Македонија
Иванов: Да се почитува меѓународното право и во случајот со Македонија
Општа оценка е дека постои огромна загриженост, пред се, за состојбите во Украина. Тоа носи многу емоции, како што се виде во излагањата на учесниците, а се чувствува и вознемиреност иако на 51. Минхенската безбедносна конференција, како еден од најзначајните глобални форуми, се расправа за прашања од безбедноста, но и за сите прашања кои се предизвици на нашето време.
Ова го истакна претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по денешното завршување на тридневната конференција во Минхен, јавува МИА.
Тој додаде оти Минхенската конференција е позната како форум на кој секогаш се настојува преку дијалог и на мирен начин да се решаваат конфликтите кои постојат и да се превенира.
Потенцирајќи дека конференцијата е можност за средби со многу лидери, експерти и други луѓе кои носат одлуки во сферата на безбедноста, Иванов информира дека сите негови досегашни учества на оваа конференција, вклучувајќи ја и оваа година, ги искористил за размена на мислења, контакти и средби, со сите оние кои на некој начин се поврзани со нашиот регион.
На билатералните средби во Минхен, македонскиот претседател укажал за нашата состојба бидејќи, како што рече, можевме да слушнеме дека најчесто се повикуваат на почитување на меѓународното право.
„ Укажав дека тоа е и нашиот проблем што го имаме со нашиот сосед, затоа што отсуствува почитувањето на меѓународното право и веќе донесените договори кои постојат. Укажав и на тоа дека Македонија долго време е блокирана поради непочитувањето на меѓународното право од страна на нашиот јужен сосед и оти за нас треба да важат оние позитивни искуства кои ги имаме во нашиот регион за паралелно движење на процесот на преговарање за членство во ЕУ, кој го трансформира нашето општество“, изјави Иванов.
Тој појасни дека сите земји од нашиот регион ги трансформираа своите општества и сите нивни институции се прилагодени на европските стандарди и принципи односно се менува целиот амбиент.
„Токму тоа е она што нас ни недостасува и поради блокадата ги гледаме и актуелните состојби кај нас во земјата и до каде сето тоа води“, рече претседателот Иванов, додавајќи дека неговите соговорници пројавиле интерес за се она што е закана за нашиот регион како што се тероризмот и странските борци.
Претседателот Иванов, придружуван од министерот за надворешни работи Никола Попоски учествуваше на 51.Минхенска безбедносна конференција./крај/мф/
Извор: МИА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.

