Македонија
Истрагата за личните карти е тајна, а во јавноста се пласираат детали
Основното јавно обвинителство – Скопје како надлежно обвинителство согласно законската регулатива, оформи предмет за настанот со наводно фалсификувани лични карти, но не е во можност да соопшти детали.
„Во тек е предистражна постапка во која досега е прибавена релевантна писмена документација и потребни податоци. Во тек е спроведување на истражни дејствија, за кои во моментов не сме во можност да споделиме детали. Имено, согласно член 289 од Законот за кривична постапка ‘сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна’“, се вели во соопштението од Обвинителство.Од друга страна, во четврток, заменик министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, изјави дека Државната изборна комисија и Јавното обвинителство потврдиле дека фалсификуваните лични карти не се користеле на изборите и дека имињата на овие исправи не фигурираат во избирачкиот список.Во петок, пак, Антонио Милошоски, член на Извршниот комитет на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, рече дека „фабрикуваниот случај со личните карти“ всушност е обид за создавање алиби од страна на СДСМ за поразот што ги очекува на изборите во април.„Јавноста ги слушна овие факти преку медиумите, но за жал, не ги слушна преку техничкиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Г-не Спасовски, ако мислевте да сокриете и да одмолчите, вистината нема да се сокрие и да одмолчи. Ако господинот Спасовски мислеше дека вистината нема да допре до граѓаните и до јавноста, и дека ќе остане да виси сомнежот од аферата дека фалсификуваните лични карти што ги објави неделникот Фокус, можеби биле употребувани на изборите, сепак, фактите се позначајни од манипулациите. Оливер Спасовски мислеше дека ако остане сомнежот, тогаш граѓаните нема да сфатат дека можеби единствената цел на оваа афера била токму да се нарушува угледот на институциите и на државата Република Македонија, се со цел да се покрие изборниот неуспех во минатото и во иднина на СДСМ“, рече Милошоски.Тој го повика Спасовски да одговори кој стои зад аферата „фабрикувани лични карти“.„Кој ја пласира оваа афера, со оглед на тоа што се работи за медиум близок на вашата партија? Кој нарачал да се изработат овие фалсификувани лични карти? Кој одлучил тие да бидат предадени токму на неделникот Фокус, близок до СДСМ? И кој одлучил дека е добро, и Фокус и Вие како технички Министер да отпочнете медиумска кампања без да имате каква било потврда за сомневањата дека фалсификуваните лични карти биле употребени или злоупотребени од некого за гласање? Г-не Оливер Спасовски, дали сфаќате дека Вие и неделникот Фокус усогласено ги обвинувате и понижувате вработените во МВР каде што сте технички министер? Ова е недостојно однесување“, рече Милошоски и од Спасовски побара извинување на целокупната јавност./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

