Македонија
ЦУРМ додели награди и признанија, а новите цариници положија заклетва
Нововработените царински службеници во среда дадоа свечена заклетва, а на церемонијата им беше оддадено и признание на одредени поединци, институции и компании кои со својата работа допринесоа за успешна реализација на активностите на Царинската управа, додека на вработените кои навршиле 10, 20 и 30 години работен стаж, им беа доделени награди.
Свеченоста ја отвори директорката на Царинската управа, Наташа Радеска-Крстевска која истакна дека чествувањето на трудот, на заложбите и сработеното, на сите заеднички успеси, и неуспеси, чествувањето на моментот кога новите царински службеници ќе дадат службена заклетва за Царинската управа е чест и задоволство.
Радеска-Крстевска додели седум плакети и шест пофалници и тоа: за долгогодишна и успешна соработка во делот на вештачења, анализи, вешт наод и мислење, а особено заради нивната достапност 24 часа, беше доделена пофалница на Оддел за криминалистичко-техничко испитување и вештачења при МВР, кое само во 2013 година има извршено повеќе од 30 вештачења на опојни дроги, оружје, муниција и документи потребни за успешно водење на предистражната постапка на Царинската управа. Пофалницата ја прими Слободан Оклевски, началник на одделот.
На четири компании им беа доделени плакети и тоа: на компанијата Баргала – Штип која бесплатно ги острани ознаките на трговските марки од околу 3.000 пара обувки, на компанијата Ноел – Гевгелија која бесплатно ги острани ознаките на трговските марки од околу 800 парчиња облека, на компанијата од Јагја Мезлер од Штип, која бесплатно ги острани ознаките на трговските марки од околу 300 парчиња облека и на компанијата Дени Интернационал од Скопје која изврши бесплатен транспорт на горенаведените стоки од царинските магацини до компаниите и обратно, заради отстранување на ознаките, и ослободи дел од стоките од трошоци за складирање во својот магацин.
Со нивна помош, на 31-ви декември 2013 година на Министерството за труд и социјална политика Царинската управа му предаде 3.070 пара спортски обувки и 1.096 парчиња облека.
Плакета беше доделена и на компанијата Ксениа Какламанос од Гевгелија затоа што со своето успешно работење допринесува во спроведувањето на економската политика на Република Македонија, за развојот на општина Гевгелија и тежнее кон постојано унапредување и користење на царинските постапки за увоз за облагородување и забрзување на постапката при увоз и извоз, рече директорката на управата.
Од организационите единици на Царинската управа за постигнати исклучителни резултати, беа доделени плакети на: одделението за истраги при Секторот за контрола и за успешно завршена работа поврзана со борбата против трговија и пренос на дрога и дела против здравјето на луѓето, културното наследство и природните реткости, јавните финансии, правниот сообраќај и јавниот ред и на Царинска испостава Табановце-автопат при Царинарница Куманово – заради постигнати исклучителни резултати во работењето.
За исклучителен придонес во откривање на царински и девизни прекршоци, кривични дела и спречување на криумчарење на опојни дроги, Царинската управа им додели пофалници на пет царински службеници од царинските испостави Свети Наум, Ќафасан и Меџитлија.
На крај, на царинските службеници кои навршиле 30, 20 и 10 години работен стаж во Царинската управа им беа врачени златници и сребреници.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

