Македонија
Димитриев упати телеграми со сочуство поради терористичките акти во Берлин, Анкара и Цирих

Премиерот Емил Димитриев ги осуди терористичките акти во Берлин, Анкара и Цирих и испрати телеграми со сочувство до германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот премиер Дмитриј Медведев.
„Со длабока вознемиреност и жалење ја примив потресната вест за грозоморното убиство на вашиот амбасадор, Неговата Екселенција Андреј Карлов, во Анкара. Осудувајќи го овој терористички чин, во овие исклучително тажни моменти за Вас, за граѓаните на Руската Федерација и семејството на амбасадорот Карлов, дозволете ми од името на Владата на Република Македонија и од мое лично име, да Ви упатам изрази на искрено и најдлабоко сочувство, Вам и на семејството на амбасадорот Карлов“, стои во телеграмата упатена до рускиот премиер Медведев.
„Со длабока вознемиреност, загриженост и жалење ја примив веста за грозоморниот терористички напад во Вашата земја, во кој животот го загубија повеќе германски граѓани и во кој поголем број граѓани се повредени. Во овие тешки моменти на шокираност и национална жалост, дозволете ми од мое лично име, од името на македонските граѓани и од името на Владата на Република Македонија да Ви упатам изрази на најдлабоко сочувство Вам и на членовите на семејствата на жртвите, да испратам желби за побрзо заздравување на повредените, и воедно да го осудам овој срамен и кукавички чин“, нагласи Димитриев во телеграмата до германската канцеларка Меркел.
„Шокантната вест за овој терористички чин длабоко ги вознемири македонските граѓани. Тероризмот уште еднаш покажа дека не бира ниту место ниту пак жртви. Овој грозоморен напад во Берлин претставува напад врз мирот и слободата во цела Европа и напад врз европските вредности. Република Македонија остро спротивставувајќи се на тероризмот активно учествува и ќе продолжи да придонесува во борбата против најголемото зло на денешницата. Тероризмот може и мора да биде победен со заедничка одлучна и бескомпромисна борба“, додаде Димитриев во телеграмата до Меркел./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.