Македонија
ГДОМ бара избори на 5-ти јуни за крај на кризата и нема да дозволи сценарија за поделби
Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) повторно во вторникот организираше поворки во повеќе градови од земјата со барање предвремените парламентарни избори да се одржат според првично договорениот датум на 5-ти јуни, за кои сметаат дека ќе донесат завршување на долга политичка криза.
Упатувајќи ја пораката „За Македонија се работи“, приврзаниците на ГДОМ и на владејачката ВМРО-ДПМНЕ минаа по улиците на Битола, истакнувајќи дека нивната манифестација е мирна, и критикувајќи ги акциите на спротиставеното движење „Протстирам“ со кои во шарени бои се бојадисуваат споменици и државни згради како уништување на јавната сопственост и напад врз историјата на македонскиот народ.
Приврзаниците на ГДОМ дефилираа и во Делчево под паролата „Делчево будно за одбрана на Македонија“. И тие сметаат дека излез од политичката криза може да има само преку одржување на избори на 5-ти јуни, со што Македонија ќе може да продолжи напред. ГДОМ и во Кичево побара одржување на изборите истакнувајќи го транспарентот со едноставен натпис „Избори“. Истото мислење го искажаа и вечерва жителите на Велес кои на мирниот протест против избегнувањето на изборите од страна на опозицијата порачаа дека мора да се стави крај на долготрајната политичка криза.
Аналитичарот Александар Пандов, еден од иницијаторите за појавата на ГДОМ во вторникот во изјава за дневникот на ТВ Нова рече дека движењето не е изненадено од барањата кои претставниците на албанските вонпарламентарни опозициски партии ги истакнаа на нивниот протест во понеделникот.
Алудирајќи на присуството на спомнатиот протест на поранешниот водач на радикалното косовско движење „Самоопределување“, Албин Курти, Пандов потсети дека тој и неговите приврзаници во Собранието на Косово фрлаа солзавец, а, како што рече, тука се фрла со боја.
„Од друга страна, пак, исто така не нѐ изненадуваат затоа што во минатото, главните претставници на СДСМ и СОРОС, Заев, Фрчковски, Геровски, најгласно и најјасно ги поставуваа истите тие барања: Албанец за премиер, федерализација на Македонија, односно идејата и на едните и на другите е распарчување на Македонија, нејзина поделба, коешто, за нивна жал, а за цела среќа на македонските граѓани, Македонецот ја има препознаено, ја има пресретнато и се спротивставува. Ние како членови на ГДОМ будно ги следиме нивните потези и секако дека со поддршка на македонските граѓани нема дозволиме нивните сценарија да дојдат на сила“, рече Пандов./крај/мф/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и на Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, извести АМСМ.
Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на планинскиот превој Плетвар, а до 80 метри на планинскиот превој Стража.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.

