Македонија
Илјадници излегоа на протести по одлуката на Иванов
Повеќе илјади граѓани, во вторник вечер излегоа на протести во Скопје, по одлуката на претседателот Иванов да прогласи аболиција за сите политичари и од власта и од опозицијата.
Граѓани протестираа пред Народната канцеларија на претседателот Иванов во центарот на градот како и пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Протести имаше и пред седиштето на СДСМ.Илјадници граѓани протестираа низ улиците на Скопје против одлуката на Иванов до доцна во ноќта. Демонстрантите, најпрво излегоа околу 18 часот, пред просториите на Специјалното јавно обвинителство, па потоа заминаа пред канцеларијата на Иванов во центарот на градот, а потоа направија прошетка од пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, преку владата и повторно назад пред зградата на владејачката партија.Граѓаните извикуваа „Оставка“, „Мафија“, „Нема правда, нема мир“, а врз канцеларијата на Иванов фрлаа и со јајца. Демонстрантите не успеаја да се приближат до седиштето на ВМРО-ДПМНЕ кое беше чувано од кордони полиција.Вечерта, поголема група луѓе протестираше и пред седиштето на СДСМ поради, како што рекоа, аболицијата на Заев. Граѓаните, што дојдоа пред седиштето на СДСМ, велат дека се револтирани од одлуката за помилување на лидерот на СДСМ, Зоран Заев и на Зоран Верушевски.Одлуката на претседателот Иванов предизвика и критики не само од опозициските партии предводени од СДСМ, туку и од ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, и од речиси сите полами парламентарни и вонпарламентарни партии, како и од еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и странските мисии во Скопје. Според нив, постапката на македонскиот претседател ги загрозува изгледите на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО. Хан рече дека се сомнева дека во такви околности претстојните парламентарни избори би можеле да бидат кредибилни„Во светло на овие случувања, имам сериозен сомнеж дали се можни веродостојни избори во Македонија“, рече Хан, оценувајќи дека евроатлантската иднина на земјата е „сериозно загрозена“. Од ЕУ освен загриженост по одлуката на Иванов, потсетуваат и дека државата се обврза да го промовира владеењето на правото и борбата против неказнивоста.Брисел притоа уште еднаш ја потврди поддршката за Специјалното Обвинителство и бара тоа „да продолжи да ги истражува сериозните проблеми кои беа откриени минатата година“./крај/со/бб
Извор: Фокус
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

