Македонија
Хан: Државите од Балканот потпишаа дека нема да си поставуваат пречки на патот кон ЕУ
Македонците мора да го спроведат реформскиот пакет за да почнат преговори за приклучување во ЕУ, а државите од Балканот на самитот за Западен Балкан потпишаа и дека меѓусебно нема да си поставуваат пречки на патот кон ЕУ, вели во интервју за австрискиот весник „Стандард“, еврокомесарот Јоханес Хан.
Хан, меѓу другото, се осврнува на состојбите во Македонија и проблемот со името, јавува Дојче Веле на македонски јазик.
„Во меѓувреме сите сфатија дека ние сме во извесна мерка соодговорни поради тоа што не се успеа во надминување на ова (разликите во спорот околу името, н.з.) Но, сега пред се‘ Македонците мора да спроведат реформи. Со наше посредство е договорен обемен реформски пакет, кој се надевам дека ќе придонесе за надминување на долгогодишната политичка криза. Спроведувањето на реформскиот пакет е предуслов за воопшто да може да се разговара за евентуален почеток на конкретни преговори за приклучување. Паралелно со тоа, да се надеваме, ќе се расчистат небулозите во Грција. Ние отвораме и нови гранични премини меѓу Грција и поранешната југословенска Република Македонија. Потребни сме им, затоа што поради спорот околу името тие не можат да склучуваат државни договори. Но има и напредок. Во заклучоците од самитот за Западен Балкан, државите од Балканот потпишаа и дека меѓусебно нема да си поставуваат пречки на патот кон ЕУ. Тоа до пред една година беше незамисливо“, вели Хан.
Според неговите информации има напредок во преговорите меѓу партиите за избор на специјалниот обвинител, едно од прашањата кое е дел од договорот во Пржино којшто го потпишаа лидерите на најголемите политички партии за надминување на политичката криза.
„Опозицијата наредната недела мора, како што е договорено, да се врати во парламентот. Потоа ќе биде именуван Специјален обвинител. Во врска со тоа, од страна на двете големи партии слушам дека добро се напредува. Ние, ЕУ и меѓународната фамилија, ќе вложиме огромен напор за изборите во април да бидат фер и да минат во согласност со меѓународните стандарди, како и да бидат добро набљудувани.“
Германскиот печат денеска, инаку, е полн со коментари за бегалците, нивните проблеми, улогата на Европа, но и за бизнисот со криумчарење луѓе, кој за организираниот криминал стана еден од најдоходовните.
Во текстот со наслов „Најопасната рута за патување во светот“, „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ наведува:
„Според истражувачката мрежа „The Migrant’s Files“, шверцерите во изминатите 15 години од криумчарењето на 1,2 милиони луѓе заработиле околу 16 милијарди евра, значи 13.000 евра по случај. Австриските власти, врз основа на сослушувања, имаат свои податоци. Оној кој сака да стигне од Србија во Австрија или да патува натаму кон запад, мора да плати од 700 до 1200 евра. Патот од Грција чини од 3000 до 5000 евра, а од Турција од 6000 до 10.000 евра. За пат од Сирија криминалците бараат меѓу 8000 и 12.000 евра, а ’семејниот попуст’ изнесува 35.000 евра. Кој ќе се осмели на пат со брод, од Либија кон Италија, за едно место под палуба плаќа 4000, а на палуба – 6000 евра… ’Тарифите не се фиксни, на оној кој има повеќе пари шверцерите му земаат повеќе’, нагласува Марио Хејл од Криминалистичката служба во Виена. Притоа, заштитата на границите има изненадувачки мало влијание врз бизнисот: Ниту оградата на Унгарија, која го отежнува преминот, ги зголеми цените, ниту пак отворањето на границата меѓу Грција и Македонија ги спушти, се вели, меѓу другото, во текстот на „ФАЦ.“/крај/мф/ффс
Извор: DW
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пожар во струмичко, поради силниот ветер огнот брзо се раширил
Пожар избувна денеска во 12.30 часот во атарот помеѓу селата Вељуса и Ангелци во Струмица, кој поради силниот ветер се ширел брзо.
Од Територијалната противпожарна единица Струмица соопштија дека била зафатена поголема површина од сува трева и трски.

„ТППЕ Струмица интервенираше со две ПП возила и шест пожарникари-спасители. Пожарот е целосно изгаснат околу 15.00 часот со што е спречено негово ширење и предизвикување поголема материјална штета“, велат од таму.
Во случај на пожар или друга природна непогода граѓаните може да се јават на 112 или 193.
Македонија
Милошоски на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од ЈИЕ во Будимпешта
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, на 26 и 27 февруари ќе учествува на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа, која ќе се одржи во Будимпешта, во организација на Националното собрание на Унгарија.
Станува збор за традиционален меѓупарламентарен форум што се организира од 2004/2005 година и претставува значајна платформа за политички дијалог и парламентарна соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа. Фокусот на конференцијата е насочен кон регионалната соработка, европската интеграција и заедничкото справување со актуелните политички, економски и безбедносни предизвици во регионот.
Во рамки на официјалната агенда, на 27 февруари ќе се одржи 12-тата Конференција на претседатели на парламенти, на која ќе учествуваат спикерите и шефовите на делегации од земјите на Југоисточна Европа, како и од земјите на Вишеградската група. Централна тема на првата сесија ќе биде „Состојбата на проширувањето во регионот на Југоисточна Европа“, додека втората сесија ќе биде посветена на „Економските инвестиции и енергетските поврзувања – предизвици и можности во регионот“.
На конференцијата се предвидени обраќања на високи претставници на земјата домаќин, како и на претставници на Европската унија и меѓународни организации, по што ќе следат дискусии и излагања на учесниците. Во завршниот дел е планирано усвојување на заедничка парламентарна декларација, како и билатерални средби меѓу делегациите.
„Собранието на Република Северна Македонија редовно учествува на оваа конференција, која претставува важен дел од напорите за унапредување на парламентарната дипломатија и зајакнување на европската перспектива на регионот“, пишува во соопштението.
Македонија
Предложени мерки за унапредување на правото на здравје на лицата со попреченост
Во Собранието се одржа настан на тема „Унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост“, во организација на Интерпартиската парламентарна група (ИППГ) за правата на лицата со попреченост, во соработка со Зета – организација за попреченост и правда, Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес, Порака – Неготино и Еко – Живот – Кавадарци.
Настанот имаше за цел отворање институционален дијалог за унапредување на пристапот до здравствени услуги, подобрување на системските решенија и зајакнување на соработката помеѓу законодавната и извршната власт и граѓанскиот сектор, при што беа презентирани и наодите од анализата за предизвиците со кои се соочуваат семејствата на лицата со попреченост, како и можните решенија поврзани со нивниот медицински третман, со цел обезбедување еднаков и достоинствен пристап до здравствена заштита.
Претседателот на ИППГ за правата на лицата со попреченост, Никола Мицевски, истакна дека правото на здравје е фундаментално човеково право, нераскинливо поврзано со правото на живот и заштитата на човековото достоинство. Уставот гарантира здравствена заштита за секој граѓанин, што претставува обврска институциите континуирано да го унапредуваат системот и да обезбедат еднаков, квалитетен и навремен пристап до здравствени услуги за лицата со попреченост. Собранието останува отворено за предлозите и искуствата на граѓаните со цел носење одржливи и инклузивни решенија.
Во активна дискусија присутните имаа можност да ги искажат предизвиците со кои се соочуваат при остварувањето на правото на здравје, како и предизвиците со кои се соочуваат институциите и другите чинители во оваа област. Беше нагласена потребата од континуирани реформи во здравствениот систем, унапредување на законската рамка, обезбедување финансиска одржливост на услугите и воведување механизми за следење на спроведувањето на политиките.
Како предложени мерки за унапредување на правото на здравје на лицата со попреченост се:
· Ортопедските помагала кои се обезбедуваат на товар на Фондот за здравствено осигурување, да бидат целосно усогласени со индивидуалните потреби на лицата со попреченост, да овозможуваат избор и да бидат со подобар и проверен квалитет, во согласност со современите медицински и технолошки стандарди;
· Адаптација на здравствените установи на сите нивоа на здравствена заштита со цел обезбедување целосна физичка, сензорна и комуникациска пристапност за лицата со попреченост, во согласност со принципите на универзален дизајн;
· Воведување задолжителна, континуирана обука за здравствените работници за работа со лица со различни видови на попреченост, со фокус на пристап базиран на човекови права, достоинство, недискриминација и информирана согласност.
· Унапредување на системот „Мој термин“, со воведување механизми за приоритетно закажување за лицата со попреченост, особено за лица со попреченост кои имаат потреба од поголема поддршка, хронични состојби.
„Настанот се одржа во клучен момент – кога се подготвуваат измените на Законот за здравствена заштита и претставува значаен чекор кон градење поинклузивен здравствен систем, заснован на еднаквост, пристапност и почитување на човековите права. На истиот беа донесени заклучоци во насока на унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост“, се наведува во соопштението од Собранието.

