Македонија
Дијаспората може да се пријави за гласање на апликацијата од ДИК

Државната изборна комисија (ДИК) во среда на својата веб-страна ќе објави посебна апликација за пријавување за гласање на државјаните на Република Македонија кои живеат во странство за предвремените парламентарни избори на 11 декември.
Комисијата, во вторник доцна попладне го усвои Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на предвремените парламентарни избори на 11 декември, во којшто е предвидено пријавувањето за гласање на македонските државјани да започне од распишувањето на изборите и да трае до 11 ноември, кога завршува јавниот увид во Избирачкиот список за сите лица со право на глас. На седницата членовите на ДИК ја најавија оваа посебна апликација преку која македонските државјани што живеат надвор од државата ќе треба да пополнат пријава за гласање. Оние околу 80.000 што ги има во базата на МВР и се обележани во Избирачкиот список како иселени, ќе треба само да ја пополнат пријавата, додека другите кои не живеат во земјата повеќе од три месеци ќе треба да приложат соодветни документи како доказ дека живеат надвор од Македонија. Јавниот увид во Избирачкиот список во подрачните одделенија на ДИК и месните канцеларии ќе започне на 28 октомври и ќе трае петнаесет дена односно до 11 ноември. За време на јавниот увид, право да се пријават за гласање ќе имаат и 30.447 гласачи кои беа со спорни записи за време на последното прочистување на Избирачкиот список.ДИК очекува од Министерството за внатрешни работи до нив да бидат доставени податоци за лица кои наполниле или ќе наполнат 18 години до денот на изборите, како и нивни фотографии кои ќе бидат приложени во Избирачкиот список. Според актуелните законски прописи, Избирачкиот список за овие избори освен податоци за гласачите ќе содржи и фотографии, што би требало да ги намали шансите за изборни злоупотреби и нерегуларности. Роковникот предвидува листите на кандидати за пратеници политичките партии и независните кандидати да ги достават до ДИК најдоцна до 11 ноември на полноќ. Изборната кампања започнува на 21 ноември, а завршува на 9 декември.Од распишувањето на изборите стапија на сила и роковите кои се однесуваат на радиодифузерите и медиумите./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре претежно сончево, кон крајот на денот зголемена облачност

До крајот на денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Во текот на ноќта ќе преовладува ведро и тивко време.
Утре ќе биде претежно сончево со слаб до умерен ветер од јужен правец. Кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми.
Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 16, а максималната ќе достигне од 27 до 33 степени.
Во Скопје, сончево со слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 33 степенiи.
Во наредните денови следува период на претежно сончево време, освен во среда кога ќе преовладува променливо облачно со сончеви периоди. Во среда и четврток ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер, а дневните температури ќе опаднат за неколку степени.
Македонија
Кирков до Арсовска: Знаете ли дека ви изгореа „Дрисла“, „Вардариште“, а Скопје е затрупано со смет кој не го собирате

Советнинкот во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков, со објава на социјалните мрежи ја праша градоначалничката Данела Арсовска дали знае, дека изгореа Дрисла и Вардариште а како што вели Скопје е затрупано со смет кој никој не го собира.
„Добар ден градоначалничке?
Како сте?
Знаете ли дека Дрисла ви изгоре, Вардариште исто така, а Скопје е затрупано со смет кој не го собирате. Орце се утепа од работа да го гаси вашиот пожар.
А со ЈСП до каде сте?
Нели Скопје ќе го правевте модерен град“.
За Зоолошка, вели Кирков да не правиме муабет.
„Таму животните умираат од болести од 19 век. Ова се лошите вести, добрите се што Скопје ќе ве преживее.
Си одите уште месец дена“, пишува тој во објавата.
Македонија
Утревечер собир на плоштадот „Македонија“ во Скопје: со ѕвездено небо и молк да обележиме шест месеци од масакрот во Кочани

Утре во 20:16 часот, на плоштадот „Македонија“ во Скопје, ќе се одржи собир на кој ќе се обележат шест месеци од пожарот во дискотеката во Кочани со 62 жртви и над 200 повредени.
Иницијативата „Кој е следен?“ и студентски активисти повикуваат на достоинствено сеќавање, со ѕвездено небо и молк, како симбол на солидарност и граѓанска одговорност.
„Ова не беше несреќа. Не беше трагедија. Беше масакр. Свирепо убиство од страна на дисфункционалните институции и партискиот картел. Не смееме да отрпнеме. Болката мора да ја почувствуваме сите заедно . таа болка треба да не разбесни и да не поттикне на акција. Вистинската борба за живот или смрт е токму борбата за Кочани“, велат организаторите.
Обвинението, поднесено во јуни, сè уште не е оценето од надлежниот суд, поради обемноста на предметот и бројните приговори од страна на обвинетите. Вкупно 34 физички и три правни лица се соочуваат со обвиненија.
Семејствата на загинатите преку „Марш на ангелите“ во Кочани секоја сабота веќе шест месеци бараат одговорност и правда за нивните деца, а протести се организира и во други градови.