Македонија
Груевски: Ќе треба да се правдам, иако немам никаква вина
Човекот кој не го признава судот и кој има огромен криминал се обидува мене и моите соработници да не прикаже исти или слични како него и сега ќе треба да се правдам, иако немам никаква вина, изјави поранешниот премиер и актуелен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по распитот пред Судија на претходна постапка во Основниот суд 1, за случајот „ТНТ“.
Груевски, алудирајќи на лидерот на опизициската СДСМ, Зоран Заев, обвини дека Специјалното јавно обвинителство (СЈО), преку Заев сака да го оцрни него и неговите соработници. „Бев повикан во судот затоа што Катица Јанева изразила сомнеж дека ќе ја напуштам земјата. Не знам дали некој во државава верува во тоа, но се гледа дека СЈО прави чекори кои се нарачани и најверојатно тоа го посакува нивниот нарачател кој во неколку наврати изјави дека не ги признава македонските судови. Веројатно тоа е негова желба, но тоа ниту ќе го сторам, ниту е вистина, ниту ќе му ја исполнам неговата желба.. Свесен е за својот политички рејтинг, свесен е дека изборите наближуваат и преку контролата што ја има врз луѓето во СЈО се обидува да ги изрелативизира рабтоите и да се обиде преку вакви апсурдни покани во судот, и мене и моите соработници да нé прикаже слични као него“, рече Груевски.Според него, ова е трет начин на којшто се обидува да го промени мислењето на народот за Груевски„Човекот кој рече дека не го признава судот и кој има огромен криминал се обидува преку вакви апсурди во Судот мене и моите соработници да не прикаже исти или слични како него. Тој се обиде во текот на минатата година преку неговите прес-конференции на кои се се објавуваа фабрикуваните материјали и не успеа. Потоа се обиде со тоа што издејствува 100 дена пред изборите да има влада за спроведување на избори, верувајќи дека на тој начин ќе доје на власт, дека ќе го промени мислењето на граѓаните, не го промени и сега се обидува на трет начин, на начин на кој постојано ќе бидам повикуван за апсурдни причини во судот и ќе треба да давам вакви изјави и да се правдам иако немам никаква вина, за народот да го промени мислењето и да почне да мисли дека можеби и ние сме слични на него“, рече Груевски.Тој не одговараше на новинарски прашања со образложение дека се брза за на настан. Груевски беше на распит во Судот еден час за уривањето на станбено – деловниот објект „Космос“, во сопственост на Фијат Цаноски, кој според СЈО бил урнат поради политичка одмазда. Груевски во овој случај е првоосомничен, а осомничени се и поранешниот Министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски.СЈО за сите нив бара да бидат одредени мерки за претпазливост. Судот во петок соопшти дека ќе одлучува по предлозите на СЈО и дека за сите осомничени е пратена покана. Во Судот на распит дојде и градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски., а се очекува да дојде и Јанакиески. Сите случаи на СЈО, по поништувањето на одлуката за аболиција на Претседателот Ѓорге Иванов продолжуваат да се истражуваат./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на „Стоп за Усје“
Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, прими претставници на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, кои ги образложија нивните ставови врзани за влијанието на цементарницата Усје врз квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето.
Истакнувајќи ги своите барања, тие укажаа на потребата од воспоставување мерни станици со 24/7 мерење на загадувачките супстанци, целосна транспарентност на добиените податоци, како и усогласување со препораките на Светската здравствена организација за граничните вредности на ПМ10 честичките.
Претставниците на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ споделија компаративни примери од други држави каде што пропишаните параметри се пониски од македонските.
Според нив, наместо да се ангажираат приватни акредитирани лаборатории за независни мерења, треба час поскоро да се забрза процесот на акредитација на државната лабораторија.
За нив, неопходна е поголема институционална поддршка и очекуваат надлежните, доследно, транспарентно и неодложно да ги извршуваат законските обврски во интерес на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните.
Претседателката, пред сè како граѓанка, ја сподели загриженоста за загадувањето на воздухот, почвата и водите, како едно од најгорливите прашања.
Сиљановска-Давкова ги сослуша аргументите и истакна дека со внимание ги следи нивните активности насочени кон поздрава и побезбедна животна средина, како врвен национален приоритет.
Таа потсети дека не случајно го именувала за член на Советот за безбедност, професор и научник од областа на метеорологијата и климатските промени, д-р Спиридонов.
Соговорниците се согласија дека животната средина е заедничка одговорност и стратешка определба, оти е неопходен континуиран дијалог меѓу граѓанските организации, институциите и стопанските субјекти заради креирање одржливи и долгорочни решенија, како и дека Собранието треба, согласно Деловникот, да ги отвори портите за нив во расправата за законите од областа на животната средина и вршењето на надзорната функција.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.

