Македонија
Анкетната за прислушувањето не ја исполнила својата функција
Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето не ја исполнила својата функција поради бојкотот на ВМРО–ДПМНЕ, смета претседателот на комисијата Петре Шилегов, додека Илија Димовски од владејачката ВМРО-ДПМНЕ го повикува да се повика лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев да сведочи, па макар и на затворена седница.
„На истекот од крајниот рок за работа на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето, сакам да ја известам јавноста дека Анкетната комисија, заради бојкотот и блокадата од страна на ВМРО ДПМНЕ, не успеа да ја исполни својата функција “, рече Шилегов. Шилегов вели дека пред десетина дена дале „последна шанса“, да одржат седница на која јавно ќе биде сослушан претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој пред две седмици се повлече од должноста поради распишувањето на предвремените избори, да даде исказ пред целокупната јавност. „Истиот одбра наместо да се соочи со пратениците во Собранието на Република Македонија, да му ги постават прашањата коишто е заинтересирана целокупната јавност, на истиот ден да донесе одлука за незаконско распуштање на Собранието на Република Македонија“, рече Шилегов.Според него, поради тоа може да се заклучи дека оваа точка од договорот од Прижино, нема да може да биде исполнета, бидејќи Анкетната комисија нема да може до крајот на јануари, да достави до Собранието Извештај за својата работа, а тоа покажува дека нема политичка волја кај владејачката партија да се спроведе Договорот од Пржино.„Наместо тоа, денеска ВМРО – ДПМНЕ измислува нова драмолетка за нова Анкетна комисија. СДСМ нема намера да учествува во оваа драма, бидејќи прислушувањето беше една од точките од Пржино, а таа не е исполнета“, рече Шилегов. По Шилегов, прес-конференција одржа и координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ Илија Димовски, којшто ги обвини Шилегов и СДСМ дека со суспендирање на Анкетната комисија за прислушувањето креирале причина повеќе за да избегаат од веќе изгласани датуми за избори. Како што вели Димовски, Шилегов и СДСМ работеле за таа да не даде резултат. „Да потсетам, дека следен кој требаше да даде изјава пред Анкетната комисија во момент кога Шилегов ја укина Анкетната комисија, беше токму Зоран Заев. Тој што беше следен да даде изјава е Зоран Заев. Зошто беше суспендирана Анкетната комисија, за да не дојде ситуација пратениците во Собранието на Република Македонија да му постават десетици и десетици прашања на Зоран Заев. Со кого тој соработувал, како ги добил снимките, какви ветувања давал на домашни и меѓународни фактори, која му била целта, колку материјали има, дали се сите предадени, дали не се сите предадени, каде ги чувал во меѓувреме, каде се одвивале средбите со разни фактори за кои што се зборува во јавноста“, рече Димовски.Одговорајќи на новинарско прашање, зошто тогашниот премиер Никола Груевски и останатите сведоци од ВМРО-ДПМНЕ не сведочеле на јавна седница Димовски одговори дека тие играле „конструктивна улога“ и се обидувале да „избегнат драма“. Илија Димовски го повика Петре Шилегов уште утре да го покани Заев, а ВМРО – ДПМНЕ нема проблем тоа да биде на затворена седница на која, како што истакна Димовски, потребни се одговори на повеќе прашања од лидерот на СДСМ./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

