Македонија
Груевски: Тодоров нема лична одговорност за смртта на родилките
Подготвено барање за отповикување на министерот за здравство Никола Тодоров, по неколкуте смртни случаи за само неколку дена на трудници и неродени деца, достави во четврток на седницата на Собранието за пратенички прашања, пратеничката на СДСМ, Рената Дескоска до премиерот Никола Груевски, кој требаше само да го потпише.
Сепак тоа не се случи, а Груевски во одбрана на министерот за здравство наброја што се ВМРО-ДПМНЕ направила за здравството од како се на власт, дека се вложиле 100 милиони евра за нова апаратура, дека се праќаат по 1.000 медицински лица на обуки во најдобрите универзитети, дека се реконструираат и се градат нови болници, дека неколкупати се зголемувала платата на лекарите и друго.
„Примерот на починатите мајка и неродено дете во Гевгелија и неколкуте други деца за кои животот штотуку требаше да почне, го вперува прстот во врвот на здравството. Тодоров како лаик за здравство не требаше да прифати да биде министер. Ги потценивте сите лекари во ВМРО-ДПМНЕ кога за министер им ставивте правник “, рече Дескоска, поставувајќи го пратеничкото прашање.
Таа појасни дека во болницата во Гевгелија постојат одделенија за гинекологија и за педијатрија без вработен специјалист гинеколог или педијатар, а се носат заменски лекари од други градови и дека тоа е во надлежност на министерот кој треба да обезбеди персонал и да прати лекари на специјализација.
„Ја разбирам нејзината потреба како пратеник на СДСМ да бара разрешување на министри, да бара нивна вина, меѓутоа покрај тоа што е демократски и легитимно, секое барање треба да има смисла, да има агрументи, а не само да се впери прст за некоја лична вина. Што остави СДСМ во 2006, остави хаос, никакво инвестирање во здравството. Сега имаме 11 пати поголем буџет за здравство. Тоа покажува колку во тоа време партијата која ја претставува пратеничката сакала да вложува во здравството. Системот хаос, никакви обуки за лекари, никаков систем за подобра организација во овој ресор. Денеска, имаме голем пресврт и силно подобрување. Тоа не значи дека сè е добро и не може ништо да се поправи, но факт е дека ова се години во кои во здравството се направија инвестиции и системски зајакнувања. 100 милиони евра за набавка на нови апарати, ставени во употреба на задоволство на граѓаните. Целосно реконструирање и обнова на болници и клиники. Наследивме болници и клиники во распад. Што паднало, не станало. Што се уништило никој не го поправил’, рече Груевски.
Наброја дека вовеле системски мерки за стимулација на лекарите и персоналот, го вовеле ДРГ системот, се зголемиле платите во здравството, се прават крупни работи кои никогаш во таков краток период не се направени. Во здравството се имплементираат нови методи на операции, дијагностицирање, медицински персонал оди на обуки во многу напредни болници, се даваат голем број стипендии.
„Детали за ова ќе слушнете на денот на интерпелацијата. Што сè е направено во здравството ќе слушнете во интерпелацијата“, рече Груевски.
„Здравството е нешто каде најмногу може да се критикува. Ќе се случи некоја несреќа и најлесно е да се впери прстот во министерот без разлика дали има лична вина. Постојат институции кои ќе видат зошто некој починал и кој треба да носи одговорност ако имало некоја грешка. Како што ќе испаднат тие истажувања за несреќните случаи, така ќе се постапи“, додаде Груевски.
Дескоска не беше задоволна од одговорот и рече дека „за жал очигледно за вас човечкиот живот нема значење“.
„Ова покажува дека секојдневните смртни случаи во здравството не се случајни, туку е од негрижа. Затоа вашите сопруги се пораѓаат во приватните болници, а не во јавните. Вие ги туркате граѓаните да плаќаат здравство, а да се лечат во приватни установи каде вашиот ортак во купување парцели е главен инвеститор“, рече Дескоска, која додаде дека бегање од одговорност не е одговор./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип
Од 23:25 часот, вчера вечер сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип целосно е нормализиран, извести АМСМ.
Претходно, од 19:10 часот, поради сообраќајна несреќа на експресниот пат Кочани – Штип во близина на село Тркање, сообраќајот беше во целосен прекин.

