Македонија
Груевски вети градежна експанзија пред охриѓани
Изградба на нови социјални станови, проширување на колекторскиот систем за Охридско Езеро, пристаниште, повеќе пречистителни станици, катни гаражи, затворен базен, конгресен центар и друго вети Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, на почетокот на изборната кампања од Охрид.
„Во Охрид ќе го доизградиме затворениот базен во Охрид во спортскиот комплекс Билјанини извори. Инвестиција вредна над 5 милиони евра. После 50 години ветувања, Охрид ќе добие затворен базен. Ќе изградиме најсовремен конгресен центар во Охрид, инвестиција вредна 10 милиони евра“, рече на митингот во Охрид, Груевски.
Најави изградба на две катни гаражи во Охрид, една во центарот на Охрид и една во рамки на спортскиот комплекс Билјанини извори, во вкупна вредност од над 7 милиони евра.
„Предвидуваме изградба на пристаниште-марина во Охрид. Ќе го уредиме крајбрежјето на Охридското Езеро. Ќе изградиме патека од плоштадот во центарот на Охрид до црквата „Свети Јован Канео“ и новата патека ќе ја поврземе до плажата Лабиново. Ќе направиме напори за обезбедување на ивеститор за изградба на Ски-центарот Галичица кој ќе биде комбинирано планинско и езерско одморалиште кое се предвидува да биде во функција во текот на целата година“, рече Груевски.
Во новата програма на ВМРО-ДПМНЕ е планирано е да се изгради нов, експресен пат од Охрид до Пештани во должина од 14,5 км. Инвестиција вредна околу 40 милиони евра , за кој веќе проектот се изработува и е при крај.
„Ќе започнеме со изградба на целосно нови 145 станови наменети за социјално ранливите категории на граѓани. Овој проект ќе чини околу 360 милиони денари. Ќе извршиме надградба на пречистителна станица за отпадни води во Враништа и проширување на колекторскиот систем за Охридското Езеро, инвестиција вредна околу 9 милиони евра. Воедно, ќе изградиме и канализациона мрежа и пречистителна станица за отпадни води во Трпејца, инвестиција вредна 78 милиони денари, како и нова канализација во населеното место Лескоец“, рече Груевски.
Најави дека за јавните здравствени установи во Охрид ќе бидат обезбедени 496 нови медицински апарати во вкупна вредност од околу три милиони евра.
„Ќе реконструираме три училишни објекти, и тоа училиштата “Св. Наум Охридски” и “Братство единство”, и Средното Училиште “Св. Наум Охридски” Ќе изградиме три училишни спортски сали во Средното Училиште “Св. Наум Охридски”, Основното училиште “Кочо Рацин”, како и во Основното училиште „Ванчо Николески” во Лескоец. Планираме и отворање на три детски градинки од кои едната ќе се отвори во населено место Рача. Ќе се доврши градбата на возобновувањето на Св. Климентовиот универзтитет на Плаошник, инвестиција вредна над 30 милиони евра за Охрид и многу други проекти за охриѓани. Затоа ние велиме, гласај за реална програма која знаеш дека ќе се реализира, а не за лаги кои те потценуваат. Гласај за новата програма на ВМРО која содржи над многу нови проекти, кои се однесуваат на твоите реални проблеми, отворање на работни места, зголемување на плати, пензии, развој во здравство, образование, земјоделие и други области“, рече Груевски./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

