Македонија
Апелација ја одби жалбата на Обвинителство, Савевски и Куновски остануваат во куќен притвор

Апелациониот суд ја одби жалбата на скопското Јавно обвинителство, со што приведените демонстранти, членови на партијата Левица остануваат во куќен притвор и нема да им биде изречен затворски притвор, како што бараше Обвинителството.
Скопското јавно обвинителство побара куќниот притвор да се замени со ефективен притвор за двајцата членови на Левицата, Здравко Савевски и Владимир Куновски, учесници во протестите против одлуката за аболиција.Обвинителството поднело жалба на решението на Судот да не определи ефективен, туку куќен притвор, и предметот се наоѓаше во Апелациониот суд кој одлучуваше по жалбата на Обвинителството.Судењето за двајцата демонстранти беше повторно одложено за на 31-ви мај бидејќи Државното правобранителство, иако има изготвено вештачење, дојде без вештачење. Савевски и Куновски речиси еден месец се во куќен притвор и се товарат дека учествувале во демолирањето на Народната канцеларија на Претседателот на 13-ти април на протестите против аболицијата./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Претседателката Сиљановска-Давкова потпиша укази за унапредување и поставување на старешини со генералски чинови

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во согласност со одредбите од Законот за одбрана, со укази изврши поставување на старешини на формациски места предвидени за генерали.
Бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, досегашниот началник на штаб во Командата за операции, е поставен за командант во Командата за операции во Генералштабот на Армијата.
Бригадниот генерал Бесник Емини, досегашниот командант во Командата за операции во Генералштабот на Армијата, е поставен за државен советник за политика и планирање во Директоратот за политика и планирање, кризен менаџмент и цивилно-воена соработка во Министерството за одбрана.
Бригадниот генерал Орце Јордев, досегашниот советник на началникот на Генералштабот на Армијата за обука, вежби и научени лекции, е поставен за директор на Генералштабот на Армијата.
Бригадниот генерал Симеон Трајковски, досегашниот директор на Генералштабот на Армијата, е поставен за советник на началникот на Генералштабот на Армијата за обука, вежби и научени лекции.
Полковникот Васко Коколански е разрешен од должноста командант на Командата за обука и доктрини и тој ќе биде поставен во Генералштабот на Армијата.
Полковникот Лулзим Нуредини е поставен на должност командант на Командата за обука и доктрини и со указ на претседателката е унапреден во чин бригаден генерал.
Сите потпишани укази од страна на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се извршуваат веднаш, информираат од кабинетот на претседателката.
Македонија
МВР: Државата ги засилува своите капацитети, показна вежба на специјалните единици за спасување од жичарница

Денеска во Скијачкиот центар Маврово во организација на Македонското здружение на спасители во скијалишта се одржа показна вежба со сценарио „Евакуација од жичарница“.
Во рамки на показната вежба тимови од МВР од Специјалната антитерористичка единица – Тигар, Единицата за брзо распоредување и Баталјонот за специјални сили на армијата „Волци“ вршеа безбедна евакуација на жичарницата која прекинала да работи.
Во сценариото на вежбата жичарницата која вообичаено работи на електричен погон заради дефект прекинува да работи, не успева да профункционира ни дизел агрегатот кој треба да преземе и тогаш се повикуваат тимовите кои имаат такви специјалистички обуки, да извршат симултано и безбедно спуштање на патниците коишто се затечени на жичарницата.
Целта на вежбата е унапредување на капацитетите на државата за справување со вакви кризни ситуации, засилување на соработката меѓу различни институции се со цел заштита и безбедност на граѓаните во вакви ситуации.
Македонија
Божиновска на средба со јапонската амбасадорка Кавахара: Јакнење на соработката во енергетиката

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со амбасадорката на Јапонија во Македонија, Сецуко Кавахара. На средбата се разговараше за јакнење на билатералната соработка, со фокус на одржливата енергија, еколошките технологии и инфраструктурните проекти.
Јапонија е долгогодишен партнер на Македонија и значаен поддржувач на зелени иницијативи, модернизација на енергетскиот сектор и заштита на животната средина. Божиновска истакна дека искуството на Јапонија во развојот на чисти технологии и енергетска ефикасност е од особено значење за Македонија во нејзиниот процес на енергетска транзиција.
„Јапонија е земја која е синоним за иновации и одржлив развој. Визијата за чиста енергија и ефикасно користење на ресурсите е нешто кон што тежнееме и во Македонија. Верувам дека преку партнерство можеме да ги зајакнеме капацитетите во обновливите извори на енергија и да воведеме напредни технологии кои ќе ја направат нашата енергетска иднина поодржлива,“ истакна министерката.
Амбасадорката Кавахара ја потврди посветеноста на Јапонија кон поддршката на проекти во Македонија кои имаат за цел енергетска ефикасност, заштита на животната средина и развој на технолошки решенија за подобра одржливост.
На средбата беше нагласена потребата од продлабочување на соработката преку нови заеднички иницијативи и програми кои ќе придонесат кон модернизација на енергетскиот сектор и создавање на почиста животна средина во Македонија.