Македонија
AВМУ со осуда поради запалениот автомобил на сопственикот на штипската телевизија
Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги најостро го осудува чинот на опожарување на возилото на сопственикот на регионалната телевизија „М-нет ХД“ од Штип, Благој Серсемов, од страна на непознати сторители во дворот на неговата семејна куќа.
„Заканите и заплашувањата насочени кон медиумите ги поткопуваат демократијата, слободата на говорот и слободата на информирање. Безбедноста на медиумските работници е клучна за постоење независни и професионални медиуми, кои се еден од главните стожери на демократските процеси и кои придонесуваат за унапредување на слободата на изразување“, велат од АВМУ.
Апелираат Министерството за внатрешни работи најбргу што може да го расчисти случајот и да ја информира јавноста за причините што довеле до овој вандалски чин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николовски – Стамнова: Со еден клик Централниот регистар ќе има евиденција за царински долг
Царинската управа и Централниот регистер ги интензивираат активностите потребни за надградба на едношалтерскиот систем на Централниот регистар при што Царинската управа ќе им овозможи електронски пристап до базата на податоци за платени увозни давачки.
Ова беше главната тема на денешниот состанок помеѓу директорот на Царинска управа, Бобан Николовски и директорката на Централен регистар, Анита Стамнова.
Интенцијата е граѓаните и фирмите да не мораат да доаѓаат во Царинска управа да вадат потврди дека немаат доспеан неплатен долг по основ на царина и други увозни давачки коишто им се потребни при уписи во Централниот регистар.
Директорите истакнаа дека ваквите активности се во насока на подобрување на условите за водење бизнис при што и двете институции ќе работат на унапредување и олеснување на постапките преку нивна целосна дигитализација.
Македонија
Филков во работна посета на КПД Струга, се реактуелизира идејата за женски затвор
Министерот за правда Игор Филков беше во работна посета на КПД Струга кој е од отворен вид при што од страна на директорот на затворот, Ардит Мустафаи беше запознат со условите, капацитетите, човечките ресурси и можностите за ресоцијализација и рехабилитација на осудените лица.
,,Остваривме работна средба, ги видовме состојбите, ги видовме капацитетите на затворот. Ја реактуелизиравме идејата за комплетно женски затвор со тоа што би се преадаптирале многу работи и цело женско одделение од затворот Идризово би се префрлило тука. Како идеја ја зборуваме некое време, се надеваме дека ќе наидеме на поддршка од сите партнери и ќе можеме набрзо да ја реализираме. Идејата за женски затвор значи комплетно женски, а затворениците од овде ќе бидат преместени во друг. Се договоривме да се изготви проект и тогаш ќе знаеме колку финансии ќе се потребни, рече Филков, посочувајќи дека во ниеден затвор во државата состојбите не се најдобри и не е вложувано со децении”, изјави министерот за правда Игор Филков.
КПД Струга има капацитет за 60 лица, а во моментов 21 лице издржуваат затворска казна. Со оглед на тоа што станува збор за затвор од отворен вид, на осудените лица им е овозможено да бидат работно ангажирани. Идејата е да се пристапи кон изготвување на проект со цел да се утврдат финансиските импликации, затворот целосно да се пренамени за потребите на женската затвореничка популација. На овој начин се стремиме кон зголемување на безбедноста на затвореничките и целосно дистанцирање од проблемите со кои се соочуваат во КПУ Идризово. Воедно, постојните затвореници од Струга ќе бидат прераспоредени во други затворски установи, велат од Министерството за правда.
Македонија
Македонија ќе биде домаќин на Балканскиот форум на уставните судови во 2026 година
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски и судијката Татјана Васиќ-Бозаџиева денеска учествуваа на работен состанок со членовите на Балканскиот форум на уставни судови.
Учесниците го разработија Статутот на организацијата, изготвија планови за структурата на Форумот, идентитетот и неговото влијание во државите, начинот на финансирање и воспоставување на контакти за координација на активностите од секој суд.
Донесена е одлука следната годишна конференција да се одржи во Република Турије, а Република Северна Македонија да биде домаќин на Балканскиот форум на уставни судови во 2026 година.
На состанокот учествуваа претседатели и судии на уставните судови од Балканот кои се членки и набљудувачи на организацијата, меѓу кои и претставници од судовите во Босна и Херцеговина, Бугарија, Туркије, Албанија, Косово.
Со оваа активност делегацијата од Уставниот суд на Република Северна Македонија го завршува учеството на Втората годишна конференција на Балканскиот форум на уставни судови.
Во рамки на одржувањето на овој настан во Приштина беше одбележан и 15 годишниот јубилеј од основањето на Уставниот суд во Косово.