Македонија
AA: Прво да се донесе Законот за соодветна и правична застапеност, а потоа да се испрати до Венецијанската комисија
„Алијансата за Албанците со загриженост го следи долготрајниот процес за изготвување и усвојување на Законот за правична и соодветна застапеност во државните и јавните институции. Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, дека законот прво ќе помине низ Владата, а потоа ќе биде испратен на мислење до Венецијанската комисија, пред да се изгласа во Собранието, предизвикува длабока загриженост за намерните одложувања и тактиките на блокирање од страна на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините владини партнери од коалицијата ВЛЕН, кои или не ја разбираат важноста на ова прашање, или се заслепени од жедта за моќ“, велат од Алијанса за Албанците.
„Искуството со Законот за употреба на јазиците го покажува реалниот ризик од долги одложувања. Овој закон беше испратен до Венецијанската комисија на 22 јануари 2019 година, а пријателското мислење беше вратено дури на 4 мај 2025 година – по цели шест години чекање.
Покрај тоа, за разлика од законот што беше усвоен во Собранието, а потоа подложен на меѓународна евалуација, во сегашниот случај, Владата се обидува да го испрати Законот за правична и соодветна застапеност до Венецијанската комисија без парламентарно одобрување. Ова е опасна практика што може да создаде правен вакуум, во време кога на земјата ѝ се потребни јасни гаранции за правична застапеност на сите заедници.
По одлуката на Уставниот суд да се укине балансерот, земјата се наоѓа во правен вакуум кој сериозно се злоупотребува. Сегашните практики за вработување – каде што во многу конкурси резултатот е 20 спрема 0 на штета на албанските граѓани – се јасен показател за кршење на начелата на Охридскиот договор и сериозно ја загрозуваат меѓуетничката хармонија.
Алијансата за Албанците силно настојува Законот за правична и соодветна застапеност прво да биде усвоен во Собранието, а дури потоа да биде испратен на мислење до Венецијанската комисија. Само на овој начин може да се избегнат бесконечните одложувања, да се заштити граѓанската еднаквост и да се спречи политичка злоупотреба на вработувањата во државната администрација“, се наведува во соопштението на Алијансата за Албанците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Облачно со дожд и засилен јужен ветер, заладување кон крајот на неделата
Времето денес ќе биде облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а наместа засилен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 3 до 9 степени, додека максималните дневни ќе достигнат од 6 до 14 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со услови за повремен дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Под влијание на нестабилна воздушна маса, до крајот на неделата времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, кои наместа ќе надминат 20 литри на метар квадратен. До среда ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец.
Во четврток и петок ветерот ќе го промени правецот во северен, што ќе услови пад на температурите.
Македонија
Денес ќе биде погребан Зоки Панкер
Последното збогување со Зоран Тодоровски – Панкер, сопственик на клубот „Балет“ ќе се одржи денес, 5 јануари, на Градските гробишта Бутел.
Капелата ќе биде отворена од 13:00 до 14:30 часот, а погребот ќе се одржи по завршувањето на обредот во капелата.
„Скопје се простува со човек кој остави трага, дух и став. Нека почива во мир“, наведуваат неговите пријатели на социјалните мрежи.
Македонија
Мицкоски за Венецуела: Апсолутно стоиме до потезите на САД
Ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави. Мене најмногу ме зaгрижува громогласната тишина на истите тие европски и светски земји во минатото кога меѓународното право се кршеше на грбот на Македонија и македонскиот народ.
Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска прашан за позицијата на нашата држава во однос на приведувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на САД, кое министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вчера го поздрави, наспроти воздржаноста на земјите во Европа кон оваа акција и нивниот став дека со неа се поткопува меѓународното право.
Во изјава за медиумите при посетата на Сопиште денеска Мицкоски кажа дека „таквиот коментар би им го оставил на експертите по меѓународно право“.
– И како тогаш сите тие се оглувеа и никој од нив не го коментираше сето тоа. И како сега наеднаш, сите тие коментираат дали било тоа меѓународно право или не било меѓународно право итн., имајќи предвид дека познавам голем дел од тие што коментираат, а не се меѓународноправни експерти. Јас тоа би им го оставил на експертите по меѓународно право. Но, еднаш кога во животот ќе направите исклучок, тој потоа станува пракса и е прашање на време кога ќе се удри од вашиот грб, рече Мицкоски.
На прашање дали е тоа преседан што отсега може да се случи каде било, Мицкоски повторно укажа на случајот со нашата земја и одговори дека „преседанот е направен уште кога се менуваше знамето на оваа држава за да биде земја членка на ОН“.
– Кога се менуваше Уставот, кога се менуваше уставното име и се лажеа луѓето дека за рок од три-четири години ќе станеме членка на Европската Унија, членка на НАТО итн. Тоа се вистински преседани… Имаше и Хашка пресуда дека не треба да се блокира Македонија, па се блокираше и тогаш имаше громогласна тишина од сите тие што денеска коментираат… А дали ова е преседан или не е, ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави, изјави Мицкоски.

