Македонија
Eднократна парична помош за првачињата во општина Аеродром
Општина Аеродром и оваа година доделува еднократна парична помош на семејствата со прваче во висина од 3.500 денари, за што издвои 2.750.000 денари.
Целта на овој проект е да се олеснат трошоците на родителите за новиот ученик во семејството. Родителите на сите првачиња запишани во едно од училиштата на територијата на општината можат да поднесат барање за еднократната парична помош од денеска до 15.9.2020 година.
Образецот за барањето за доделување еднократна парична помош може да се подигне во Општината или да се симне од општинската интернет-страница (www.aerodrom.gov.mk) во менито за формулари или директно на линкот: http://aerodrom.gov.mk/dokumenti/formulari.
Во прилог на барањето е потребно да се достават на увид следниве документи, во оригинал, а не копија:
– Потврда за запишан ученик во прво одделение во учебната 2020/2021 година заверена од основно училиште од територијата на општина Аеродром;
– Оригинал извод од матичната книга на родените (за првачето) на увид;
– Важечка лична карта од еден родител/старател, за идентификација од која се видни податоците за живеалиштето во општина Аеродром на увид;
– Tрансакциска сметка од примателот на паричната помош (на еден од родителите/старателите) на увид.
Барањата можат да се поднесат до 15 септември во Општина Аеродром секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот во канцеларија број 19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За една недела, 4.991 прекршок преку системот „Безбеден град“, најмногу за брзо возење
Во периодот од 02.02.2026 до 08.02.2026 од страна на системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и Коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 4.991 прекршок, од кои 641 мерка за сторен прекршок од страна на возачи кои управувале возило со странски регистарски ознаки, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Од вкупниот број на регистрирани прекршоци најголемиот број се за управување на возило со брзина поголема од дозволената – 4.674, потоа за минување на црвено светло – 163, а за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола констатирани се 154 прекршоци.
Исто така, изречени се вкупно 288 мерки „забрана за управување со возило“, од кои 163 се за минување на црвено светло, а 125 се за брзо возење.
Во рамки на предвиденото дозволено отстапување во брзината на движење толерирани се 22.434 возила.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите заедно да придонесеме за посигурни и побезбедни патишта.
Македонија
ОЈО ГОКК: Се разменуваат информации со српското обвинителство за да се утврди евентуална поврзаност на двата случаи и потеклото на марихуаната
Во рамките на опсежната акција што се спроведува изминатиот период, а во која до сега се запленети над 40 тони марихуана од повеќе правни лица на територијата на државата, обвинителството ја информира јавноста дека континуирано презема активности во соработка со Министерството за внатрешни работи и Комисијата за одобрување на одгледување на канабис за медицински цели, во рамките на Министерството за здравство.
Постапувањето се одвива во континуирана координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и со други јавни обвинителства со месна и стварна надлежност, кои постапуваат по предмети за кривични дела утврдени во Законот за контрола на опојни дроги.
Во насока на целосно утврдување на фактите и околностите, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е во комуникација со Обвинителството за организиран криминал на Република Србија, со цел размена на информации од значење за постапката што ќе помогнат да се утврди евентуална поврзаност на двата случаи и потеклото на марихуаната. Воедно, јавниот обвинител од ОЈО ГОКК презема и други дејствија согласно своите законски надлежности, вклучително и сослушување лица во својство на сведоци, со цел прибирање докази и факти релевантни за постапката.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со надлежните институции, продолжува со преземање на дејствија за целосно расчистување на случајот, за што јавноста ќе биде навремено информирана.
Македонија
Министри и градоначалници на средби со високи претставници на УНЕСКО во Париз, ќе се разговара за статусот на Охрид
Делегација на Владата во состав: заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски; министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќира, денес и утре престојува во дводневна работна посета на Париз.
Во рамки на посетата, делегацијата ќе оствари средби со Калед Ел-Енани, генерален директор на УНЕСКО, како и со други високи претставници на УНЕСКО.
„На средбите ќе бидат потенцирани цврстите заложби на Владата за зачувување на статусот на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Исто така, ќе биде истакнато дека државата воспоставува систем за заштита кој гарантира зачувување на интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион како исклучителна универзална вредност“, соопштија од Владата.
Во него се додава дека делегацијата ќе се осврне и на мерките што Владата ги презема, како и на фактот дека преку надлежните институции се вложуваат максимални напори за спроведување на препораките од реактивните мисии (2020 и 2024) и Стратегискиот план за рехабилитација.
Во рамки на посетата, денеска е планирана средба со Ернесто Отоне, помошник генерален директор на УНЕСКО задолжен за култура, потоа со Конгкер Мохамад Талха, претседател на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, а утре делегацијата ќе се сретне со Насер бин Хамад Ал Хинзаб, претседател на Извршниот одбор на УНЕСКО.

