Македонија
Дијаспората може да се пријави за гласање на апликацијата од ДИК

Државната изборна комисија (ДИК) во среда на својата веб-страна ќе објави посебна апликација за пријавување за гласање на државјаните на Република Македонија кои живеат во странство за предвремените парламентарни избори на 11 декември.
Комисијата, во вторник доцна попладне го усвои Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на предвремените парламентарни избори на 11 декември, во којшто е предвидено пријавувањето за гласање на македонските државјани да започне од распишувањето на изборите и да трае до 11 ноември, кога завршува јавниот увид во Избирачкиот список за сите лица со право на глас. На седницата членовите на ДИК ја најавија оваа посебна апликација преку која македонските државјани што живеат надвор од државата ќе треба да пополнат пријава за гласање. Оние околу 80.000 што ги има во базата на МВР и се обележани во Избирачкиот список како иселени, ќе треба само да ја пополнат пријавата, додека другите кои не живеат во земјата повеќе од три месеци ќе треба да приложат соодветни документи како доказ дека живеат надвор од Македонија. Јавниот увид во Избирачкиот список во подрачните одделенија на ДИК и месните канцеларии ќе започне на 28 октомври и ќе трае петнаесет дена односно до 11 ноември. За време на јавниот увид, право да се пријават за гласање ќе имаат и 30.447 гласачи кои беа со спорни записи за време на последното прочистување на Избирачкиот список.ДИК очекува од Министерството за внатрешни работи до нив да бидат доставени податоци за лица кои наполниле или ќе наполнат 18 години до денот на изборите, како и нивни фотографии кои ќе бидат приложени во Избирачкиот список. Според актуелните законски прописи, Избирачкиот список за овие избори освен податоци за гласачите ќе содржи и фотографии, што би требало да ги намали шансите за изборни злоупотреби и нерегуларности. Роковникот предвидува листите на кандидати за пратеници политичките партии и независните кандидати да ги достават до ДИК најдоцна до 11 ноември на полноќ. Изборната кампања започнува на 21 ноември, а завршува на 9 декември.Од распишувањето на изборите стапија на сила и роковите кои се однесуваат на радиодифузерите и медиумите./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Ги исчистивме улиците, сега на ред се фосилите од локалната самоуправа!“, велат од ВЛЕН

„Викендот за чистење“ не е само симболична акција таа претставува одраз на европските вредности во пракса. Граѓанска одговорност, заедничка ангажираност и посветеност за почиста животна средина и подобра иднина. Во оваа корисна иницијатива учествуваа и високи државни функционери, меѓу кои и заменик-претседателот на Владата, Изет Меџити, велат од Влен.
„Но оваа акција не е крајот таа е само почетокот. Затоа што оваа година нема да се фокусираме само на чистење на јавниот простор, туку и на чистење на политичката сцена! Влегуваме во година на големо чистење, кога граѓаните конечно ќе имаат можност да ги отстранат политичките отпадоци што со години го попречуваат развојот. Фосилите на ДУИ, кои останаа вкоренети во локалната власт без никаква визија, ќе бидат испратени таму каде што им е местото во историјата, покрај нивните сопартијци во опозиција, за конечно да се реформираат или рециклираат.
ВЛЕН ќе биде гласот на промената во секоја општина со мнозинско албанско население. Ние нудиме конкретни и одржливи алтернативи за добрo управување – како на централно, така и на локално ниво. Не се бориме само за власт, туку за суштинско, вистинско и долгорочно прочистување.
Ги повикуваме сите граѓани да станат дел од оваа нова енергија. Од чисти улици – до чисти општински институции. Од викендот за чистење – кон цела година на политичко чистење.
Времето на фосилите заврши – времето на ВЛЕН штотуку започна!“, се наведува во соопштението на ВЛЕН.
Македонија
Истрага за убиството во Штип: 21-годишникот купил пиштол во Скопје и со умисла лишил од живот едно лице

Основното јавно обвинителство Штип донесе Наредба за спроведување истражна постапка против вкупно 5 лица, од кои првоосомничениот како директен извршител на кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 4, како и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик. Останатите четворица се осомничени за – Помагање на сторителот по извршено кривично дело од член 365 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Сите осомничени се турски државјани, од кои тројца имале пријавено престојувалиште во Штип, додека извршителот на убиството и еден од помагачите биле без пријавен престој во државава.
Постои осовано сомнение дека првоосомничениот 21-годишник, на почетокот на месецов во Скопје, од непознато лице за сума од 1.100 евра купил пиштол со калибар од 9мм, со избришани податоци за модел и сериски број.
Потоа со тој пиштол, на 8 мај во вечерните часови, во кафе-бар во Штип, со умисла и од безобѕирна одмазда лишил од живот едно лице, исто така турски државјанин со престој во Штип.
Преку мобилни апликации се договориле со жртвата да се сретнат за наводно да ги надминат долготрајните недоразбирања меѓу нив. Но, по 15-минутен разговор во угостителскиот објект, осомничениот влегол во тоалетот и веднаш излегол, па на вратата која го дели отворениот од затворениот дел од кафулето го извадил пиштолот и испукал неколку куршуми во правец на оштетениот, нанесувајќи му повеќе огнострелни повреди од кои подоцна починал.
Истата вечер, останатите четворица осомничени – тројца мажи и една жена, сите на возраст од 22 до 28 години, му помогнале на сторителот по извршеното кривично дело за кое е запретена казна доживотен затвор.
На точно неутврдена локација во Штип го качиле во автомобил БМВ со кој управувала осомничената девојка и сите заедно се упатиле кон Скопје. Кај наплатната станица Миладиновци на автопатот Штип-Скопје биле пресретнати и запрени од полициска патрола и се дале во бегство, но биле уапсени.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип достави предлог за определување мерка притвор за осомничените.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.