Македонија
Дијаспората може да се пријави за гласање на апликацијата од ДИК

Државната изборна комисија (ДИК) во среда на својата веб-страна ќе објави посебна апликација за пријавување за гласање на државјаните на Република Македонија кои живеат во странство за предвремените парламентарни избори на 11 декември.
Комисијата, во вторник доцна попладне го усвои Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на предвремените парламентарни избори на 11 декември, во којшто е предвидено пријавувањето за гласање на македонските државјани да започне од распишувањето на изборите и да трае до 11 ноември, кога завршува јавниот увид во Избирачкиот список за сите лица со право на глас. На седницата членовите на ДИК ја најавија оваа посебна апликација преку која македонските државјани што живеат надвор од државата ќе треба да пополнат пријава за гласање. Оние околу 80.000 што ги има во базата на МВР и се обележани во Избирачкиот список како иселени, ќе треба само да ја пополнат пријавата, додека другите кои не живеат во земјата повеќе од три месеци ќе треба да приложат соодветни документи како доказ дека живеат надвор од Македонија. Јавниот увид во Избирачкиот список во подрачните одделенија на ДИК и месните канцеларии ќе започне на 28 октомври и ќе трае петнаесет дена односно до 11 ноември. За време на јавниот увид, право да се пријават за гласање ќе имаат и 30.447 гласачи кои беа со спорни записи за време на последното прочистување на Избирачкиот список.ДИК очекува од Министерството за внатрешни работи до нив да бидат доставени податоци за лица кои наполниле или ќе наполнат 18 години до денот на изборите, како и нивни фотографии кои ќе бидат приложени во Избирачкиот список. Според актуелните законски прописи, Избирачкиот список за овие избори освен податоци за гласачите ќе содржи и фотографии, што би требало да ги намали шансите за изборни злоупотреби и нерегуларности. Роковникот предвидува листите на кандидати за пратеници политичките партии и независните кандидати да ги достават до ДИК најдоцна до 11 ноември на полноќ. Изборната кампања започнува на 21 ноември, а завршува на 9 декември.Од распишувањето на изборите стапија на сила и роковите кои се однесуваат на радиодифузерите и медиумите./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Исплатени средствата за субвенции за сметките за струја

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во текот на месец јули 2025 година започна со исплата на финансиската поддршка за добитниците од претходната програма за субвенции.
Средствата се исплатени на 311 домаќинства со едно или повеќе деца со попреченост и на 94 згрижувачки семејства. Исплатата е извршена за месеците март, април, мај, јуни и јули.
Наеднаш се префрлени средствата за месеците март, април, мај и јуни. Доколку префрлените средства го покриваат износот на сметката за електрична енергија, остатокот се пренесува за следниот месец и на сметката е евидентиран како претплата.
Од Министерството потсетуваат дека во тек е аплицирањето за две програми за финансиска поддршка.
Програмата за поддршка за ранливи потрошувачи на електрична енергија за 2025 година – за домаќинства со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице или потполно глуво лице. Финансиската поддршка изнесува 1.000 денари месечно во текот на 12 месеци, преку намалување на сметката за потрошена електрична енергија.
Во тек е и програма за набавка и вградување на инвертер клима-уреди – за домаќинства кои ги исполнуваат условите утврдени во јавниот оглас, со цел намалување на потрошувачката на електрична енергија и подобрување на енергетската ефикасност.
Вкупно се обезбедени 170 милиони денари за реализација на оваа мерка и тоа 120 милиони денари за домаќинства со ниски приходи и 50 милиони денари за домаќинства чиј единствен приход е пензија.
Секое домаќинство што ќе биде одбрано ќе добие купен и вграден инвертер клима уред со моќност од 3.5 kW и енергетска класа најмалку А+, како дел од мерките за енергетска ефикасност и намалување на трошоците за енергија.
Министерството ги повикува сите граѓани кои ги исполнуваат условите да аплицираат навремено и да ја искористат оваа можност за намалување на трошоците за електрична енергија.
Македонија
На Ќафасан откриени 21 килограм пастрмка скриени во автомобил

На Ќафасан е откриена пастрмка скриена во автомобил, во просторот за резервна гума, информира Цринската управа.
Од почетокот на годинава Царинската управа во повеќе случаи спречи обиди за шверц на над 4 тони храна меѓу која најмногу маслиново масло – 560 литри и 3,7 тони овошје и зеленчук.
Последен случај е откриен деновиве на граничен премин Ќафасан, кога државјанин на Албанија се обидел нелегално да внесе 21 килограм свежа пастрмка скриена во просторот за резервна гума. На прашање на царинските службеници дали има нешто да пријави, тој одговорил дека нема, но при детална контрола се пронајдени шест кеси со риба.
Поведена е соодветна постапка против лицето кое се обидело нелегално да внесе небезбедна храна – транспортирана во несоодветни услови и без потребни сертификати и дозволи од надлежни институции.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Рамковниот договор 24 години потоа донесе мир и стабилност

Рамковниот договор е потсетник на една длабока вистина – дека државата ја имаме само ако ја чуваме заедно, по пат на дијалог, на компромис и заедништво, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, на свечената седница по повод одбележувањето на 24-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор.
„Летото 2001 беше едно од најтешките во нашата понова историја. Нашата татковина беше разнишана од конфликт, од страв, од неизвесност. Имаше мигови кога изгледаше дека ништо нема да остане исто, дека патот кон пропаст е неизбежен. Но, тогаш, со храброст, со трпение и со визија, избравме пат на мир. Избравме пат на дијалог, на компромис, на заедништво. За овие работи треба да се зборува отворено и без ракавици. Дали Македонците беа најсреќни со потпишување на Рамковниот договор? Убеден сум дека тоа не е така. Чувство на огорченост, гнев. Веројатно такво било чувството и кај Албанците. Системски и тешки реформи, менување на Уставот во услови на воен конфликт. Но, да зборуваме отворено, Рамковниот договор 24 години потоа донесе мир. Донесе стабилност и обезбеди зачувана унитарност на Македонија“, рече Мицкоски.
Според него, Рамковниот договор не е само лист хартија туку е симбол на зрелост, на храброст и на мудрост. Според Мицкоски, договорот е потсетник дека, колку и да се разликуваме по јазик, вера, култура или етничка припадност – сите ние делиме една историја и една заедничка иднина.
„Денес не живееме во 2001-та. Но денес, исто како и тогаш, сме пред избори – не избори на хартија, туку избори во срцето и умот. Ќе дозволиме ли повторно да се појават ѕидови меѓу нас? Ќе се препуштиме ли на поделби и недоверба? Или ќе го избереме патот кој тогаш го избравме – патот на заедништво, на почитување, на љубов кон татковината и меѓусебно разбирање?“, праша Мицкоски.
Премиерот кажа дека Рамковниот договор бил и уште е злоупотребуван од поединци.
„Над 20 години имавме структури кои го користат национализмот како најдобра прекривка за заштита на криминалот и личните интереси. Впрочем таквиот национализам е последното прибежиште на оние кои направија кариери, стекнаа огромен капитал на грбот на народот кој го делат, и врз чии поделби опстојуваат во политиката. Со една рака пишуваат и делат во каков свет ќе се живее. Со другата, ја крадат земјата, стекнуваат имоти, хотели, трговски центри, скапи возни паркови. И не им пречи бојата на парите. Таквите поделби не ги решаваат проблемите на реалните луѓе кои бараат само едно, подобар живот за себе. Како политичар не познавам ваков или таков, мал или голем свет, туку само еден свет- Македонија, дом на сите нејзини граѓани каде имаме обврска сите да обезбедиме подобра иднина за сите нејзини граѓани“, рече Мицкоски.
Премиерот кажа дека оваа влада преку носењето на законот за правична застапеност ја исполнила и последната обврска и нема повеќе отворени прашања во овој поглед.
„Како затворено поглавје, Рамковниот договор останува да сведочи за потребата за обединување и интегрирање во исполнувањето на заедничките цели“, рече Мицкоски.