Македонија
Финансиска полиција: Ја поддржуваме работата на СЈО, но повеќе немаме кадар да им доделуваме истражители
Управата за финансиска полиција во целост ја подржува работата на Специјалното јавно обвинителство и го охрабрува да ја извршува својата функција во согласност со Кривичниот законик на Република Македонија и Законот за кривичната постапка.
Ова се вели во известувањето од Управата за финансиска полиција, откако во вторникот во некои медиуми се појавија написи дека оваа институција ја блокира работата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.„Уште во самото формирање на Специјалното јавно обвинителство, со наредба, а без никакви претходни најави или консултации беа побарани четири(4) финансиски полицајци за истражители во новоформираното обвинителство. Директорот на Финансиската полиција веднаш постапи по добиената наредба и ги отстапи бараните истражители. Сметаме за потребно да појасниме дека лицата кои беа отстапени се добро обучени финансиски полицајци и беа дел од главните носители на работата на Финансиската полиција. Со напуштањето на своите работни места во Финансиската полиција четирите истражители оставија незавршени вкупно 49 многу сериозни кривични предмети за кои во моментот на добивањето на наредбата беше во тек напредна фаза на предистражна односно истражна постапка“, се вели во известувањето.Од Финансиската полиција потврдуваат дека до директорот на Управата за финансиска полиција е пристигната нова наредба за доделување на дополнителен еден финансиски полицаец како истражител во Специјалното јавно обвинителство и точно е дека со писмо/замолница директорот се обрати до Специјалното обвинителство со објаснување дека во моментов нема елементарни услови за отстапување на нови истражители од една едноставна причина а тоа е недоволен кадровски капацитет.Управата за финансиска полиција во целост ја демантира информацијата дека на Основното јавно обвинителство со дозвола на директорот му се отстапени дури 70 финансиски полицајци кои треба да работат како истражители, а доказ дека информацијата е измислена, злонамерна и тенденциозна е фактот што Финансиската полиција како орган нема толкав број на вработени вклучувајќи ги тука и административниот и помошниот персонал заедно. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.
Македонија
Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор
Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.
„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.
Барањата кои е се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.
Целта на мирниот марш од НСП велат дека е и враќање на достоинството на полицијата.
Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица јавно се извинија за заканите со објаснување дека се заканиле оти биле под стрес.
Македонија
Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост поради појава на магла до 60 метри има на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 100 м.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потстува дека е на сила законската обврска за зимска опрема во возила и препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

