Македонија
Дијаспората може да се пријави за гласање на апликацијата од ДИК
Државната изборна комисија (ДИК) во среда на својата веб-страна ќе објави посебна апликација за пријавување за гласање на државјаните на Република Македонија кои живеат во странство за предвремените парламентарни избори на 11 декември.
Комисијата, во вторник доцна попладне го усвои Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на предвремените парламентарни избори на 11 декември, во којшто е предвидено пријавувањето за гласање на македонските државјани да започне од распишувањето на изборите и да трае до 11 ноември, кога завршува јавниот увид во Избирачкиот список за сите лица со право на глас. На седницата членовите на ДИК ја најавија оваа посебна апликација преку која македонските државјани што живеат надвор од државата ќе треба да пополнат пријава за гласање. Оние околу 80.000 што ги има во базата на МВР и се обележани во Избирачкиот список како иселени, ќе треба само да ја пополнат пријавата, додека другите кои не живеат во земјата повеќе од три месеци ќе треба да приложат соодветни документи како доказ дека живеат надвор од Македонија. Јавниот увид во Избирачкиот список во подрачните одделенија на ДИК и месните канцеларии ќе започне на 28 октомври и ќе трае петнаесет дена односно до 11 ноември. За време на јавниот увид, право да се пријават за гласање ќе имаат и 30.447 гласачи кои беа со спорни записи за време на последното прочистување на Избирачкиот список.ДИК очекува од Министерството за внатрешни работи до нив да бидат доставени податоци за лица кои наполниле или ќе наполнат 18 години до денот на изборите, како и нивни фотографии кои ќе бидат приложени во Избирачкиот список. Според актуелните законски прописи, Избирачкиот список за овие избори освен податоци за гласачите ќе содржи и фотографии, што би требало да ги намали шансите за изборни злоупотреби и нерегуларности. Роковникот предвидува листите на кандидати за пратеници политичките партии и независните кандидати да ги достават до ДИК најдоцна до 11 ноември на полноќ. Изборната кампања започнува на 21 ноември, а завршува на 9 декември.Од распишувањето на изборите стапија на сила и роковите кои се однесуваат на радиодифузерите и медиумите./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пендаровски: Резултатите се јасни, им честитам на победниците
Кандидатот за претседател, Стево Пендаровски на прес-конференција вечерва кажа дека резултатите се јасни и им честита на победниците.
„Резултатите се јасни и немам намера подетално да ги разлагам. Согласно резултатите досега им честитам на победниците, да им посакам успешна работа во следните четири, односно пет години. Мојот концепт за мултиетничка Македонија денеска не доби мнозинска поддршка од граѓаните. Јас сум уверен дека само таква Македонија може да биде просперитетна и демократска држава. Мојата совест е мирна, но не сум сигурен дека совеста им е мирна на оние кои тргнувајќи од тесно партиски и лични политички интереси, денеска ефективно спречија илјадници наши граѓани да го земат второто ливче и да гласаат и на претседателските избори“, рече Пендаровски.
Тој се заблагодари на сите учесници во изборниот процес и на медиумите за соработката изминатите пет години.
Македонија
ДУИ очекува над 20 пратеници: „Имаме повеќе од 30.000 гласови предност пред опозицијата“
Од 50 отсто изборјано гласачки ливчиња, имаме над 30.000 гласови разлика пред „Вреди“, изјави Шефот на Изборниот штаб на Европскиот фронт, Арбр Адеми.
„Речиси во сите општини сме во предност: Дебар 2:1, Струга повече од 2:1, Кичево 5:1, Врапчиште повеќе од 2:1. ВО предност сме и во Тетово, Гостивар, Куманово, Липково“, изјави Адеми.
Како што рече, се потврдува дека Европскиот фронт ќе стигне до над 20 пратеници.
Според резултатите објавени на страната на ДИК, од досега пребројаните гласови, Европскиот фронт на ДУИ освоил 90.151 или 16,59 отсто, додека Влен има 73.893 гласа или 13,60 проценти.
Македонија
(Видео) Левица: Имаше нерегуларности, бугарски воз, притисоци од сегашната власт и закани за отпуштање по изборите од опозицијата
Партијата Левица вечерва по затворањето на гласачите места обвини за низа нерегуларности за време на гласањето, но и покрај тоа очекува позитивен резултат од изборите. Портпаролот Амар Мециновиќ обвини за ситуации со бугарски воз, попречено гласање, притисоци од сегашната власт но и закани за отпуштања од работа по изборите од сегашната опозиција.
„Денеска видовме дека имаше многу недоследности и неправилности во текот на целиот ден. Лица што требаше да гласаат како болни и изнемоштени вчера не можеа да гласаат. Денеска имаше ситуации на бугарски возови, имаше ситуации во кои имаше изборен материјал до изборните места и имаше ситуации каде што гласањето беше попречено на моменти. Од друга страна во текот на денот забележавме и дека структури блиски до сегашната власт вршеа притисок на наши активисти и на наши истакнати членови, додека, од друга страна, и најголемата опозициска партија го вршеше овој притисок. Дури се одеше до таму да се заканува со отпуштања по изборите“, рече портпаролот Мециновиќ.
Тој потенцираше дека денес пратеници на ВМРО – ДПМНЕ еклатантно лажеле дека Левица повикува на бојкот.
„Левица веќе два дена повикуваше на одѕив. Медиумите блиски на ВМРО-ДПМНЕ констатираа дека Левица не излегла да гласа. Тоа е лага. Ние повикуваме на гласање. Ние сме најголем непријател на оваа власт која сега си заминува. Го поздравуваме одењето на власт и очекуваме позитивен резултат“, нагласи Мециновиќ.
Од нешто повеќе од половина обработени избирачи, според податоците на Државната изборна комисија, Левица добила 31.012 гласови или 6,44 отсто од досега пребројаните гласови.