Македонија
Алертна фаза во Охридско-преспанскиот и полошкиот регион
Охридско-преспанскиот и полошкиот регион во среда ќе бидат зафатени со жолта, односно алертна фаза со температури до 40 степени.
Според најавите на метео-алармот од УХРМ со температури кои ја дефинираат алертната фаза ќе бидат опфатени градовите Охрид, Струга, Дебар, Ресен, Тетово, Гостивар, Кичево, Маврово и Македонски Брод.
Министерството за здравство соопшти дека граѓаните од тие региони, како и останатите граѓани треба да ги почитуваат општите препораки за населението за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, консумација на лесна храна и течности, хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.
За заштита на населението од високите летни температури се препорачува во текот на екстремно топлите денови да се остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка, да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа (светлите бои ја рефлектираат светлината), а при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор, да се внесува помало количество храна, главно овошје и зеленчук, а помалку масна храна, да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци, при влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри, а хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, стои во соопштението, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарски производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, термичка подготовка на храната и нејзино конзумирање во многу кус рок по подготовката и ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употребата да се загрее на + 100 степени, и да се избегнуваат производи кои термички не се обработени како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се конзумира сладолед и разни кремови.
Од Министерството потсетуваат дека граѓаните имаат можност да добијат здравствен совет во однос на почитување на препораките за заштита од високи температури и информации од превентивен карактер на мобилните едукативно-здравствени пунктови поставените во сите градови во државата, при што на територијата на град Скопје се поставени три мобилни пунктови, од кои еден се наоѓа на пешачката патека кај реката Вардар и по два мобилни пункта се распоредени во сите скопски општини.
Информации за топлотните бранови континуирано се дистрибуираат на интернет страницата www.toplotnibranovi.mk.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

