Македонија
Груевски: Докажавме дека како држава умееме да се носиме со одговорноста

Оваа година се одбележуваат 23 години од независноста на државата, години низ кои граѓаните покажаа зрелост, мудрост и капацитет, години на предизвици, на успеси и премрежија, но и време низ кое покажавме како држава дека умееме да се носиме со големата одговорност да се управува со сопствената судбина, и да се носат самостојно одлуки, се вели во честитката на премиерот Никола Груевски во пресрет на националниот празник 8-ми Септември – Денот на независноста
Честитајќи им го празникот на сите македонски граѓани, премиерот Груевски истакнува дека Денот на независноста е празникот со кој се одбележува „раѓањето и се слави опстојувањето на независна и суверена Република Македонија“. Ова е празник кој преставува остварување и континуитет на трудот, вложувањата и пожртвуваноста на многу генерации граѓани кои живеа со мислата за слободна и самостојна држава, вели Груевски, и додава дека тоа е и денот со кој се празнува и „мудрата одлука на огромното мнозинство граѓани кои заокружија „да“ и се определија за самостојна Македонија“. „Денес Република Македонија има цврсто зацртани цели и визија. Нашата најголема задача е да го подобриме животот на граѓаните, да отвораме нови работни места, и да придонесеме за економски развоj и општествен напредок кој државата ќе ја напрaви посилна, а граѓаните посреќни и сигурни. Тоа е задача во која сите треба да придонесуваме, но и наша обврска за идните поколенија“ се истакнува во честитката на претседателот на Владата. Груевски притоа порачува дека овој празник треба да потсетува на предизвиците кои земјата и граѓаните ги надминале, но и да даде сила и мудрост да се продолжи натаму.
„Меѓусебното почитување и единството е тоа што може да нé однесе понапред и кон побрзо остварување на овие наши цели, бидејќи единството гради иднина! Секој од нас има сон и идеи за својата иднина, но она што е најважно е идејата за заедничка иднина. Идејата дека само сплотени во единство можеме заедно да изградиме сигурна иднина за успешна Македонија“, заклучува во празничната порака премиерот Груевски./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова со претставници на македонската дијаспора: Во процес е формирање на Совет за дијаспората како институционален облик на соработка

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го врачи признанието, кое во соработка со Македонија 2025, се доделува на истакнати личности од дијаспората за нивниот придонес во економскиот развој, здравството, социјалната сфера, образованието, науката, културата и во други области.
Оценувајќи ја работата на Македонија 2025 како обединувачка, плодна, успешна и корисна, таа информираше за процесот на формирање Совет за дијаспора како институционален облик на соработка и постојана комуникација со дијаспората, којашто ќе овозможи нејзина интеграција во македонските работи.
За исклучителна научна работа признание доби Светлана Мојсов, светски позната професорка на Универзитетот Рокфелер во Њујорк, која остави длабок и траен белег врз модерната медицина.
Признание за извонредната поддршка и медицинска помош доби Хуманитарното здружение „ЛецКер а.с,б.л.“ (LetzCare a.s.b.l) од Луксембург, а наградата ја прими неговиот претседател Сафет Алили.
За претседателката хуманоста и солидарноста се вградени во нашиот код и крунисани со животната приказна и дело на Мајка Тереза. Очекува, како што рече, „ова признание да инспирира и многу други нашинци на правење хумани дела, особено важни за најранливите сограѓани“.
Сиљановска-Давкова истакна дека давањето признание на личности и организации од дијаспората е етички и морален чин на вреднување на добрите дела и докажување на нераскинливото заедништво со нив.
На средбата со Бордот на директори, по успешните, но и емотивни приказни на врвни бизнисмени и истакнати претставници на дијаспората се потенцираше важноста на негувањето и пренесувањето на чувството на припадност од генерација на генерација, како неопходно во зачувувањето на националниот идентитет.
Таа истакна дека со „Македонија 2025“ споделуваме иста визија: да станеме компетитивен регионален економски играч, да имаме енергетска сигурност, да бидеме држава со успешен образовен и научен систем, поврзан со вештачката интелигенција и дигитализацијата, да градиме еколошка и правна држава, со силно граѓанско општество и демократска јавност.
Укажувајќи на светскиот и европскиот амбиент на неизвесност од секаков тип, од мировен до еколошки, таа ја нагласи потребата од соработка, единство и зацврстување на односите со дијаспората во сите сфери, интегрирајќи ја во македонското општество.
Македонија
Маж од Косово добил македонски пасош со лажен идентитет – се гонат две вработени во МВР

Кумановската полиција поднесе кривична пријава против М.А.(43) од Куманово и М.И.(41) од Липково, поради несовесно работење во службата.
М.А. – вработена на работно место помлад референт за управни работи во Отсек за управни работи Куманово, на 30.08.2017 примила барање за издавање на патна исправа поднесено од Х.Ј.(50) од Косово, по што во системот, во задолжителниот дел за потполнување од приложена важечка лична карта или друг важечки јавен документ во графата ја внела само таксата, без ниту еден личен податок. Потоа, извршила фотографирање за издавање на патна исправа на лицето Х.Ј.(50) од Косово без приложен важечки личен документ за идентификација со внесување и искористување на податоци на идентитет од друго лице и на тој начин му овозможила да се стекне со лажен идентитет и патна исправа од РСМ.
Додека пак, второпријавената М.И., вработена на работно место помлад советник за управни работи во Отсек за управни работи Куманово, пропуштила да изврши должен надзор и на тој начин извршила повреда на законските прописи за издавање на патна исправа. На 30.08.2017, таа го одобрила барањето за изготвување на патна исправа за лицето Х.Ј. со внесени податоци од идентитет на друго лице.
Македонија
Усје добива нова улица поплочена со павер-елементи место асфалт

Привршува изградбата на нова улица во населбата Усје, која се очекува да го унапреди квалитетот на живот на жителите во овој дел од општина Кисела Вода. Се работи за сосема нова улица со должина од 180 метри и површина од 900 квадратни метри, која е целосно поплочена со бехатон, односно павер – елементи. Оваа улица се гради во делот каде што никнуваат нови домаќинства, како директен одговор на потребите и барањата на жителите од оваа населба.
Покрај новата улица, во завршна фаза е и реконструкцијата на сите улици во населбата Усје, што се реализира како дел од стратегијата за инфраструктурна обнова на општина Кисела Вода. Пред почетокот на овие градежни активности, беше изградена и фекална канализација, со што се создадени подобри услови за урбан развој на оваа населба.
„Оваа нова улица во Усје е доказ дека кога жителите имаат јасни барања, а локалната самоуправа има слух и визија – резултатите се видливи. Градиме таму каде што досега немало ништо, создаваме услови за достоинствен живот и ја спроведуваме нашата стратегија за целосна инфраструктурна трансформација на Кисела Вода. Усје добива нов лик. Во завршна фаза е и комплетната реконструкција на останатите улици во населбата, која претходно доби и фекална канализација. Со оваа и многу други завршени или започнати интервенции, Општина Кисела Вода ја потврдува својата заложба за модерна, инфраструктурно уредена и функционална локална самоуправа. Преку планска работа, реализација на ветените проекти и одговорност кон секое населено место, како локална власт градиме подеднакво подобри услови за живот за сите свои граѓани“, вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.