Македонија
Апропо сообраќајката на Спасов: Колку тежат моралните вредности на нашите политичари?
Сообраќајна несреќа се случи во петокот вечер во скопската населба Тафталиџе во која учествуваше дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов, кој според очевидци, бил во алкохолизирана состојба и додека траел полицискиот увид, со друго возило го напуштил местото на настанот.
Според првичните информации, Спасов управувајќи со џип „туарег“, во сопственост на Агенцијата за вработување, ноќеска околу полноќ, откако претходно престојувал во хотел во близна на скопскиот Градски парк, удрил во две паркирани возила, по што, наместо да даде изјава на увидната екипа, тој со друго возило побегнал. Подоцна полицијата кај Спасов извршила тестирање за евентуално присуство на алкохол и психотропни супстанци, а резултатите би требало да бидат објавени во текот на денот.
Како што изјавија очевидци, веднаш по несреќата на местото на настанот дошло трето лице кое дало изјава дека тој возел со автомобилот.
Со тоа, пак, дополнително, во целиот инцидент се направени неколку кривични дела, од предизвикување на општа опасност во сообраќајот, до давање на лажен исказ, напуштање на местото на настанот…
Од кабинетот на Спасов преку фејсбук реагираат дека станува збор за „типичен пример на организиран и координиран напад поттикнат во политички цели против дополнителниот заменик министер и во наредните денови не е исклучено и поведување постапки пред надлежните судови за докажување на вистината.
Забележливо е, меѓутоа, дека во реакцијата не се негира категорично дека се случила сообраќајна незгода, туку во прашање се доведуваат медиумските квалификации за последиците од инцидентот.
Во целата оваа работа станува очигледно дека кај македонските политичари недостига доблест, да се признае вината и согласно сторениот „грев“ да се понесе соодветна одговорност.
Но, се чини, дека кај нас работите се поставени опаку. Доколку некој од функционерите во власта го прекрши законот, се активираат милион механизми како тоа да се забошоти, па дури и вината да се префрли врз друг.
На нашите видни политички фигури во минатото и денес, не им е туѓо да „тргнат“ по некоја чашка, па потоа да седнат во возилото и да управуваат, како, само тие си знаат.
Министри, директори, спортисти, естрадни уметници, под дејство на алкохол често правеа прекршоци, па подоцна се јавуваа кај некои „повисоки структури“ да им „ја скинат“ пријавата, да ја претстават поинаку сообраќајката, или дури и да се заканат со тужби кон медиумите кои евентуално нешто ќе напишат.
„Знаеш ли кој сум јас…Има да те нема…Ќе леташ од работа само еден број да свртам…“, се најчестите реплики кои „недопирливите“ ги упатуваат кон оние што евентуално ќе им посочат дека згрешиле.
Па во оваа наша „убава Македонија“, дури и еден поранешен премиер, малку „под гас“, покоси електричен столб, па никому ништо. Тогаш речиси и да немаше информација за инцидентот, ниту, пак, за лицето што управувало со возилото.
Родителите на 20 годишната Фросина Цековска, студентка од Крива Паланка, која во април минатата година беше прегазена на булеварот Партизански одреди, тврдат дека „хондата“ што ја прегази нивната ќерка била управувана од син на политичар од власта, но, според нивните тврдења, за да се затскрие целата работа во полиција подоцна се пријавило друго лице.
Сомневањата се подгреани и од фактот што истрагата доцни, снимките од надзорните камери и останатите докази подоцна се доставени, па сето тоа кај родителите на настраданата девојка само ги продлабочуваат сомнежите.
„Истрагата е насочена против лицето кое се пријавило, но има јаки сомнежи. Недостигот од папиларни линии, бришење на воланот, наоѓање разни отпечатоци на седиштата. Не се совпаѓаат папиларните линии на воланот со папиларните линии на убиецот. Сто отсто е друг“, рече таткото на Цековска, во изјава за медиумите на едно од судењата.
Значи, од морален аспект, лицето што е на одредена функција во државата, треба со својот пример да покаже дека не е над законот, туку дека доколку згрешил, ќе си ја плати заслужената казна. Само на тој начин и обичните граѓани, оние што стојат на земја, ќе веруваат дека „сите сме еднакви пред законот“.
Како е во другите држави
Но, постојат културни држави во кои законот важи за сите, без оглед дали некој е политичар, син на политичар, или некоја друга „крупна ѕверка“.
Дваесет и деветгодишната шведска министерка за средношколско и образование на возрасните, која беше претставувана како нова надеж на социјалдемократската партија, Аида Хаџиалиќ, поднесе оставка поради тоа што полицијата ја запрела додека возела под влијание на алкохол.
„Беше тоа најголемата грешка во мојот живот (…) Ја преземам одговорноста. Објавувам дека имам намера да поднесам оставка на министерската должност. Сфаќам дека многумина се разочараа во мене. И самата сум си лута себеси и искрено жалам“, рече министерката на прес-конференција во Стокхолм, а медиумите забележуваат дека била видно потресена.
Заменик премиерот на канадската провинција Саскатчеван, Дон МекМорис, поднесе оставка откако возел во алкохолизирана состојба.
„Не требаше да седнам зад воланот по пиењето…Многу жалам и преземам одговорност за моите дела“, рече МекМорис, образложувајќи ја оставката.
Претставникот на Тајван во Сингапур, Антонио Чианг, поднесе оставка откако бил фатен како вози под дејство на алкохол.
Чианг во изјавата рече дека жали што и направил проблеми на владата и поднел неотповиклива оставка.
Судија од Кларксвил во САД исто поднесе оставка заради возење во пијана состојба.
„Сметам дека моето однесување е неприфатливо. Беше опасно, и, очигледно дека ја наруши довербата на заедницата во избраните органи, со што го доведува под знак прашалник интегритетот на судот, а не е во ред јас да дозволам да биде загрозена квалитетната работа на судот“, рече судијата Мики Вебер, образложувајќи ја одлуката за оставката.
Вакви примери може да наведуваме уште стотици, што покажува како треба да се однесува еден човек кому заедницата му ја дала довербата, а тој се чувствува дека ја изневерил нивната доверба и заради тоа си заминува.
Епилог
И после сѐ, кога ќе се вратиме повторно кај нас, целата работа најверојатно ќе заврши со образложение дека едните на другите политички им подметнуваат, дека ситуацијата е исценирана, дека посочениот не управувал со возилото, дека некој друг е виновен…
Но, уште повеќе зачудува фактот што висок претставник во власта, заменик министер, припадник на демохристијанска партија која се залага за негување на семејните вредности, се оддава на пороци и води раскалашен живот што не доликува на функцијата што ја врши.
Покрај тоа, дали постои етика во чинот на бегање од местото на настанот. Дали во еден момент не се запрашал дали е некој повреден или, не дај Боже, настрадан во сообраќајката што ја предизвикал.
Во спрега со инертното судство, кое експресно во краток рок ќе глоби обичен смртник со 300 евра само затоа што застанал 15 секунди на автобуска постојка само од него да излезе патник или, пак, зошто случајно не пропуштил пешак, тогаш повеќе од јасно станува дека сѐ набргу ќе се заборави, исто како и претходно што се случуваше низ годините.
А бидејќи кај нас сите се „оперирани“ од морални вредности, тешко е да се очекува дека Спасов ќе си поднесе оставка, но многу веројатно е дека ќе следат прес конференции, тужби, закани…
Како и да е, единствена светла точка во последниот инцидент од синоќа е што нема настрадани со смртни последици.
Па така, ни останува само горчливиот вкус во устата, со спознанието дека државата ни ја водат манипуланти кои ни мачкаат очи пред секои избори претставувајќи се како „невини луѓе што ќе изгинат за доброто на народот“, а во суштина се само „грст чемер и јад“ кои се богатат на маката на обичниот човек. /крај/мф
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Нема да дозволам внатрепартиско роварење и поделби платени од ВМРО
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната средба во Штип со општинските организации од изборната единица 3, порача дека консолидацијата и внатрепартиското единство се клучни предуслови за зајакнување на СДСМ и за успешна борба против оваа власт. Тој нагласи дека нема да дозволи внатрепартиски поделби платени од ВМРО-ДПМНЕ.
-Има некои луѓе кои што се амбицираат како некоја групација, меѓутоа не сакаат да дојдат и да разговараат, не сакаат да ги соочат аргументите, затоа што аргументи немаат. Затоа што се платени од ВМРО-ДПМНЕ на кои што проектот ЗНАМ веќе им пропадна, и не може да сметаат повеќе на тоа, рече Филипче.
Филипче додаде дека, со оглед на падот на поддршката кај ВМРО, единствениот начин што го користат е да предизвикуваат поделби во СДСМ но дека тој нема да дозволи нови поделби и внатрешно роварење.
-Имајќи предвид како ја губат поддршката од граѓаните, се што може да направат е дополнително нас да не делат. Јас нема да го дозволам тоа внатрепартиско роварење, делење, заради нечии интереси коишто да знаете ако не се сте ја знаеле позадината тој проект е повторно, како проектот ЗНАМ, платен од ВМРО-ДПМНЕ, платен заради тоа што тој е единствениот начин тие да останат на власт, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ упати порака и до оние кои, како што велат од партијата, се обидуваа да не успее Конгресот на СДСМ.
-Жалам што имаше другари, кои се обидуваа и конгресот да не успее. Пуштаа пораки на делегатите, им кажуваа да не доаѓаат. Сакам јасно и гласно да им кажам да им биде последно. На крај памет, не да направат нешто, да помислат нешто, да направат против партијата од која добиле се. Не станува збор за мене. Ние не можеме да работиме еден против друг, против СДСМ. Кој и да работи против, работи против партијата. Со тоа, во оваа ситуација и против државата, рече Филипче.
Македонија
Стојаноска за Трендафилов: Волкот во јагнешка кожа, не наседнувам на неговото сценарио
Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска со критики до претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, откако на прес-конференција тој кажа дека објава на видео од неговите малолетни деца нема да го замолчи и ги повика институциите да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојаноска.
Пратеничака Стојаноска пак во објава на социјалните мрежи вели дека сосема е препознатлив речникот на Трендафилов и дека не би сакала воопшто да наседнува на неговото сценарио.
„Видеото јасно го прикажува неговото однесување со службеното возило на ССМ. Не се цел неговите малолетни деца (чии што идентитети се прикриени на самото видео). Целта е да се прикаже на јавноста како овој “волк” изигрува јагне, “бранејќи” ги правата на работниците или во превод: разоткриено е целото лицемерие на “водачот” .
Јавните личности треба да се подготвени на секакви видеа и фотографии. Тоа е “цената” која секоја јавна личност знае како и колку ја “плаќа”.
Секако, не мислевте дека ние, како пратеници, немо ќе гледаме како “со сите средства” поддржани од вашите политички ментори СДСМ и Левица, вршите притисок врз мнозинството и промовирате идеологија од минатото, каде државата или законодавецот се става над приватната сопственост.
Што се однесува до видеото, можеби да е и од некој незадоволен работник од “штитењата” на Трендафилов?!?
Што се однесува до мојата реакција на неговата изјава (закана): Почитувам закони и Устав! Нека се постапи согласно законите и да видиме кој тоа е виновен?!?
П. С. Да наречеш пратеничка (која предводеше листа на последните парламентарни избори која освои 21.622 гласови) монструм, не само што е напад врз жена, туку е напад и врз 21.622 жители на ИЕ 6.
П. П. С. “Јагнето” Дичо за истите тие избори се фалел дека “вредел” околу 7-8.000 гласа (а, вчера беа само 50 ина на “блокадите”) и дека сите ги убедил да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ на ниво на цела Македонија.
П. П. П. С. Ако сака да ја продолжи “битката” со мене, го чека ДАФИНА“, напиша пратиничката на социјалните мрежи.
Македонија
Режимот на ДПМНЕ со демнење и следење демонстрира сила наместо да одговори како се преживува со 400 евра плата, велат од Левицата
Левица најостро реагира на скандалот со следењето на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, што кулминираше со јавно објавување на снимка на која тој е заедно со неговите малолетни деца. Ова е злоупотреба на безбедносни механизми и демонстрација на режимска сила насочена против синдикалното организирање, велат од оваа партија.
„Откако Христијан Мицкоски наместо достоинствено да одговори на барањата на работниците, јавно најави дека „ќе се виделе снимки“ од претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, следеше објава од пратеничката Дафина Стојановска – со видео во кое синдикалниот лидер е снимен заедно со неговите малолетни деца. Овој хронолошки след не остава простор за наивни толкувања, туку станува збор за координирана политичка операција со цел дискредитација, заплашување преку крајно недозволиви механизми на демнење и следење“.
Во држава во која безбедносните служби посебните истражни мерки (ПИМ) смеат да ги користат исклучиво за тешки кривични дела, според Левица, следење на синдикален лидер кој бара повисоки плати претставува скандал од прв ред.
„Доколку се користени тајни служби или ПИ мерки за политичка пресметка со синдикат, тоа е директна злоупотреба на државниот апарат. Ако, пак, следењето е вршено по партиска линија со логистика и ресурси достапни преку власта, тогаш станува збор за параинституционално дејствување кое е подеднакво опасно и претставува кривично дело!
Дополнително, објавувањето снимка во која се појавуваат малолетни деца претставува особено дрско и неморално преминување на сите граници. Тоа е обид за притисок и индиректна закана – порака дека секој кој ќе се спротивстави на вмровската власт може да биде ставен под надзор, изложен и компромитиран.
Дафина Стојановска – пратеничка која важи за паразит кој со години наплатува високи патни трошоци и покрај тоа што поседува меѓудругото и четири стана во Скопје, денес глуми разобличувач на човек кој бара достоинствени плати за работниците. Тоа лицемерие е политички цинично и морално неодбранливо. Станува збор за пратеничка која очигледно вчера била изреволтирана што не успеала да наплати патни трошоци, бидејќи претходно, јавноста помни, дека жестоко се спротиставуваше на укинувањето на патните трошоци на пратениците! Инаку, нејзините патни трошоци само во 2025 година надмниуваат 11 минимални плати.
Да бидеме јасни – барањата на синдикатите немаат партиска позадина“.
Како што нагласуваат од Левица, тие произлегуваат од реалноста во која платите на работниците се заглавени на дното во регионот и Европа, инфлацијата го уништува домашниот буџет, сметките растат, животниот стандард опаѓа, а општините предводени од ДПМНЕ ги зголемуваат трошоците за граѓаните до надоместоци за градинки.
„Во такви услови, синдикалната борба е легитимна и неопходна.
Ова е симптом на власт која ја поистоветува државата со партијата и безбедносниот апарат со сопствената пропагандна машинерија. Следење на синдикален претставник и јавно изложување на неговото семејство претставува јасна демонстрација на ароганција, страв и авторитарен менталитет. Наместо да се соочи со сиромаштијата, инфлацијата и понижувачките плати, ДПМНЕ избира да произведува афери и да таргетира луѓе кои бараат достоинствен живот за работниците.
Прашањето на кое функционерите од ДПМНЕ треба да одговорат не е кој е Слободан Трендафилов, туку дали тие би преживеале со 400 евра плата“.

