Македонија
Груевски: Агроберза во реонот на Демир Капија и Неготино

Отворање нови 70.000 работни места преку привлекување странски инвеститори стимулирање на домашните, рестартирање на некогашните фабрики кои во моментов се под стечај, отворање голема агроберза и друго, најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на средба со граѓаните на Демир Капија во сабота.
„Изградбата на агроберзата во реонот на Демир Капија и Неготино е инвестиција од околу 20 милиони евра која треба да ја подобри трговијата со земјоделски производи и да ги намали неправилностите и малверзациите кои им се прават на производителите со намалување на откупните цени. Тука ќе можат да се донесат земјоделски производи од цела Македонија, а откупувачите оттука да изберат и да кажат колку од кој производ купуваат. Предвидено е да може и откупувачи кои не се присутни на берзата компјутерски да ја направат купопродажбата“, рече Груевски.
Според него, изградбата на оваа агроберза треба да отвори и нови работни места во овој регион и ќе биде многу значајна и за Демир Капија и за Неготино.
Многу значаен проект, рече Груевски пред жителите на Демир Капија, се и руралните развојни зони со кој се планира секое населено место до 10.000 жители да стане слободна економска зона, односно инвеститорите кои ќе одлучат во такво место да инвестираат да ги добијат истите услови што ги имаат инвеститорите во технолошко-индустриските развојни зони.
Тој се осврна и на проектот „За враќање од град во село и за отворање бизнис“ потенцирајќи притоа дека некои од поволностите на овој проект се тоа што се добива грант од 6.000 евра за купување куќа, 18 месеци поддршка по 15.000 денари, добивање земјиште, пасиште, добиток…
Како второ значајно прашање на кое ќе работат Груевски ги спомена и проектите „Купи куќа за млади до 35 години“, и „Купи куќа за лица над 36 години“. Во рамки на проектот „Купи куќа за млади“ државата, како што рече Груевски, во период од осум години покрива 80 проценти од ратата за земениот кредит и во наредните три години 50 проценти од ратата. Доколку нема за учество, објасни, државата наместо исплата на ратите може да му го обезбеди учеството во висина до 12.500 евра.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ пред жителите на Демир Капија најави и завршување на автопатот Демир Капија – Смоквица до Нова година и официјално пуштање во употреба до мај наредната година, реконструкција на патот Неготино – Демир Капија и повеќе други регионални и локални патишта, изградба на обиколницата околу Демир Капија, нова детска градинка, реконструкција на училишта и Културниот дом во градот, како и изградба на магистралниот гасовод од Неготино до Демир Капија со што и Демир Капија, како што рече, ќе добие гасовод./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од денеска до вторник топлотен бран во Македонија, се активираат препораките за заштита на населението

Министерството за здравство ја информира јавноста дека согласно прогнозите од УХМР и врз основа на акцискиот план за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението 2025–2030 година, почнувајќи од денеска (петок, 4 јули) се активира фаза 3, што ќе трае до 08 јули, вторник.
На предлог на Министерството, Владата ги донесе следните препораки:
– Ослободување од работни обврски за бремени жени и лица постари од 60 години. Оваа препорака не се однесува на вработени во критичната инфраструктура (здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика, јавни комунални претпријатија).
-Одложување на работниот процес во критичните часови (11:00–17:00) за работници изложени на директна топлина;
– Работа од далечина, флексибилно или двократно работно време, каде што е изводливо;
-Работодавачите да обезбедат микроклиматски услови за работа согласно акцискиот план: простории со температура до 25°C, освен таму каде што природата на работниот процес налага поинаку;
-Активирање на планови за вонредни услови, сите здравствени установи, установи за згрижување на стари лица и образовни институции да постапат согласно интерните протоколи за кризна состојба.
Мерките имаат за цел да обезбедат континуирана и ефикасна заштита на здравјето на населението преку превентивно дејствување и соодветна институционална подготвеност.
Македонија
Рекордна потрошувачка на вода во Скопје, неконтролирано се вадат бавчи и перат автомобили, велат од Водовод

ЈП Водовод и канализација – Скопје, согласно системот за мониторинг и мерење на дневната потрошувачка на вода констатира енормно зголемена потрошувачка на водата, особено во попладневните часови.
Конкретно на ден 23 јуни, дневната потрошувачка на вода изнесуваше рекордни 356.000 м3, што би значело потрошувачка од 700 литри вода по глава на жител.
Потрошувачката е предизвикана од неконтролирано трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени. Воедно апелираат до сите граѓани на градот Скопје на совесно и рационално користење и употреба на водата.
„Апелираме до граѓаните на град Скопје, доколку забележат див приклучок, истиот да го пријават на 02 3073 010, [email protected] или www.vodovod-skopje.com.mk“, велат од Водовод.
Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во град Скопје.
Македонија
Костадиновски на средба со Мартин Памер за предизвиците со кои се соочува Уставниот суд

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски оствари средба со Н.Е. Мартин Памер, амбасадор на Република Австрија.
Костадиновски го информираше амбасадорот Памер за актуелностите и предизвиците со кои се соочува Уставниот суд и го запозна со приоритетите во неговиот мандат.
На средбата беше изразено заедничко задоволство од унапредување на соработката помеѓу двата уставни судови за што претседателот Костадиновски предаде покана за претседателот на Уставниот суд на Австрија, Кристоф Грабенвартер.
Амбасадорот Памер истакна дека ќе се заложи за воспоставување на билатерална соработка меѓу двата суда, нагласувајќи дека високо ја цени посветеноста на Уставниот суд на Република Северна Македонија кој има круцијална улога во обезбедување на владеењето на правото и правната држава.