Македонија
Aпелација му го укина затворот на бегалецот Горан Грујевски

Апелационите судии во Скопје ја укинаа пресудата за ексначалникот на Петтата управа во УБК, Горан Грујевски, во предметот „Тврдина 2“, потврди за „Макфакс“ судијата Сафет Кадрии. Со пресудата, бегалецот во Солун беше осуден на година и пол затвор за уништување списи и документи за незаконското прислушување. Тоа значи дека за овој предмет, судењето за Грујевски треба да почне од почеток. Oва е одлуката на тричлениот кривичен совет со кој претседаваше судијката Цветанка Периќ за жалбата на адвокатите на Грујевски. Јавната седница се одржа годинава кон крајот на март.
Причината за укинувањето на пресудата за случајот „Тврдина 2“, која ја донесе судијката Лидија Петровска, позната од бомбите, е тоа што не биле исполнети законските услови за на обвинетиот Грујевски да му се суди во отсуство. Според сознанијата на „Макфакс“, Апелациониот суд ја потврдил пресудата за службеничката во УБК, која исто така се жалеше, но на условната казна која ѝ беше досудена во овој предмет.
Судијката Лидија Петровска во октомври 2017 година донесе решение со кое на обвинетиот Грујевски одлучи да му се суди во отсуство бидејќи тогаш им беше недостапен на органите на прогонот. Со оглед на фактот дека судијката Лидија Петровска, која го судеше предметот, е преместена во друг оддел, сега предметот најверојатно ќе го суди судијката Добрила Кацарска, која ги презеде предметите од својата колешка и која го осуди Никола Груевски на 2 години затвор за набавката на „мерцедесот“. Предметот сè уште не е експедиран во кривичниот суд, потврдија оттаму за „Макфакс“.
Грујевски, инаку е обвинет и во случајот за масовното прислушување „Тврдина – Таргет“ и во предметот „Трезор“, а против него СЈО ја води истрагата „Странски служби“, за набавка на опремата за прислушување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) По десет дена борба, дождот го изгасна пожарот кај Јасен

Дождот кој заврна пред 7.00 часот утрово и врнеше нешто повеќе од два часа на подрачјето на ловиштето Јасен, помогна пожарот кој трае повеќе од десетина дена, да биде изгаснат, извести директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Но, додава тој, и покрај поголемата количина на заврнат дожд, на некои места од пожарната линија се уште може да се забележи чадење поради што по кревањето на маглата и чадот ќе продолжи пешадиско дејствување врз жешките точки кои покажуваат знаци на горење. Овој терен ќе биде пребаран и со дронови со термални камери.
Екипи на ЈП Јасен продолжуваат со патролирање се додека не се потврди дека пожарот е целосно изгаснат.
Дожд заврна претежно во северните и северозападните делови на државата додека во источните, југоисточните, централните и југозападните делови досега немаше врнежи.
Според прогнозите на УХМР денес се очекува силен ветар до 60 км на час кој значително ќе го зголеми ризикот од појава на пожари на отворен простор и нивно брзо ширење поради што апелирам до граѓаните да бидат исклучително внимателни за да не предизивикаат пожар но и да го лријават секое сомнително однесување.
Ангелов апелира доколку граѓаните забележат електрични жици кои се допираат или искрат веднаш да пријават во ЕВН или на бројот 112.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Струга е поетска република што гради мостови и го менува светот

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер го прогласи за отворено 64. издание на Струшките вечери на поезијата и во рамки на свеченото отворање на фестивалот го проследи Меѓународното поетско читање – „Поетски меридијани“.
Во своето обраќање, таа ја нагласи историската важност на фестивалот и потсети на 1961 година, кога група македонски поети се собрале за да ја одбележат 100-годишнината од објавувањето на Зборникот на браќата Миладиновци, втемелувачите на „Струшките вечери на поезијата“, коишто од Струга направија културна, поетска република.
Сиљановска-Давкова оцени дека најважните белези на струшкиот поетски републиканизам се: универзалноста, отвореноста, инклузивноста, рамноправноста, талентираноста, компетитивноста, слободољубивоста. Таа укажа дека Струга како поетска република ги обединува поетите од различни континенти, држави и култури, без разлика на политичките, или идеолошките поделби.
Претседателката постави важни прашања за релевантноста на поезијата во современиот свет, во време на дигитална зависност, сензационализам и забрзана технологија. Предупредувајќи на предизвиците што ги носи вештачката интелигенција нагласи дека неможното за вештачката интелигенција е можно за поетите, коишто се единствените господари на чувствата и волшебници на зборот.
Потсетувајќи на судбината на АБЕЦЕДАРОТ, забранетите книги, како и на делата на браќата Миладиновци, Сиљановска-Давкова констатираше дека живиот збор е делотворно оружје што може да ја разбуди совеста, да поттикне активност и да ја промени реалноста.
„Ова е вашата поетска република. Од тука, од Струга, вие сте го менувале и сѐ уште можете да го менувате светот, градејќи вечни поетски мостови од неуништливи материјали: мислата и зборот, проткаени со ум и чувства“, им порача на поетите.
Сиљановска-Давкова го поздрави враќањето на најважните белези на фестивалот: читањата кај споменикот на Свети Климент во Охрид, поетското пловење до Свети Наум и поетското матине во „Св. Богородица Перивлепта“.
Македонија
Предлогот на Мицкоски за повереници е најава за враќање на авторитаризмот на Груевски, смета ДОМ

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) реагира, како што велат, со огромна загриженост на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека, доколку локалните избори во октомври се „неуспешни“, Владата ќе именува повереници како градоначалници.
Според партијата, ваквата отворена закана е директен напад врз темелите на демократијата и претставува нескриена најава за враќање на авторитаризмот од времето на Никола Груевски, менторот на Мицкоски.
„Овој предлог е јасно антидемократски: ја поништува смислата на изборите и ја игнорира волјата на граѓаните кои можеби, замислете, би избрале независни кандидати за градоначалници или советници. Ова не е „политичка тактика“, туку директна најава за самоволие во општините, што наликува на грубото воспоставување на режим кој на сите ни е многу добро познат. Зелената партија ДОМ ја потсетува јавноста дека стравот на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните прикриени коалициски партнери (СДСМ и ДУИ) од независните гласови го разоткрива лицето на една тивка, но сеопфатна согласност меѓу партиските „аристократии“. Молкот за ова прашање од страна на „опозициските“ перјаници од СДСМ и ДУИ само ги потврдува сомнежите за таа непринципиелна коалиција и нивната нетрпеливост кон новите, храбри независни гласови“, велат од ДОМ.
Партијата бара премиерот веднаш да ја повлече оваа закана и да ги почитува уставните права на граѓаните.
„Го повикуваме претседателот на Собранието и сите парламентарни партии јавно да се изјаснат против најавениот тоталитаризам. Секој обид за наметнување „повереници“ наместо легитимно избрани градоначалници е кршење на законот и на политичкиот морал“, велат од ДОМ.