Македонија
Груевски да се разбуди од сонот на бајките

Општинската организација на СДСМ од Битола со реакција на вчерашната трибина на која присуствуваше премиерот и владата. На денешната прес-конференција му порачаа на Груевски.
Општинската организација на СДСМ од Битола со реакција на вчерашната трибина на која присуствуваше премиерот и владата. На денешната прес-конференција му порачаа на Груевски.
„Нека се разбуди од сонот на бајките, буден нека го погледне кошмарот на јавето. Нека не игра со бројките помеѓу неговите членови. Му порачуваме, да зборува за некои други бројки. Да каже каде се парите на млекoпроизводителите. Да оди помеѓу нив, да им објасни како да ги отплатат кредитите, како да ги ослободат хипотеките кои им висат над глава, како да ги прехранат своите семејства. Јавно го прашуваме, зошто намерно или ненамерно за последните локални избори ја заобиколи Могила, исто како што тоа го направи и вчера“, изјави Васко Ковачевски, претседател на ОО на СДСМ – Битола.
Тие реагираат и на она што вчера го кажал градоначалникот на трибината.
„Жално но вистинито, Владимир Талески им изјави на присутните дека присуствувале на, замислете, најважниот настан во изминатиот ден. Господине Талески за вас најважниот настан требаше да ви биде посетата на Логоварди, Егри и останатите Пелагониски села загрозени со неодамнешните поплави. Требаше да одите во поплавените домови и да им објасните на тамошните жители како да се справат со штетите на нивните домови и есенските посеви“, вели Ковачевски.
На крајот му порачаа и на министерот Коњановски дека со блех музика на плоштад и парадирање по Широк Сокак тешко дека ќе ја ублажат сликата на тажна Битола./крај/тера/мб/.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме пред претседателската вила во присуство на основци од Скопје

Ученици од скопските основни училишта „Ѓорѓија Пулевски“, од општина Аеродром, „Св. Климент Охридски“ и „Кирил Пејчиновиќ“ од општина Кисела Вода, денеска го посетија Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Придружени од своите наставници, учениците ја проследија свечената церемонија на менување на државното знаме. Оваа церемонија се одржува секој втор петок во месецот и се реализира од Баталјонот за почести при македонската армија како израз на почит кон македонското знаме, како државен симбол.
По завршувањето на свечениот чин, младите посетители ги разгледаа просториите на Кабинетот и разговараа со претседателката за нејзините работни обврски, но и за личниот живот, почнувајќи од детството, школските и студентски денови, како и професорската кариера.
Во разговорот со учениците, претседателката ги охрабри да учат и да веруваат во себе, да го почитуваат знаењето, оти тоа ќе ги направи компетитивни, сигурни и успешни.
Македонија
Авионска дезинсекција против ларви од комарци во Скопје

Согласно добиено известување од Град Скопје- Сектор за комунални работи, Регионалниот центар за управување со кризи -Скопје информира дека на ден 11.05.2025 година (Недела) во раните утрински часови ќе се изврши Авионска дезинсекција против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во ист термин, велат надлежните.
Се известуваат пчеларите навремено да ги превземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Бискупот Стојанов упати честитки до папата Лав XIV: Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов упати писмо со честитки до новиот папа Лав XIV.
„Со голема радост и синовска љубов ја примив веста за Вашиот избор за Петров наследник и Пастир на Универзалната Црква. Од името на верниот Божји народ на Католичката Црква во Македонија, свештенството и монаштвото, како и од мое лично име, Ви го честитам изборот и воедно благодарам што ја прифативте оваа одговорна и света служба, свесни за сите предизвици со кои се соочува Христовата Црква.
Сигурен сум дека со мудроста што Ви е дарувана преку Вашето мисионерско искуство, пасторалната грижа и верноста кон Евангелието, водени од Светиот Дух ќе управувате со коработ Петров – Црквата, низ немирното море, за доброто на целиот Божји народ.
Од Македонија, портата од каде што Свети Павле го пренесе христијанството низ цела Европа, од просторите од каде што потекнуваат светите браќа Кирил и Методиј и од родниот град на света Мајка Тереза, Ви ја ветувам мојата лична молитва, како и молитвите на целиот Божји народ во Македонија, со желби Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата, единство меѓу христијаните и мир во целиот свет“, напиша бискупот Стојанов.