Македонија
Aрсовска: Директорот на „Комунална“ е пуштен, Јулијана од Управен нема да ја апсат оти има албум со сликички со функционери на ВМРО
Директорот на Комунална хигиена Скопје е пуштен неколку часа откако беше приведен во станица , не е виновен за ништо, работата ја вршел чесно и совесно, напиша на социјалните мрежи градоначалничката Данела Арсовска.
„Оваа информација пристигна откако по неколку часа убедување во полициска станица, директорот на Комунална хигиена им кажал дека во срцето и душата е ВЛЕН, уште додека бил во станица му донеле да потпише изјава за членство по што е пуштен да си продолжи со успешната работа во претпријатието. Во меѓувреме Мицковски и МВРО упорно бараат некој од ДУИ да го апсат како што ветија, тргнаа по Изет Меџити од ДУИ, па откако стана ВЛЕН си го земаа во коалиција“, напиша иронично Арсовска на социјалните мрежи.
За апсењата во Комунална таа и претходно се огласи на „Фејсбук“. Напиша дека претседателката на Управен одбор Јулијана Спировска, нема да ја апсат „бидејќи има албум со сликички со сите функционери на ВМРО“.
„Јулијана која ја управува Комунална Хигиена Скопје е осуден криминалец во 2022 година со казна затвор за убиство и осуден криминалец во 2006 за нанесување тешки телесни повреди. Јулијана во КХС ги команда другите членови на Управен одбор од ВМРО и ВЛЕН, кои се поставени од Советот на град Скопје од ВМРО и ВЛЕН.Јулијана 3 години опструира нови камиони, инвестициска програма, вработените кои 5 години ги чистат улиците не можат да земат решение за работа поради нејзините сопартијци од ВМРО и ВЛЕН во Советот. Јулијана по наредба на ВМРО континуирано со години прави опструкции додека градот не се удави во смет. И сега директоров им е крив кој не можел да набави 35 нови камиони бидејќи тоа Јулијана го одложила за да ги набави Орце“, напиша Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

