Македонија
Реновирани турбоагрегатите на ЕЛЕМ во Железара

Два ревитализирани и модернизирани когенеративни турбоагрегати, лоцирани во скопската населба Железара, денеска беа пуштени свечено во употреба.
Два ревитализирани и модернизирани когенеративни турбоагрегати, лоцирани во скопската населба Железара, денеска беа пуштени свечено во употреба.
Станува збор на проект на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ), кој за оваа намена инвестираше 3,5 милиони евра сопствени средства .
Двата агрегати, кои од денеска се вклучени во енергетскиот систем, имаат моќност од вкупно 30 MW.
Капацитетот „Енергетика“, кој се наоѓа во комплексот “Рудници и железарници”, се предвидува да произведува до 160 GWh електрична енергија годишно , со истовремена можност за производство до 200 GWh топлинска енергија.
Како погонско гориво ќе се користи природниот гас, кој досега на истата локација се користеше само за производство на топлинска енергија.
На денешната свеченост присуствуваа македонскиот премиер Никола Груевски, Директорот на ЕЛЕМ Влатко Чингоски , пратеници и други гости.
Притоа премиерот Груевски истакна дека решавањето на прашањето со снабдување со електрична енергија ќе ја намали нашата зависност од увоз на електрична енергија.
„Знаејќи ја ваквата потреба, македонската влада преку државните енергетски компании, постојано инвестира и работи на осовременување на системот за енергетска поврзаност, изградба на нови капацитети и надградба на постоечките“, рече Груевски.
Според него, придобивките од инвестицијата во капацитетот „Енергетика“ се огромни, бидејќи се обезбедува пониска цена на струјата, а природниот гас кој се користи како погонско гориво ќе влијае врз намалување на загадувањето на природната околина.
„Бенефициите за граѓаните и стопанството се огледаат и во тоа што топлинската енергија, која тука ќе се произведува, ќе може да ја користат и голем број на индустриски капацитети, а се планира и развивање на мрежа за топла санитарна вода за индустријата и домаќинствата, но и за потребите на оранжериите“, рече Груевски
Тој најави дека ќе продолжат инвестициите на државата во енергетскиот сектор, кој е од клучна важност за развој на Република Македонија.
„За сериозноста на нашите намери говори и најавата за капиталниот проект вреден 56 милиони евра за модернизација на најголемиот капацитет за производство на електрична енергија РЕК Битола во следните три години“, изјави Груевски.Чингоски изјави дека после подол период електроенергетскиот систем е збогатен со производствен капацитет, кој можеби е мал по обем, но е значаен по својата суштина.
„Енергетскиот капацитет кој треба да ги зајакне перформансите на ЕЛЕМ во овој дел на градот, ќе влијае и на зголемувањето на производството на електрична, но и на топлинска енергија во функција на потрошувачите“, рече Чингоски. /крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Јакимовски: Унапредувањето на судијката Димовска е награда за мојата затворска казна

Начинот на кој е избрана судијката Даниела Димовска за вд претседател на Основниот кривичен суд Скопје ми дава за право да се сомневам дека една од причините за нејзиното унапредување е пресудата со која ме осуди на три и пол години затвор за работи што не сум ги сторил, вели градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во неговата реакција за изборот на нов претседател на Кривичниот суд Скопје.
„Повеќе пријатели ме известија дека судијката Даниела Димовска е назначена за вд претседател на Основниот кривичен суд Скопје. И честитам на изборот, нормално е секој да сака да напредува, но да напредуваш преку газење на лешеви тоа е прво нечовечки. Самиот факт што во изминатиот еден час има силни реакции, особено од нејзини колеги на нејзиниот избор, ми дава за право да се сомневам дека една од причините за нејзиното унапредување е пресудата што ја донесе против мене, да бидам осуден на три и пол години затвор за работи што не сум ги сторил, Ова е само уште една потврда дека судството е партизирано. Можете да ја видите паралелата. Судијката напредува по заслуги, ама партиски. Јас сум бил четири пати градоначалник на Карпош исто така по заслуги, ама тоа е поради доброто служење на граѓаните. Нормално е да размислувам дека нејзиното унапредување е награда за пресудата што беше изречена од страна на она арамиско гнездо сместено во „Белата палата“, а дека таа само беше поштарот што ми ја соопшти пресудата на 23 април и која што впрочем се уште ја немам добиено“, изјави Јакимовски.
Градоначалникот вели дека унапредувањето на судијката за него е доказ дека пресудата е политичка и за него тоа е дополнителна мотивација да ги бодри карпошани на следните избори да не дозволат Мицкоски да ја претвори и општината во уште една негова партиска испостава.
„Ќе ме прашате дали сум резигниран, дали сум разочаран. Да, бев разочаран кога ми беше соопштена пресудата, но кога сега ова го слушам, ми дава повеќе мотив и повеќе енергија и повеќе доказ дека јас сум неправедно осуден и дека мојата пресуда е политичка и ова е само мотив повеќе да ги бодрам карпошани на идните локални избори да се борат и да не дозволат канџите на Христијан Мицкоски и неговата ДПМНЕ заедно со неговата клика да ги вгнезди, овде да ги зарие во карпошевото месо и Карпош го претвори во партиска испостава. Јас сум настапувал со политички партии но никогаш не сум дозволил Карпош да биде партиски штаб со една политичка партија. Напротив, ова било место каде што се решавале проблемите на граѓаните и подеднакво право имал секој граѓанин на Општина Карпош без разлика на политичката, верската, националната, религиозната припадност. За жал денеска сме сведоци во највиталниот дел од општеството, а тоа е судството дека и оваа власт се потруди максимално да го испартизира“, нагласи Јакимовски.
Македонија
Муртезани од Даблин: Блокирањето на процесот на интеграција ја поткопува стабилноста на континентот

Работната посета на Ирска, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска во Даблин, ја започна со средба со ирскиот државен министер за европски прашања и одбрана, Томас Брн, која беше посветена на продлабочувањето на билатералните односи и институционалната соработка меѓу Северна Македонија и Ирска, со фокус на европската интеграција, реформските процеси и регионалната стабилност.
На средбата беше истакната важноста на имплементацијата на Реформската агенда и Планот за раст на ЕУ за ЗБ како главни двигатели на приближувањето кон Унијата. Поаѓајќи од пораките испратени од Самитот за Планот за раст на ЕУ што неодамна се одржа во Скопје, средбата овозможи и продлабочување на дијалогот околу натамошната имплементација на оваа иницијатива како инструмент за забрзување на интеграцијата.
Министрите разговараа за европската перспектива на земјата и претстојното ирско претседавање со Советот на ЕУ во втората половина на 2026 година, како можност за дополнително зајакнување на соработката со земјите од Западен Балкан.
Муртезани се заблагодари за цврстата и доследна поддршка што Ирска ѝ ја дава на Северна Македонија, особено за нејзината принципиелна и гласна позиција за дебилатерализација на евроинтегративниот процес преку отфрлање на билатералните условувања и залагањето за пристапување засновано исклучиво на исполнети критериуми и заслуги, како основа за зачувување на кредибилитетот и интегритетот на Унијата. Тој ја поздрави посветеноста на Ирска во нејзината активна улога во унапредувањето на евроинтегративниот процес во пресрет на претседавањето, особено преку подготовката на првата Ирска Стратегија за Западен Балкан.
Во светло на тековните подготовки на овој документ, како национална стратегија на Ирска, а кој треба да ја постави рамката за посистемска и продлабочена соработка со земјите од нашиот регион, министерот Брн оцени дека навремената посета на министерот Муртезани претставува вреден придонес за подготовката на Стратегијата, како и во насока на унапредување на политичкиот дијалог и соработката во делот на евроинтеграциите.
Брн и Муртезани разговараа за можностите што овој документ ќе ги отвори за засилено ирско дипломатско присуство во регионот, интензивирање на политичките билатерални контакти, поддршка за нашата реформската агенда, како и соработка во домените на културата, образованието и економијата. Тие исто така се осврнаа на регионалната стабилност и политиката на проширување на ЕУ, кои претставуваат централни елементи на ирските приоритети за време на претстојното претседавање со Советот на ЕУ и ќе бидат рефлектирани и во Стратегијата за Западен Балкан.
Mинистерите Муртезани и Брн се согласија дека во услови на зголемени геополитички превирања, зачленувањето во Европската Унија не е само политички избор, туку стратешка неопходност за зајакнување на европската безбедносна архитектура.
Соговорниците констатираа дека блокирањето на процесот на интеграција ја поткопува стабилноста на континентот, додека одржлива и предвидлива интеграција на земјите-кандидатки е во заеднички интерес. За време на средбата, Брн и Муртезани потенцираа дека проширувањето мора да остане меѓу клучните приоритети на Унијата и дека стабилна и обединета Европа е најдобриот одговор на предизвиците со кои се соочува и регионот на ЗБ и Унијата.
Министерот Муртезани исто така нагласи дека Владата на Северна Македонија е заинтересирана за иницијативи кои ќе помогнат во приближување кон Единствениот европски пазар, во спроведување на ЕУ-реформите и во подобро искористување на ИПА фондовите. Во тој контекст, двајцата министри разговараа за можностите за институционално партнерство и пренос на ирското искуство и знаење, вклучително и преку техничка помош и обуки за јавната администрација, во соработка со Ирскиот институт за јавна администрација и други релевантни институции.
Македонија
Македонски Концепт: Итно да се констатира дека „Договорот за добрососедство” е раскинат од страна на Бугарија

Од политичката партија Македонски Концепт велат дека остануваат цврсто на својот став дека Договорот за добрососедство помеѓу Република Македонија и Република Бугарија е еднострано раскинат од страна на Република Бугарија.
„Согласно Став 13, Член 3 од Договорот, со донесувањето на Рамковната позиција во бугарското Собрание и нејзиното доставување преку официјален Меморандум до Република Македонија и сите земји членки на Европската Унија на 17.09.2020 година, Република Бугарија формално-правно го раскина Договорот“, велат од таму.
Според Македонски Концепт овој чин е спротивен на духот и содржината на Договорот и резултирал со уназадување на македонско-бугарските односи, создавање на непријателство наместо пријателство и блокирање на европската интеграција на Република Македонија.
„Во тој правец, Македонски Концепт бара итно констатирање на престанокот на важноста на Договорот од страна на македонските институции; прекин на работата на т.н. историска комисија; прекин на важноста на Протоколите потпишани од Никола Димитров и Бујар Османи и изготвување нова Преговарачка рамка со ЕУ“, се наведува во соопштението.
Од Македонски Концепт велат дека остануваат посветени на отворање ново историско поглавје на вистинско пријателство и соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, како и на реална интеграција во Европската Унија, цврсто следејќи ги 6-те фундаментални вредности врз кои е формирана Европската Унија.