Македонија
Царината заплени околу 90 литри ракија и три литри узо со сомнителен квалитет
Царинската управа заплени околу 90 литри домашна ракија и три литри узо без бандероли и со сомнителен квалитет во акција за контрола на продажба на акцизна стока продолжи на територијата на Скопје и Тетово, што беше спроведена во понеделникот и вторникот.
Во еден угостителски објект во Тетово е утврдена нелегална продажба на жестоки пијалаци и се одземени околу четири литри алкохолни пијалаци – ракија и узо, додека при контрола на локал во сопственост на физичко лице се откриени и одземени 74 литри домашна ракија. На територијата на град Скопје во два угостителски објекти се откриени неправилности во поглед на акцизното работење и се одземени вкупно 13.5 литри домашна ракија и два литри узо.Минатата седмица во иста акција на Царинската управа за контрола на продажбата на акцизна беа запленети 100 литри сомнителен алкохол во Дебар, Охрид и Струга, а претходно при контрола на продажбата на ацизна стока на повеќе зелени пазари, како и во малопродажни и угостителски објекти на територијата на Битола, Кичево и Прилеп, привремено се задржани вкупно 251 литар алкохолни пијалаци, од кои 243 литри домашна ракија и 8,3 литри други алкохолни пијалаци.Контролите се спроведуваат со цел да се обезбедат основните принципи за фер конкурентност, правилна наплата на буџетски приходи, но пред се да се заштити здравјето на луѓето. Сите привремено задржани алкохолни пијалаци воопшто не биле означени со контролни марки, ниту поседувале било каков сертификат за квалитет, а се нуделе на продажба.Против прекршителите Царинската управа презема соодветни мерки. Акциите за откривање нелегална продажба на акцизна стока ќе продолжат и натаму./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апелација ја зголеми затворската казна за двајцата директори поради пожарот во модуларната болница во Тетово
Апелационен суд Гостивар ја преиначи пресудата за случајот со модуларната болница во Тетово и на двајцата обвинети им ја зголеми затворската казна од една и пол на по три години. Истовремено е зголемена и паричната казна што треба да ја плати обвинетото правно лице – ЈЗУ Клиничка болница Тетово.
Осудените директори Фљорин Бесими и Артан Етеми се огласени за виновни за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“. Судот оцени дека изречените санкции соодветствуваат на тежината на делото и последиците.
Во пожарот во Модуларната болница во 2021 година загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти кои се лекувале од Ковид-19, и двајца роднини на хоспитализираните.
Македонија
Бугарија понуди мазут за Македонија, од Владата уверуваат дека не е потребна надворешна помош
Бугарија ѝ понудила на Македонија итни залихи на мазут, со цел да помогне во надминување на кризата во снабдувањето со електрична енергија, објави БНТ. Според бугарските медиуми, по проверка на залихите било утврдено дека земјата располага со доволни количини за сопствените потреби и може да ѝ помогне на Македонија во услови на кризна состојба во енергетиката.
Како што пренесува БНТ, понудата била дадена по телефонски разговор меѓу бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев и македонскиот министер Тимчо Муцунски, при што било нагласено дека помошта е израз на добрососедство и солидарност, со цел обезбедување енергетска безбедност и стабилност во регионот.
Од македонската Влада, пак, за Дојче Веле изјавиле дека државата засега не планира да ја прифати понудената помош. Според Владата, Македонија во моментов располага со доволни сопствени капацитети и не се наоѓа во состојба во која би имало потреба од ваков тип надворешна поддршка.
Владата на редовна владина седница донесе одлука за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија на целата територија на државата во рок од 7 дена од денот на влегување во сила на оваа одлука. Како што информираа, оваа одлука произлегува поради неможноста за набавка на мазут кој е неопходен во делот на производството.
depositphotos
Македонија
СДСМ обвини за политички прогон и дефокус со кривични пријави
Од СДСМ денеска обвинија дека поднесувањето кривични пријави претставува обид за дефокусирање на јавноста од, како што наведуваат, криминалите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштение до јавноста, од СДСМ посочуваат дека, според нив, секогаш кога владејачката партија е „фатена во криминални тендери, поскапа струја, мигранти за пари или резолуции против слободата на говор“, се користат методи за одвлекување на вниманието преку лажни вести или кривични пријави.
„Последниот пример е поднесената кривична пријава од МВР за поранешниот градоначалник на СДСМ од Пробиштип и тоа за поништено решение од негова страна“, наведуваат од партијата.
Како дополнителен аргумент за, како што велат, класичен дефокус, од СДСМ посочуваат на настан што се случил пред два дена, при инспекциска контрола на објект во сопственост на началникот на ОВР Пробиштип, каде, според нив, биле утврдени низа неправилности. Во соопштението се наведува дека објектот од намена училиште бил пренаменет во ресторан, со узурпација на државно земјиште, за што, како што тврдат, постојат претходни постапки и правосилна судска пресуда.
„Ова е класичен политички прогон и обид за дефокусирање на вниманието на јавноста“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека, според нив, ваквите обиди нема да успеат.

