Македонија
Ешерихија коли во Билјанини извори
Водата од Билјанините извори во Охрид не треба да се користи за пиење, затоа што е загадена со бактеријата eшерихија коли, која е опасна по здравјето на луѓето. Дополнителни анализи предстојат.
Водата од Билјанините извори во Охрид не треба да се користи за пиење, затоа што е загадена со бактеријата eшерихија коли, која е опасна по здравјето на луѓето.
Ова го покажале резултатите од последните анализи на Охридскиот институт за јавно здравје, направени кон крајот на јануари и почетокот на февруари.
„Вода во која што има и најмало присуство на било каква бактерија треба да биде забранета за консумирање. Ешерихија коли е фекална бактерија и секако дека би имала негативни последици на луѓето кои ја конзумираат водата, која е загадена со неа“ вели Атанаско Михаилов, директор на Институтот за јавно здравје во Охрид.
Според него, причината за присуство на оваа бактерија во изворите се должи на големите врнежи од дожд и несоодветната канализациска мрежа во населбите кои се наоѓаат непосредно над изворите.
„Населбата Рача и селото Велестово имаат несоодветна канализациска мрежа и отпадните води поради големите врнежи на дожд многу полесно дошле во допир со водата од изворите и ги загадиле. Додека не се обезбеди соодветно третирање на отпадните води од овие две населени места, тие секогаш ќе претставуваат потенцијална опасност за загадување на Билјанини извори“ објаснува Михаилов.
Од Комуналниот инспекторат при Општина Охрид, кои се надлежни за издавање на налози за испитување на водата во сливното подрачје на Охридското Езеро, велат дека извештајот, кој го добиле од Институтот за јавно здравје, не е доволен, за да се постави табла со предупредување дека водата од изворите не е за пиење.
„Ние издадовме налог и до Хидробиолошкиот институт да направи уште една анализа на водата од Билјанините извори, затоа што сметаме дека таму имаат посоодветна опрема за испитување. Деновиве ги очекуваме конечните резултати, за тоа дали во изворите има присуство на ешерихија коли или не. Доколку се покаже присуство на бактеријата, посебна комисија која што е формирана за оваа намена, ќе треба да донесе одлука дали ќе се забрани консумирањето на водата за пиење“ вели Танас Танаскоски, раководител на Комуналниот инспекторат при Општина Охрид.
Сличен проблем со загадување на водата имаше и минатото лето на неколку чешми кај изворите на Св. Наум, кога беше издаден и налог за забрана за консумирање на истата.
Тогаш од надлежните служби беше констатирано дека причината за загадувањето со ешерихија коли, лежи во несоодветното третирање на фекалните води од рестораните и хотелите во манастирскиот комплекс.
До нив беше издаден налог до пролет да постават путекси за прочистување на отпадните води. /крај/охридњус/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

