Македонија
Дијаспората може да се пријави за гласање на апликацијата од ДИК
Државната изборна комисија (ДИК) во среда на својата веб-страна ќе објави посебна апликација за пријавување за гласање на државјаните на Република Македонија кои живеат во странство за предвремените парламентарни избори на 11 декември.
Комисијата, во вторник доцна попладне го усвои Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на предвремените парламентарни избори на 11 декември, во којшто е предвидено пријавувањето за гласање на македонските државјани да започне од распишувањето на изборите и да трае до 11 ноември, кога завршува јавниот увид во Избирачкиот список за сите лица со право на глас. На седницата членовите на ДИК ја најавија оваа посебна апликација преку која македонските државјани што живеат надвор од државата ќе треба да пополнат пријава за гласање. Оние околу 80.000 што ги има во базата на МВР и се обележани во Избирачкиот список како иселени, ќе треба само да ја пополнат пријавата, додека другите кои не живеат во земјата повеќе од три месеци ќе треба да приложат соодветни документи како доказ дека живеат надвор од Македонија. Јавниот увид во Избирачкиот список во подрачните одделенија на ДИК и месните канцеларии ќе започне на 28 октомври и ќе трае петнаесет дена односно до 11 ноември. За време на јавниот увид, право да се пријават за гласање ќе имаат и 30.447 гласачи кои беа со спорни записи за време на последното прочистување на Избирачкиот список.ДИК очекува од Министерството за внатрешни работи до нив да бидат доставени податоци за лица кои наполниле или ќе наполнат 18 години до денот на изборите, како и нивни фотографии кои ќе бидат приложени во Избирачкиот список. Според актуелните законски прописи, Избирачкиот список за овие избори освен податоци за гласачите ќе содржи и фотографии, што би требало да ги намали шансите за изборни злоупотреби и нерегуларности. Роковникот предвидува листите на кандидати за пратеници политичките партии и независните кандидати да ги достават до ДИК најдоцна до 11 ноември на полноќ. Изборната кампања започнува на 21 ноември, а завршува на 9 декември.Од распишувањето на изборите стапија на сила и роковите кои се однесуваат на радиодифузерите и медиумите./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Лицата кои повикуваа на тепање и убивање на протестите против „Безбеден град’’, активно вклучени во кампањата на СДС и Спасовски
Лицата кои деновиве повикаа на тепање и убивање на полициски службеници, поради желбата да возат без возачки дозволи, поради проектот „Безбеден град’’, биле активно вклучени во кампањата на Оливер Спасовски, што може да се види на фотографијата на екранот, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Лицата кои јавно се спротивставија на проектот „Безбеден град’’, во изминатите денови излегоа на протести, кои беа насочени против мерки кои имаат за цел да спречат возење без возачка дозвола, без регистрација и без одговорност.
СДС и Спасовски, да потсетиме за јавноста, гласаа против имплементација на проектот „Безбеден град’’ во Собранието.
Замислете, ексминистер за внатрешни работи, кој не направил буквално ништо во насока на подобрување на сообраќајната безбедност, гласаше против“.
Јавно ги прашуваме СДС и Оливер Спасовски, рече Петрушевски, дали ќе се дистанцираат и оградат од овие протести и од лицата кои повикуваа на јавен линч, и дали сметаат дека е прифатливо да се протестира против сообраќаен ред, закон и безбедност.
„СДС и Оливер Спасовски мора да дадат одговори на јавноста затоа што, за време на протестите беа забележани закани со насилство и убиство, и ова е повеќе од алармантно.
Ваквото однесување е недозволиво во демократско општество и затоа ги повикуваме сите надлежни институции да постапат без селекција и без двојни аршини, строго согласно закон, и да обезбедат одговорност за сите кои испраќаат закани за насилство“.
СДС и Оливер Спасовски, додаде тој, повторно се обидуваат да направат саботажа на се што е добро и е од интерес за граѓаните.
Според него, целта на ,,Безбеден град“ е да се зголеми безбедноста на граѓаните во сообраќајот. Секој оној кој се залага за безбедност и ред во сообраќајот го поддржува овој проект.
Македонија
Родителите на загинатите во „Пулс“ се сомневаат дека се врши притисок врз сведоци, бараат надлежните да извршат проверка на мобилен телефон
Родителите на загинатите во „Пулс“ се сомневаат дека се врши притисок врз сведоци преку Вибер комуникација од затворот.
„Имаме сознанија дека лицето Ј.Ј. кое издржува притвор во затворот во Скопје му дава на користење мобилен телефон на Тодор Јованов, братот на монструмот, кој преку вибер комуникација врши притисок врз сведоците на обвинителството. Ги повикуваме надлежните да ја проверат оваа информација и детално да го проверат телефонот и комуникациите кои се остварени преку овој телефон“, изјави мајката на едно од загинатите лица.
Таа кажа дека се случил геноцид на млада генерација поради алчност, корумпираност и несовесно работење и вели дека пак се продолжува да се работи во таа насока.
„Ние родителите на овие млади убиени деца нема да дозволиме овој пат вистината да остане скриена“, рече таа.
Македонија
Младите во Гази Баба ќе добијат по 10.000 денари од општината за полагање возачки испит
Младите во Гази Баба ќе добијат по 10.000 денари од општината за полагање возачки испит, објави градоначалникот Бобан Стефковски.
„Исполнуваме уште едно ветување од мојата изборна програма. Младите добиваат 10.000 денари за полагање возачки испит. Објавен е јавен повик за субвенционирање на младите за полагање на возачки испит – конкретна мерка, реална поддршка, јасна порака: младите се наш приоритет“, вели Стефковски.
На огласот може да аплицираат млади од 18 до 25 години и жители на Општина Гази Баба. Треба да поднесат барање во Архивата на Општината и да направат уплата во регистрирана авто школа.
Потребна документација:копија од лична карта; копија од трансакциска сметка; фоказ за извршена уплата (оригинал); тековна состојба на авто школата (не постара од 2 месеци).

