Македонија
A1 Македонија успешно ја организираше A1SecuriThink – конференција за сајбер безбедност
На тема „Заштитете го вашиот бизнис”, денеска А1 Македонија беше домаќин на А1 SecuriThink, конференција за сајбер безбедност, на која бизнис заедницата имаше можност да ги слушне најновите трендови и стратегии во дигиталната индустрија за заштита на бизнисите и организациите од сајбер напади.
Со цел да биде вистински партнер во дигиталната трансформација на економијата и на општеството, воопшто, А1 Македонија за своите деловни корисници ја организираше оваа конференција на која беа презентирани европските искуства во областа на сајбер безбедноста пред се во доменот на заштита од сајбер напади, како и дел од услугите кои А1 ги нуди во своето портфолио.
Kонференцијата ја отвори извршниот директор на А1 Македонија, Методија Мирчев, кој уште еднаш ја потенцираше визијата на А1 Македонија да биде двигател на дигитализацијата на македонското општество и да го поттикне дигиталниот начин на живеење при тоа бизнисите да останат конкурентни, безбедни, да напредуваат и да ги постигнуваат посакуваните резултати.
“Нашата посветеност во обезбедување пристап до најбрзата мобилна и супериорна оптичка мрежа, да ги понудиме најдобрите можни дигитални ИКТ решенија како и најдобрите решенија за сајбер заштита се препознаени од нашите деловни корисници и затоа низ годините успеавме да изградиме доверлив и партнерски однос. Искрено се надеваме дека богатите содржини што беа претставени на конференцијата од страна на истакнати експерти, нивните сознанија и искуства што ги пренесоа ќе бидат од непроценливо значење за нашите корисници кои пак покажаа огромна заинтересираност за најновите случувања и најдобри практики во сајбер безбедноста. Разбираме дека технологијата може да биде сложена и обемна и затоа нашиот А1 тим експерти се на располагање за да обезбедат поддршка на секој чекор од патот за користење на овие услуги што процесот на имплементација на нашите решенија го прави многу полесен и поедноставен”, изјави Методија Мирчев, Извршен директор на А1 Македонија.
Пред публиката составена од клиенти од различни индустрии вклучувајќи ги здравството, финансии и технологија, главниот говорник на конференцијата г.Корнелиус Граник, експерт за сајбер безбедност, преку практични примери, во своето излагање ја потенцира сериозноста од сајбер напади и важноста од заштита на компаниите, а со свои презентации пред публиката се обратија и г-ѓа Мари Мала од SentinelOne, г.Томас Снор, од А1 Digital, г.Мартин Либел од А1 Digital И г.Иво Пауновкси од А1 Македонија.
На панел дискусијата модерирана од страна на г.Корнелиус Граник, своите ставови и размислувањ ги споделија г.Игор Давчевски од NLB Банка, г.Александар Ристески од ФЕИТ, г-ѓа Сабине Шулц од Acronis, г.Томас Снор, од А1 Digital и Стевчо Ристевски, од А1 Македонија.
Панел дискусијата опфати теми како што се најдобри практики за спречување сајбер напади и стратегии за одговор на сајбер инциденти.
Во рамки на конференцијата, беа организирани и посебни презентации на кои посетителите имаа можност одблиску да се запознаат со решенијата за сајбер безбедност што се нудат во портфилото на А1 Македонија.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) „Обвинителството се заплетка со притворот за Груби, се покажа дилот, сè е договорено“, вели Кузеска
„Политичкиот дил ВМРО-ДУИ со Груби веќе на сите им è јасен, граѓаните знаат што се случува. Разоткриенo е секое делче од ова договорено сценарио. Од режираната претстава на границата, со наочари и насмевка. Преку пречекот со камери, со медиумска поддршка на 40% од медиумите под контрола ВМРО преку Орбан, па се до одредувањето на куќен притвор од обвинителството и сдуството под контрола на ВМРО-ОКГ“, вели Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„Сакајќи да се исперат од скандалозна одлука за одредување куќен притвор Обвинителството директно го закопа Христијан Мицкоски.
Вчера, Обвинителството соопшти дека МВР на Тошковски и АНБ на Христовски дале проценка дека Груби „не бил безбеден“ во „Шутка“, па затоа предложиле куќен притвор.
Истиот ден, излезе директорот на затворот Шутка, Бобан Утковски, го демантираше Обвинителството и рече дека ниту МВР ниту АНБ „не се обратиле ниту усно ниту писмено до затворот за да побараат мислење за безбедноста“.
Епа како донеле одлука во Обвинителството?
Има ли подобра потврда од ова тврдење дека сè е договорено и дека јавноста само се лаже и се замајува?
Сè е јасно.
Затоа обвинителството и судството беа ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ, за што СДСМ со месеци говори.
Тоа го имаме како потврда и за овој случај. Кои обвинители постапуваа во предметот и кој го предложи куќниот притвор за Груби? Предметен обвинител е Даниел Коцев, а негов шеф на Скопското Обвинителство е Анел Фидоски, кој беше избран на оваа функција на 20 јануари 2026 година.
Сè е јасно, сè е договорено, смислено сценарио. Можеби ваквите сценарија им поминуваа со години наназад, но повеќе не поминуваат – разоткриени се. Граѓаните гледаат и знаат сè. Одговорност ќе има!“, изјави Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
Македонија
Обвинителите бараат итно да се повлече од дневен ред точката за намалување на нивните плати: се загрозува независноста со економски притисок
Здружението на јавните обвинители утрово испрати итка рекација до Собранието во која бараат да биде повлечена од дневен ред на денешната седница точката за изменување на Законот за платите на јавните обвинители која предвидува намалување платите. Обвинителите сметаат дека потребата од измена на Законот треба да биде детално преиспитана.
„Јавните обвинители се свесни за сложената економска ситуација во која се наоѓа државата и за потребата од ефикасни мерки за штедење. Меѓутоа, мора да нагласиме дека согласно член 2 од Законот за платите на јавните обвинители, платата на јавниот обвинител не може да биде намaлена со закон или одлука на државен орган, освен при утврдена дисциплинска одговорност. Јавните обвинители извршуваат сложена и одговорна работа и го носат товарот на кривичниот прогон и тоа без соодветни материјални услови и доволна стручна поддршка. Законски предвидените додатоци за сложеност на трудот со години наназад не им се исплаќаат поради недостаток на средства во Буџетот. Исто така, функцијата јавен обвинител е неспојлива со извршувањето на каква било друга функција или дејност. Поради тоа, платата е единствен приход за јавните обвинители и таа се движи во распон од минимални помалку од 90.000 до максимални 130.000 денари. Со вакви износи платите на македонските јавни обвинители се апсолутно најниски во регионот, а со останатите европски земји не можат ниту да се компарираат“, стои во реакцијата на обвинителите.
Наведуваат дека платите на обвинителите во Србија се од 1600 до 4.000 евра, во Црна Гора обвинителите земаат од 1.600-4.700 евра, во Албанија од 1.600 до 3.000 евра, во Бугарија просекот е 3.000 евра, а обвинителите во Македонија имаат плати од 1.500 до 2.100 евра.
Обвинителите во реакцијата велат дека чувствуваат обврска да го известат Собранието дека Уставниот суд, на иницијатива на Здружението на јавните обвинители, веќе има донесено решение У бр.71/25 од 24.12.2025 година со кое поведе постапка за оценка на уставноста на последните измени на Законот за платите на јавните обвинители, со кои веќе се интервенираше со намалување на коефициентите и ограничување на порастот на платите.
„Иако конечната одлука на Уставниот суд за ова прашање сè уште не е донесена, имаме обврска да укажеме на штетните правни последици доколку со ново законско решение дополнително се продлабочат оспорените недоследности. Оценката на уставноста на претходните законски измени се проверка на уставната усогласеност и на измените кои сега се предлагаат, бидејќи повторно при иста методологија на пресметка на плати, се намалуваат коефициентите со што всушност се влијае за намалување на платите. Сметаме дека тоа е противуставно и незаконито решение со кое се загрозува независноста на јавните обвинители преку економски притисок, од кои причини, како што наведовме погоре, бараме оваа точка да биде повлечена од дневниот ред, а потребата од измена на Законот во предложената насока да биде детално преиспитана“м наведуваат обвинителите во итната реакција.
Пратениците Бојан Стојаноски Ѓорѓија Сајкоски предложија менување на коефициентите за пресметка на функционерските плати со што тие ќе се намалат, а ќе се спречи и нивен понатамошен раст.
Македонија
Претседателот на Албанија во тридневна посета на Македонија, посебен режим на сообраќајот во Скопје
В четврток, петок и сабота, во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува Бајрам Бегај, претседател на Република Албанија.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на градот Скопје.
СВР Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и упатствата што ќе ги даваат униформираните полициски службеници, со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.

