото партнерство со САД.
„Потребни се итни, проактивни и недвосмислени државни мерки, без калкулации и без идеолошки страв: забрана на носење бурки и верски манифестации во сите јавни институции, во име на безбедноста, секуларноста и јавниот ред; донесување посебен закон за спречување и санкционирање на верскиот радикализам и донесување закон за забрана на комунистичката идеологија, нејзините симболи и тоталитарното наследство, како идеологија која историски и суштински е спротивна на слободата, демократијата и западниот вредносен систем“, се наведува во соопштението.
Паралелно со внатрешните реформи, велат од Македонски концепт, Република Македонија мора да упати формален и аргументиран приговор до Соединетите Американски Држави за штетите предизвикани со ставањето на земјата на ваква листа.
„Како полноправна членка на НАТО, Македонија има право да се повика на Договорот за стратешко партнерство, со јасно барање истиот да се почитува и земјата веднаш да биде отстранета од таа листа. Македонија мора да избере, или ќе биде јасен и вредносно усогласен сојузник на САД, или ќе продолжи да тоне во сива зона на радикализам, идеолошки анахронизам и меѓународна недоверба. Среден пат, нема“, велат од Македонски концепт.

