Македонија
Анкета: ВМРО-ДПМНЕ со поддршка од 27,5 отсто, СДСМ со 25,2 отсто
За ВМРО-ДПМНЕ би гласале 27,5 отсто од граѓаните, за СДСМ – 25,2 отсто, за ДУИ – 10,5 отсто, за ДПА – 4,8 отсто, а неопределени се 25 отсто од гласачите, покажува новата анкета на агенцијата „Фактор плус Адриа“.
Споредено со анкетата во декември, за два отсто се намалил рејтингот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а речиси за 4 отсто пораснал рејтингот на опозициската СДСМ.Истата анкета, покажува дека доколку во недела би се одржале избори, 58 отсто би излегле да гласаат, а дури 80 отсто знаат за кого би гласале.На прашањето „Дали по Вашето мислење сите партии рамноправно се застапени во медиумите?“, 57 отсто од анкетираните одговориле „не“, 35 отсто одговориле „да“, а 8 отсто одговориле „не знам“.Подобрувањето на секојдневниот живот, здравството и на борбата против корупцијата и криминалот се темите што, според анкетираните, се најважни за Македонија. На последно место, според истражувањето, се односите меѓу етничките групи.Исто така, она што повеќето од граѓаните го чувствуваат во однос на целокупната состојба во општеството е незадоволство, бес, односно загриженост и страв.Членството на Македонија во ЕУ го поддржуваат високи 77 отсто од граѓаните, додека 16 отсто се против.Според истражувањето, препораките на ЕУ и на САД да се одложат изборите, за 46 отсто од анкетираните се поради поддршка на демократските вредности во Македонија, додека 29 отсто сметаат дека тоа е поради остварување на лични интереси во Македонија.Анкетата била спроведена телефонски, на репрезентативен примерок од 1.150 граѓани во периодот од 15 до 22 март 2016 година./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кардиохирурзите Колев и Џелили на обука во Клиниката за кардиохирургија во Бордо, Франција
Кардиохирурзите при ЈЗУ Клиника за кардиохирургија, Скопје, Александар Колев и Кујтим Џелили престојуваат на Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, Франција, каде учествуваат на работилница за запознавање и обука со некои од најиновативните техники во совремата кардиохирургија.

-Заедно со мојот колега Кујтим Џелили имавме одлична можност да учествуваме на едукативна работилница во Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, организирана од Петерс.
Под менторство на водечките професори Томас Модин, Луис Лаброус и Џулијан Пелтан, се запознавме со некои од најнапредните техники во современата кардиохирургија. Меѓу нив најсофистицирана и најпрефинета беше употребата на роботскиот систем на Да Винчи за поправка на митралниот вентил, како и други минимално инвазивни кардиохируршки процедури. Преку практични тренинг сесии, вежбавме креирање на анастомози на реални модели, користејќи некои од најновите помошни хируршки апарати, напиша кардиохирургот Колев на неговиот фејсбук профил.

Тој особено го потенцира фактот дека кардиохирургија, како една од поновите гранки на медицината, продолжува да се развива и брзо напредува.
-За нас, како кардиохирурзи кои доаѓаат од мала земја како Македонија, од особено значење е да останеме во тек со овие иновации, со цел да обезбедиме највисок можен квалитет на третман за нашите пациенти, наведува д-р. Колев.
Македонија
Ѓорѓиевски на фејсбук објави дека најдоброто за Скопје допрва доаѓа
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук објави видео од активностите што се преземаат за чистење на главниот град, согласно неговото ветување за темелно чистење на Скопје во првите 72 часа од преземањето на мандатот.
-Скопје го правиме заедно, ви го дадов мојот збор! Се чисти кејот на реката Вардар. Се поставуваат украсни канделабри на плоштадот „Македонија“. Најдоброто, доаѓа!, објави Ѓорѓиевски попладнево на неговиот фејсбук-профил.
Акцијата за чистење Ѓорѓиевски ја почна завчеравечер по примеопредавањето на функцијата од досегашната градоначалничка, и како што самиот изјави, акцијата би требало да заврши утревечер.
Деновиве со механизација и рачно се чисти коритото и косините на Вардар, се отстранува кабаст отпад и пластични шишиња и се расчистува земјен материјал насобран во централниот дел на кејот, а се празнат и контејнерите од ѓубре.
Во акцијата се вклучени луѓе и опрема од комуналното претпријатие на Скопје, како и механизација и екипи од ЈП „Улици и патишта”- Скопје.
Македонија
Родителите на починатите во „Пулс“ со порака до судиите: Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми
Во Кочани денеска родителите на жртвите од пожарот во дискотоеката „Пулс“ одржаа нов „Марш за ангелите“, упатувајќи порака до правосудните институции дека очекуваат вистинска правда за настраданите.
-Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми, затоа што ако институциите продолжат да молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во системот. Исполнете ја вашата должност — не за нас, туку за нашите деца и за иднината на сите други што утре ке сакаат да живеат во држава со вистинска правда, порачаа родителите на починатите во „Пулс“ во своето обраќање пред медиумите.
Пред зградата на Основниот суд, мајка на починато дете во името на сите учесници на маршот, упати критика до Јавното обвинителство дека оваа институција не реагирала на тоа што уште пред три недели им биле доставени докази дека осомничено лице се сретнало со оштетен родител, што сметаат дека носи реална опасност да се влијаа врз сведоците и оштетените и да се загрози целата постапка и нејзината правичност. Тие најавија, дека во рок од една недела очекуваат јасен и конкретен одговор за преземените мерки по доставените докази, во спротивно велат ќе преземат посилни јавни и организирани акции.
Првото судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржи на 19 ноември, обвинети се 34 физички и три правни лица, кои се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Како што информираа од Кривичниот суд Скопје, рочиштето ќе се одржи во судницата во КПУ Идризово, а предметот според Акмис системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
Во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи на 16 март, годинава, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

