Македонија
Груевски: „Бомбите“ дополнително не созреаја
Надворешната политика на земјава, отворањето на нови работни места, економијата, „бомбите“ на опозицијата , проектот „Скопје 2014“ како и победите и слабостите на ВМРО-ДПМНЕ беа дел од темите во говорот на единствениот кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Никола Груевски кој во сабота се обрати пред присутните делегати на Конгресот на партијата којшто викендов се одржува во Куманово во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.
Како еден од најголемите предизвици со коишто се соочила партијата во годините на власт, Груевски го истакна противењето на Грција за влез на Македонија во Европската Унија и НАТО, но сепак потенцираше дека ЕУ и НАТО остануваат стратешки интерес за Македонија.
„Фрустрирачки е да се зборува за ова во кое е содржана голема неправда. Сепак, ние не се откажуваме и ќе продолжиме да бараме начин да ја оствариме целта. ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име, нема да прифати идеи и предлози кои ќе го нарушат македонсиот национален идентитет, македонската нација и македонскиот јазик“, рече Груевски.
Во својот говор Груевски уште еднаш го кажа ставот на партијата дека „бомбите“ коишто ги објавува опозицијата, односно објавувањето на аудио снимки од разговори на високи функционери на Владата кои според опозицијата го докажуваат криминалното работење на власта, се монтирани, лепени и сечени.
Тој побара да се спроведе транспарентна истрага за обвиненијата коишто и се ставаат на товар на опозицијата, но побара истрага и за обвинувањата на опозиција кон власта.
„Нашиот став е да има истрага и за нивните прекршувања на законите, но и за она за што нас не обвинуваат. Ние сакаме да има истрага, ако во таа истрага се покаже дека некој од нас нешто погрешил, нека одговара во таа истрага. Ние ќе постапуваме европски, иако баш ваков случај нема во Европа каде што шефот на опозицијата со месеци пушта нелегални материјали, а голем број на медиуми ги објавуваат“, рече Груевски.
Но, партијата сепак и од овие „бомби“ извлекла поука и биле лекција особено за оние функционери од власта кои се опуштиле и по толку години на власт почнале да мислат дека вечно ќе владеат. Уште еднаш повтори дека лидерот на опозицијата, Зоран Заев, снимките ги добил од странска разузнавачка служба и дека го искористеле единствено за нивно пласирање во јавноста.
„Овие бомби, независно колку разговорите се монтирани, лепени и сечени, сепак, многумина од нас подлегнаа, ни ги збија редовите, не потсетија дека нема време и простор за опуштање, дека колку и да е слаба опозицијата секогаш има некој што може да нападне со силно оружје колку и да е тоа нефер или недозволено. Бомбите дополнително не созреаја и не направија поконцентрирани за да му служиме на народот. Ова е за сите нас корисна лекција, подобро скокање во ладна вода сега кога не сме се опуштиле, отколку да добиевме ладен туш од граѓаните на следни избори“, истакна Груевски.
Старо –новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, индиректно најави промени во партијата велејќи „тимот кој победува не се менува, но дел од играчите кои се замориле, треба да се одморат некое време“. Рече дека имало забелешки на работата на третиот ешалон и најави „нов бран 2015“.
По „бомбите“ во коишто опозицијата тврди дека се „местеле“ судски одлуки, Груевски уверува дека според новите закони кои стапиле на сила во јули 2014 година нема простор за никава ургенција.
Судиите треба да ги положат испитите за запишување на Академија на судии и обвинители, кој по новиот закон е единствена можност за да некој во иднина стане судија или обвинител.Според него, за воопшто некој да се запише на Академијата, треба како предуслов да има додипломски и посдипломски студии по право со минимум просек 8, правосуден испит и одреден број години работен стаж како правник, па дури потоа, да дојде и по оваа методологија да ги полага испитите и не само да положи на испитите туку и да биде во највисоко рангираните.
Учинокот на судиите, нагласи Груевски, сега се мери со бодови кои доаѓаат од квалитетот на пресудите, односно колку од пресудите паднале или не или биле преиначени на повиок суд, и од квантитетот, т.е. бројот на решени предмети, со тежински фактор за сложеноста на секој судиски предмет.
„Во секој момент, секој судија си ги знае сопствените бодови, но и бодовите на своите колеги.Тие се јавни и транспарентни и лесно проверливи. Тој што поминал пет години во основен суд, а има најмногу бодови на ранг листата, може да конкурира и да премине во апелациски суд, ако таму се ослободи место.Секој еден од апелациски суд кој поминал најмалку 4 години таму, и е прворангиран, штом се ослободи место во врховен суд може да премине во врховен суд. Кога ќе истече мандатот на претседател на некој суд, новиот претседател е оној кој има најмногу бодови. Кратко и јасно. Каде е тука просторот за ургенција или влијанија? Го нема, се е јавно и транспарентно.И не само тоа, овој закон веќе и се применува, и наредните назначувања на претседатели на судови или на унапредувања, можат да бидат само по овие правила“, додаде Груевски.
Во својот говор Груевски се осврна и на слабостите и грешките на неговата партија и најави посебен тим кој ќе работи на спроведување на програмата на партијата.
„Во врска со Скопје 2014 можеби наша грешка е што сакавме да направим се одеднаш што е пропуштено. Овој проект за среќа има многу повеќе поддржувачи отколку противници, но сепак се чини дека премногу се завлече. Во делот на спомениците ни остана уште споменикот на Мајка Тереза кој ќе се финансира со буџетски средства“, рече Груевски.
Како слабост на партијата и власта го посочи и брзото менување на законите како и недостигот на имплементација.
„Следна слабост која треба да ја менуваме е пребрзо и пречесто менување на законите, но тоа е затоа што нашата програма беше многу динамична, обемна и амбициозна. Друга слабост е што понекогаш спроведувањето на законите не беше до кра.ј Јас креирав тим за проверка на спроведување на програмата“, додаде Груевски.
Според него, партијата треба повеќе да се отвори кон различните етнички заедници и да има повеќе народности во органите на управување и во самата партија.
Тој ги спомена и реформите во образование и порача дека средношколците и студентите не треба да се користат во политички цели. Ги прекори родителите на средношколците што потпаднале под влијание на своите деца, кои барале да не полагаат математика за матурскиот испит, а со тоа им правеле лоша услуга на сопствените деца.
Наставниците и професорите критичари на реформите во образованието, рече дека сакале да истуркаат политичка агенда под превозот дека се борат против лошите реформи в образованието.
На Конгрсот се обрати и министерот за образование и наука, Абдулаким Адеми и член на ДУИ, албанскиот коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ во Владата кој рече дека меѓу коалиционите партнери има квалитетна соработка.
Груевски најави дека со новиот закон за администрација ќе бидат одбрани само најкомпетентните кандидати и најави нови 20.000 работни места во Куманово со проектот „Македонија вработува“.
Конгресот се одржува под мотото „Силна Македонија – стабилност, работни места, доверба и перспектива“.
Во првиот дел од Конгресот Груевски се обрати пред присутните 523 од вкупно 560 делегати, гости и претставници на партиите од владеачката коалиција.
Вториот дел од денешниот настан ќе биде затворен за јавноста, при што се најавува дискусија за функционирањето на партијата во изминатите четири години, за моменталната политичка ситуација во земјава, како и за курсот на ВМРО-ДПМНЕ во наредниот период.
Гласањето за лидер на партијата е дестета точка од дневниот ред и ќе се реализира во недела кога се очекува Груевски по четврти пат да биде избран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ./крај/мф
Извор: Фото: Утрински весник
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март не доби поддршка од пратениците од власта. Предлогот денеска беше на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта го одбила и предлогот за јавна расправа и разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.

