Македонија
Грчева побара оставка од Рилкоски
Претседателот на Државната изборна комисија, Никола Рилкоски, да си поднесе оставка побара независната пратеничка Солза Грчева, поради тоа што трипати потпишал дека Избирачкиот список е прочистен, а подоцна признава дека не е.
„Да размисли за оставка, со цел еден ден да дојде претседател кој јавно на прес-конференција ќе каже дека нема услови да работи, дека не е прочистен Избирачкиот список и ќе го искине јавно пред сите“, рече Грчева на седницата посветена на пратенички прашања.
Таа смета дека неговата изјава дека „И да сакаме не можеме да ги провериме списоците“, е скандалозна, затоа што тој, како претседател на ДИК, има и право и обврска да спроведе проверка на податоците за Избирачкиот список, во соработка со МВР.
„Ако, сепак, е спречен тоа да го направи, тогаш требаше да иницира теренска проверка, па од врата на врата да провери“, рече Грчева. „Тој вели дека немал доверба во институциите, но изгледа е еден од ретките што има, па го зеде списокот здраво за готово од МВР и не го провери теренски“.
Бидејќи Рилкоски не присуствуваше на денешната седница на Собранието, прашањата на Грчева ќе му бидат доставени писмено, а тоа се: Зошто го легитимираше референдумот за ГТЦ со потпишување на Избирачкиот список, кога знаеме, дека сé уште постојат станови со 50 жители, а при тоа не покрена теренска проверка? Можат ли во оваа ситуација граѓаните, особено опозицијата да има доверба во ДИК? и Да размисли за оставка?
Според Грчева, референдумот за ГТЦ покажал дека цензусот е превисок, но дека од 40,7 отсто колку што излегоа на гласање, 95 отсто биле за да се сочува неговиот автентичен изглед, или 39 отсто од вкупниот број гласачи во Општина Центар.
„Само за споредба, ВМРО-ДПМНЕ владее со земјава со доверба од 27 отсто од граѓаните“, заклучи Грчева.
Таа смета дека Македонија по оваа политичка криза, по секојдневните протести, по аферите што ја тресат, никогаш нема да биде иста. На граѓаните ќе мора да им се одговорат прашањата.
„Во нашава држава ненормалните работи станаа нормални… Си ги прифативме притисоците во администрацијата, набилданите избирачки списоци …“, додаде таа./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел обезбеди еднократна финансиска помош за ранливи категории граѓани
Општина Бутел и оваа година обезбеди средства за исплата на еднократна финансиска помош за најранливите категории на граѓани.
Како што информираат од Општината, финансиската поддршка е дел од програмата за социјална заштита за 2026 година и произлегува од изборната програма на градоначалникот Дарко Костовски, која континуирано се спроведува веќе пет години.
Поддршката е наменета за граѓани со здравствени проблеми, како и за сите други ранливи категории граѓани. Од Општина Бутел истакнуваат дека оваа мерка претставува подадена рака и исполнување на дадените обврски кон граѓаните.
Во соопштението се наведува дека градоначалникот останува посветен на креирање политики кои обезбедуваат заштита на најранливите категории, како и создавање средина со еднакви можности за сите граѓани, при што се нагласува дека предизборните ветувања се реализираат во практика.
Македонија
(Видео) Фрчкоски од СДСМ обвинува: 51 тендер добила иста фирма по локалните избори
Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска изнесе обвинувања за сомнителни тендери, посочувајќи дека фирма блиска до ВМРО-ДПМНЕ добила 51 тендер во вредност од околу 16 милиони евра.
На прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, изјави дека станува збор за фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, која, според тврдењата на СДСМ, од 2022 година, односно од периодот по локалните избори до денеска, добивала тендери во општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Фрчкоски наведе дека само во општина Аеродром фирмата добила 22 тендери, во Гази Баба 10, како и во општините Ѓорче Петров, Прилеп, Битола и Гевгелија. Според СДСМ, дел од тендерите биле финансирани и со средства од унгарскиот кредит.
Како последен пример, од СДСМ го посочија тендерот од декември 2025 година со Град Скопје, во вредност од 320.000 евра, кој, според нив, бил доделен веднаш по преземањето на функцијата градоначалник од страна на Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Непознати глутници се појавија преку ноќ – пронајдени улични кучиња од Албанија во Скопје, се бара истрага и проверка на безбедносните камери
Здружението за заштита на животните Анима Мунди алармира и јавно бара итна, темелна и независна истрага поради сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање на кучиња во град Скопје, појава која, како што наведуваат, директно ја загрозува јавната безбедност, благосостојбата на животните и владеењето на правото.
Од здружението информираат дека во изминатите денови, на територијата на општина Карпош се појавила нова глутница кучиња кои се целосно непознати за локалното население и не се дел од постоечката улична популација. Според Анима Мунди, станува збор за нестерилизирани и необележани кучиња, што, како што наведуваат, исклучува можност за природен прираст и укажува на насилна дислокација.
Во соопштението се наведува дека јавното претпријатие ЈП Лајка нема оставено, ниту испуштено ваква бројка нестерилизирани и необележани животни на ниту една локација во Скопје, при што се посочува дека граѓаните со години ги познаваат уличните кучиња во своите маала, а овие животни не се дел од таа популација.
Анима Мунди информира дека на терен биле пронајдени и кучиња со ушни маркици од Република Албанија, што, како што наведуваат, отвора сериозни сомнежи за нелегален и можен прекуграничен транспорт и напуштање на животни.
Здружението бара целосна проверка на сите јавни и приватни безбедносни камери на локациите каде што кучињата се појавиле, како и на сите влезно-излезни правци кон Скопје. Се бара од Министерство за внатрешни работи и Јавно обвинителство да утврдат кој, како и од каде ги транспортира и истовара животните, наведувајќи дека, според нив, не станува збор за изолиран случај, туку за логистички организирана активност.
Во соопштението се наведува дека масовното напуштање и дислоцирање кучиња претставува суровост и сериозна општа опасност, поради што Анима Мунди поднела конкретни предлози за измени на Законот за заштита и благосостојба на животните, како и предлог-измени на Кривичниот законик, со кои напуштањето миленик, суровоста и предизвикувањето општа опасност би се третирале како кривични дела, по примерот на Република Хрватска.
Истовремено, од здружението упатуваат итен јавен повик до ЗЕЛС ова прашање да се отвори и дискутира на ниво на сите градоначалници, нагласувајќи дека секоја општина мора хумано и законски да ја третира проблематиката со уличните кучиња, преку масовна стерилизација, јасна евиденција и најстроги санкции каде што ќе се утврди масовно дислоцирање.
„Ова не е проблем на една општина. Ова е системска злоупотреба и мора да биде санкционирана“, се наведува во соопштението, со барање за итна истрага, одговорност и преземање мерки за сторителите да бидат најстрого санкционирани согласно закон.
Фото: илустрација (pexels)

