Македонија
Апелација сé уште нема одлука за притворот на Талески, се најавуваат протести
Апелациониот суд сé уште нема одлучено дали на градоначалникот на Битола, Владимир Талески, ќе му биде определен куќен притвор, како што бара Специјалното јавно обвинителство, за случајот „Транспортер“, потврдија соговорниците на Макфакс.
Кривичниот суд го испратил предметот во Апелација денеска.
Овој суд треба да одлучува по жалбата на одбраната на Талески, која го обжали решението на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 на Талески да му се одреди куќен притвор наместо одземање на пасошот, како што одлучи Судија на претходна постапка. Иако ова решение беше донесено во четвртокот Талески сé уште не е во притвор, а го нема ниту во јавноста, бидејќи решението од Судот се уште не стигнало до битолската полиција. Од Апелација, пак, немаат информации дали предметот е стигнат во овој суд, единствено што нé информираа е дека одлука сé уште нема. Ниту од Основниот суд Скопје1, ниту од Апелациониот суд не прецизираат кој е рокот, до кога треба да се изјасни Апелациониот суд.Во меѓувреме, Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ), организација која ги поддржува политиките на владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ во неделата повика на јавен собир во понеделник со почеток во 11 часот пред Основниот суд Скопје. „Да се собереме сите и да испратиме гласна порака и охрабрување до судот: судете според закон, а не според политички нарачки!“, се вели впо повикот на ова движење на нивната Facebook страница. Тие ќе протестираат против одлуката на Судoт на Талески да му биде определн куќен притвор.Талески е обвинет во предметот „Транспортер“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство поради сомневање за незаконски тендери при организирање на транспортот на учениците од училиштата во регионот на Битола.Талески е првоосомничен во овој случај, а покрај него за злоупотреби со превозот на ученици во Битола осомничени се уште 21 лице, кои направиле 81 дејствие спротивни на Закон за јавни набавки, Закон за основно образование, Закон за средно образование.Осомничените се товарат дека изработувале фактури со суми многу повисоки од договорените, а тие биле одобрени од директорите на училиштата. Наплатата била направена во 2012 до 2014 најчесто преку цесии оти им биле блокирани сметките поради неплатен превоз./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски му одговори на Филипче: Имаме незрела, безидејна и неодговорна опозиција
Имаме неодговорна, неконструктивна, незрела и безидејна опозиција која се служи со вакви квалификации како што денеска ги слушнавме од господинот Филипче, вели премиерот Христијан Мицкоски, по прес – конференцијата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој кажа дека нема да има лидерска со криминалци. Според Мицкоски, пораките од опозицијата се збунувачки, затоа што прво тие барале лидерска средба, а сега ја одбиваат.
„Мислев дека со овој повик ќе покажеме зрелост и широчина и на тој начин ќе можеме како политички чинители да се обединиме. Тема на лидерската средба не беше само законот за техничката влада. Ако така незрело и неодговорно се однесуваме како опозицијата, тогаш нам лидерската средба не ни е ниту потребна и можеме со 61 глас да го смениме законот за влада и да ја избришеме техничката влада Но, ние сакавме целиот процес да биде инклузивен“, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање.
Тој додаде дека на средбата сакале да се зборува и за реформската агенда, за законите од областа на правосудството, јавното обвинителство и други области преку еден инклузивен процес.
„Но, ете, за жал, имаме неодговорна, неконструктивна, незрела и безидејна опозиција која се служи со вакви квалификации како што денеска ги слушнавме на прес – конференцијата на господинот Филипче. Однесувањето на Филипче, очигледно, на ваков тип обраќање на јавноста е составен дел од неговиот менаџерски договор што го има потпишано со СДСМ, договор да се служи со навреди“, рече Мицкоски.
Премиерот кажа дека, сепак, ќе испратат формални покани за средбата која била планирана за 14 јануари.
„Но, тоа е негов избор. Ние, сепак, формално денес или утре ќе ги испратиме поканите за средба. Планирано беше на 14 јануари во Клубот на пратениците да се одржи таа лидерска средба. Пораките се збунувачки, тие бараа лидерска средба, а сега ја одбиваат. Збунувачки и неодговорно е ваквото однесување на опозицијата“, рече Мицкоски.
Македонија
За една недела 1.725 заболени од грип, пикот се очекува на крајот на јануари и почетокот на февруари
Во периодот од 29 декември 2025 година до 4 јануари 2026 година пријавени се 1.725 случаи на грип, што е за 2,2 пати повеќе во споредба со неделата претходно, кога бројката на пријавени случаи изнесувала 771 заболен, информира директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска.
Споредено со истата недела од мината сезона, бројот на заболени од грип е зголемен за 5,2 пати.
Според возраста, најголем дел од заболените лица или 749 се од возрасната група помеѓу 15 и 64 години, потоа 618 се деца на возраст од пет до 14 години, 229 од заболените се деца на возраст од нула до четири години и 129 лица се на возраст над 65 години.
„Согласно овие податоци во Македонија имаме висок интензитет на вирусот на грип со очекување за натамошно зголемување во наредниот период“, рече Андоновска и додаде дека сепак, ваквата ситуација не е нешто ново, имајќи предвид дека се наоѓаме среде период на празници со многу прослави и собири на луѓе, што го зголемува ризикот од трансмисија на вирусот.
Андоновска кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.
Македонија
(Видео) Филипче: Средба со криминалци нема да има
Средба со криминалци нема да има. Нема средба за техничката влада, Мицкоски е во тесно, му се брза и бара алиби за распишување на предвремени избори, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Ова што се случува е сценарио кое што е смислено уште лани, кое јас и СДСМ го разоткривме и јавно го говоревме повеќе од два месеци. Предвремени избори па мигранти за пари. Нема пари во буџетот, власта се брза да превеземе мигранти, да земе кредит 6 милијарди евра плус 20.000 фунти по мигрант, како што пренесоа британските медиуми. Мицкоски и тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ нека си ги распишат изборите сами кога веќе се имаат испланирано, СДСМ нема да биде покритие за оваа сценарио“, рече Филипче.
Според него, техничката влада мора да остане, затоа што власта узурпирала се.
„Ги стави канџите во правосудството, презема целосна контрола врз обвинителството, носи измени на Кривичниот законик спротивно од препораките на Европската Унија.Тоа го прави за заштита на криминалот на власта. Донесе резолуција за укинување на слободата на говор на опозицијата, со тоа ја загуши дополнителна демократијата и донесе Закон за полиција за целосна партизација и за бркање на професионалците. И за сето ова во текот на утрешниот ден ќе организираме брифинг на којшто ќе ги соопштам во детали работите кои што се прават во правосудството со поднесените предлог-закони. Да не беа овие чекори, можда и можеше да се разговара, но ова е класична мафија“, рече лидерот на СДСМ.
Филипче додава дека со криминалци кои се обидуваат да узурпираат се и да се спасат себеси, нема седнување на маса за техничката влада, има само одговорност.
„Сето она што СДСМ го говори во изминатиот еден месец сега се случува пред очите на граѓаните. Се потврди и поврзаноста и со СНС и со Србија, исто така тоа што го зборувавме. Како е можно во рок од само еден час по изјавата на Вучиќ во Србија, Мицковски да ги споменува изборите? Што е тоа коинциденција или тоа што го зборуваме изминатите повеќе од месец дена.
И сега е на сите јасно се, нема потреба од дополнителни објаснувања. Акцијата на Соединетите Американски Држави, Законот за западен Балкан каде фокус е борбата против криминалот и корупцијата ги забрзаа работите. Зошто постои потреба токму на најголемиот празник на Божиќ да се пласираат такви политички вести? Очигледно е дека се разоткриени пред целиот свет. Постојат најави за црни листи, за санкции на политичари од целиот регион кои што ќе бидат објавени овој или наредниот месец. Мицкоски повикува на средба, а до вчера не обвинуваа секој ден, бараа да си заминам од СДСМ, измислуваа за мене приказни, Дубаи, Харис Џинович, Сент Моритц, секој ден лажни вести, навреди додека со службите ме следат. Дури и во СДСМ од внатре се обидоа да ја рушат партијата. И сега средба? Па, дали мислат дека и јас и СДСМ сме наивни? Средба нема, техничката влада останува“, вели Филипче.

