Македонија
#BULLILOVEstories – Фасцинантната приказна за глобалниот феномен на Volkswagen Bulli пристигна во Македонија

Со проектот #BULLILOVEstories, Volkswagen Комерцијални возила уште од 2022 година го слави духот на Bulli низ целиот свет. Оваа серија не е само патување, туку и сведоштво за тоа како Bulli е многу повеќе од автомобил – тоа е икона, животен стил и член на семејството.
Во 2025 година, приказните #BULLILOVEstories пристигнаа и во Македонија.
Посетите на обожавателите на Bulli низ Европа се предводени од Кристијан Шлутер, портпарол на Volkswagen Комерцијални возила за камперски возила и олдтајмери и голем љубител на кампување. Тој патува со својот целосно електричен ID. Buzz, без никаква посебна подготовка, докажувајќи дека електричниот Bulli е подготвен за секојдневни авантури.
Во потрагата по најинтересните и најемоционалните приказни за Bulli, до својата посета во Македонија, Шлутер има поминато повеќе од 115.000 километри низ 38 земји, а нашата земја е неговата 39-та дестинација. На пат кон дома, ќе посети уште една, 40-та земја. За време на патувањето, има поминато повеќе од 175 ноќи во ID. Buzz, кој е опремен со фрижидер, кујна во задниот дел и конструкција за кревет.
Кристијан Шлутер споделува само позитивни искуства од неговото речиси 4-годишно патување со целосно електричниот ID. Buzz. Во ниту една земја немал проблем да најде локации за полнење благодарение на развиените апликации и никогаш не останал со празна батерија.
Во 2025 година, патувањето низ Европа и Балканот со електрично возило е значително поедноставено во споредба со 2022 година. Повеќе не треба да постои ограничувањето ниту дилемата “потребни ми се 3 дена за да поминам 2000 километри со електрично возило”, бидејќи инфраструктурата во сите земји постојано се развива. Брзите полначи овозможуваат пократко време на полнење, правејќи го електричното патување попрактично од кога било досега.
Приказните што ги споделува се премногу богати и возбудливи за да се сведат на неколку страници, но секоја од нив придонесува кон ширењето на проектот #BULLILOVEstories, откривајќи како изгледа да се поминат илјадници километри со електрично возило низ Европа. Кристијан Шлутер и Volkswagen Комерцијални возила размислуваат за проширување на проектот #BULLILOVEstories, со фокус на искуствата – како е да се поминат илјадници километри со електрично возило.
Со овој проект, Volkswagen Комерцијални возила поставува нови стандарди за мобилност, комбинирајќи ја електричната иднина со култното наследство на Bulli. Резултатот е вистинска инспирација за глобалната Bulli заедница.
ПР објава
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.