Македонија
Фондовите за здравствено осигурување на Македонија и Црна Гора разменија искуства
Делегацијата на Фондот за здравствено осигурување на Црна Гора е во еднодневна посета на Фондот за здравствено осигурување на Македонија(ФЗОМ).
На состанокот станало збор за Примената на Договорот за социјално осигурување меѓу Република Македонија и Црна Гора, проширување на модалитетите за соработка меѓу ФЗОМ, решенијата и новините кои ги воведува Фондот за здравствено осигурување на Македонија, како и предизвиците за подигнување на квалитетот на здравствените услуги, добрата пракса и успешните проекти.
Директорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани, ја поздравија делегацијата и ја запознаа со структурата и работата на ФЗОМ, како и со функционирањето на македонскиот здравствен систем во целост. Добрата пракса и успешните реализирани проекти на ФЗОМ, како и на македонскиот здравствен систем, како што се, електронските услуги, зголемениот број услуги во здравствениот систем, подобрата дијагностика, зголемената достапност на лекови преку дисперзија и отвороње аптекарски станици, претставуваат големо олеснување за осигурениците, кои сега многу поквалитетно и побрзо ги остваруваат своите права.
Др Кенан Храповиќ, директор на Фондот за здравствено осигурување на Црна Гора нагласи дека македонските искуства и пракса се исклучително интересни и корисни за Фондот за здравствено осигурување на Црна Гора. Храповиќ, истовремено ги информираше директорите на ФЗОМ за новините и проектите што ги преземаат во Црна Гора и укажа дека е неопходно да се разменат и негативните искуства за да може да се спречат проекти кои имаат слаба шанса за успех.
Беше договорено соработката да продолжи и понатаму со размена на информации и искуства што ќе придонесат за понатамошно унапредување на здравствениот систем. /крај/мф/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

