Македонија
Нема пријавено исчезнати лица во лавината
Нема пријавено исчезнати лица по големата лавина и лизгање на земјиштето што се случи вчера во регионот на Долна Река, при што целосно е блокиран патот Маврово-Дебар.
Нема пријавено исчезнати лица по големата лавина и лизгање на земјиштето што се случи вчера во регионот на Долна Река, при што целосно е блокиран патот Маврово-Дебар. Надлежните служби засега немаат информации дали во моментот на лавината имало возила на делницата Ростушки мост-Жировница. Според првичните информации на стручните служби има над 70.000 метри кубни земја, камења, дрвја и снег, а само на патот има над 20.000. Реката Радика утрово е заматена и таа вчера по 14:30 часот во овој дел од нејзиниот тек беше пресечена за еден час, поради што дојде до девијација на коритото. Според Деар Лимановски од подрачната единица на „Македонија пат“, лизгањето на земјиштето е стабилизирано, а уште вчера попладне започнато е расчистувањето на наносите. Чистењето засега оди бавно, иако патот го расчистува механизација на „Македонија пат“, заедно со механизација на неколку поголеми претпријатија од регионот. Живко Алексовски, вработен во бензинската пумпа „Макпетрол“, која се наоѓа на само 200 метри од местото каде што се случи лизгањето, синоќа изјави дека тоа била најстраотната глетка во неговиот живот. „Прво се почувствува тресење на земјата, па помислив дека е земјотрес. Во следниот момент се слушна татнеж и кога излегов да видам што се случува, ме турна силен ветер што доаѓаше од планината која се рушеше…“, рече Алексовски. Тој додава дека пред само една минута видел како пред пумпата поминал минибус на превозното претпријатие „Ростуше“, кое доаѓало од Гостивар. /крај/мн/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

