Македонија
Ѓорчев: Поразениот Зоран Заев сака да ја украде победата

Во европски манири да се честита на победникот, повикаа од ВМРО-ДПМНЕ, а не да се измислуваат неправилности.
„Зоран Заев поразениот сака да ви ја украде победата. Сака да ги помножи вашите гласови со нула. Поразениот, убедливо поразениот, сака да стане победник. Народот одлучи, народот гласаше, Македонија гласаше. Нема да му дозволиме да ја украде победата на граѓаните на Републка Македонија“, рече Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, по прес-конференцијата на Заев од СДСМ на којашто рече дека „Никола Груевски не смее да формира влада“.
Ѓорчев рече дека ВМРО-ДПМНЕ има победа во број на гласови, во број на мандати, во број на општини, во број на изборни единици.
„Зоран Заев изминативе години доби сé што бараше. Доби услови, коишто никој во светот не ги доби. За тоа кој ќе ја одлучува и кој ќе ја составува владата, не одлучува Зоран Заев, одлучуваат граѓаните на Република Македонија, преку слободно изразена волја“, рече Ѓорчев.
Појасни дека оваа изборна победа на ВМРО-ДПМНЕ ја верификуваа меѓународните институции, ЕУ, Могерини, Хан, ОБСЕ, ОДИХР, САД и други земји… Исто така, победата на ВМРО-ДПМНЕ и Коaлицијата од 25 политички партии ја потврди Државната изборна комисија.
„Зоран Заев излезе пред еден час и се закани. Нека води сметка дека им се заканува на 453.000 граѓани на Република Македонија“, рече Ѓорчев и порача да не помислува со грст луѓе да ја украде победата на народот.
ДИК треба да има интегритет и треба да има јасен став, порача Ѓорчев, и додаде дека треба да се знае дека „имавме кристално чисти избори“. „Со европски манири да си честитаме и да престане оваа лакрдија“./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Арсовска до амбасадорката Агелер: „Не ви е малку незгодно во листата на ВИП гости што ви беа лица кои треба да ви се на црна листа на санкции“

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска преку социјалните мрежи упати прашање до американската амбасадорка Анџела Агелер.
„Добро утро Амбасадорке Агелер, среќен нека е денот на независноста на САД.
Само да прашам, не ви е малку незгодно во листата на ВИП гости вчера што ви беа лица кои треба да ви се на црна листа на санкции.
Овие двајцава незгодно насмеани на фотографијава, за кои имаат институциите цврсти докази за криминал во најмалку 152 случаи и за кои се спроведуваат сериозни истраги во моментов, наместо да ви се на црна листа на санкции на САД насочени против поединци и бизниси вклучени во корупција и нарушување на човековите права, ви беа во прв ред во Амбасада вчера.
На листа на санкции со децении се наоѓаат лица ПОРАДИ НАВОДИ за корупција и поткопување на демократските процеси, меѓу нив се наоѓаат политичари, поранешни премиери и министри, градоначалници, судии, а САД ги санкционираат таквите поединци како дел од напорите за промовирање одговорност и борба против корупцијата во регионот на Западен Балкан“, напиша Арсовска.
Македонија
Делови од Гази Баба и Кисела Вода денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од село Инџиково од улиците: 3, 7, 14, дел од ул. 10 и дел од ул. Маџари. (Општина Гази Баба)
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од дел од ул. Студеничанска и дел од ул. Драчевска. (Општина Кисела Вода)
· од 09:30 до 13:30 часот, корисниците од ул. Добре Ивановски, и дел од ул. 22 во нас. Инџиково. (Општина Гази Баба)
Македонија
Денеска максималната температура до 38 степени, од утре потопло

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток до средината на наредната седмица кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надмине 40°C. Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.